Судии 2:10-15
Судии 2:10-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
и кога целото поколение им се придружи на своите предци, и настана по нив друг род, кој не Го знаеше Господа и делата Негови, какви што му беше направил на Израел, – тогаш Израеловите синови почнаа да прават зло пред Господ и да му служат на Ваал; Го оставија Господа, Бог на татковците нивни, Кој ги беше извел од земјата египетска, и се свртеа кон други богови, кон боговите на тамошните места, и почнаа да им се поклонуваат, и Го разгневија Господа; Го оставија Господа и почнаа да им служат на Вааловци и на разни Астарти. Тогаш Господ силно се разгневи против Израелците и ги предаде во рацете на грабачи, кои ги ограбуваа; и ги предаде во рацете на околните народи, и не можеа повеќе да одолеат пред непријателите свои. Насекаде, каде и да отидеа тие, раката Господова беше против нив на зло, како што им беше говорел Господ и како што им се беше заколнал Господ. И тие беа на голема мака.
Судии 2:10-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кога сето она поколение им се придружи на своите татковци, го наследи друго поколение, што не Го познаваше Господа ни за делата што ги направил за Израел. Тогаш Израелевите синови почнаа да прават што не Му е по волја на Господа, и им служеа на Ваалите. Го оставија Господа, Бога на своите татковци, кој ги изведе од Египетската Земја, и тргнаа по други богови, меѓу боговите на околните народи. Им се поклонуваа, Го разгневија Господа. Отпаднаа од Господа за да им служат на Ваал и на Астарта. Затоа Господ го излеа Својот гнев на Израел: ги остави на ограбувачите да ги ограбуваат, им ги предаде на непријателите наоколу, така што не можеа да им се спротиват. Што и да почнеа, Господовата рака се свртуваше против нив за нивна несреќа, како што им рече Господ и како што им се заколна. И така паднаа во голема неволја.