Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Судии 14:1-20

Судии 14:1-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И отиде Самсон во Тимна и таму виде мома од филистејските ќер­ки. Тогаш тој отиде и им јави на татко си и на мајка си и рече: „Видов во Тим­на девојка од филистејските ќерки; земете ми ја за жена.“ Татко му и мајка му рекоа: „Зар нема мома меѓу ќерките на браќата твои и во сиот народ, па одиш да земеш жена од необрезаните Филистејци?“ А Самсон му одговори на татко си: „Неа земи ми ја за жена, бидејќи таа ми се свиде.“ Татко му и мајка му не знаеја дека тоа е од Господ, и дека тој бара изговор да им се одмазди на Филистејците; во тоа време Филистејците владееја над Израел. И отиде Самсон со татко си и мајка си во Тимна, и кога се приближуваа до лозјата на Тимна, ете еден млад лав, рикајќи му доаѓаше во пресрет. И Духот Господов слезе врз него, и тој го раскина лавот како јаре; а во раката негова немаше ништо. И не им кажа на татко си и на мајка си што направи. И дојде и поразговара со девојката, и таа му се допадна на Самсон. По неколку дена, тој пак отиде, за да ја земе, и наврати да го види трупот на лавот, и ете, рој пчели на трупот од лавот и мед. Тој зеде од медот во рацете свои, тргна и јадеше по патот; и кога дојде кај татко си и мајка си, им даде и ним, и тие јадеа; но не им кажа дека тој мед го зел од трупот на лавот. Дојде и татко му кај девојката, и таму Самсон приреди гозба, како што обично прават младоженците. И штом го видоа таму, избраа трие­сет свадбени другари, кои ќе бидат кај него. И им рече Самсон: „Ќе ви поставам една гатанка: ако ми ја одгатнете во текот на седум дена додека трае гозбава и ја погодите точно, ќе ви дадам три­есет кошули и триесет промени; ако, пак, не можете да ја одгатнете, вие ќе ми дадете триесет кошули и триесет промени.“ Тие му рекоа: „Пос­тави ја гатанката, да ја чуеме.“ И им рече: „Од јадачот излезе јадење, и од силниот излезе слатко.“ И три дена не можеа да ја одгатнат га­танката. На седмиот ден тие ѝ рекоа на Самсоновата жена: „Премисли го ма­жот твој, да ни ја одгатне гатанката; инаку ќе те изгориме со оган тебе и домот на таткото твој; зар нѐ поканивте да нѐ ограбите.“ И плачеше пред Самсон жената негова, велејќи: „Ти ме мразиш и не ме сакаш; ти им зададе гатанка на синовите на мојот народ, а мене не ми ја одгатнуваш.“ Тој ѝ рече: „На татко ми и на мајка ми јас не им ја одгатнав, на тебе ли да ти ја кажам?“ И плачеше таа пред него седум дена, додека траеше гоштевањето нивно. Најпосле на седмиот ден тој ѝ ја одгатна, бидејќи таа упорно го молеше. А таа им ја кажа гатанката на синовите на нејзиниот народ. И на седмиот ден пред зајдисонце му рекоа граѓаните: „Што е послатко од мед, и што е посилно од лав?“ Тој им рече: „Да не бевте орале со мојата јунечка, немаше да ја одгатнете гатан­ката моја.“ И Духот Господов слезе врз него, и тој отиде во Ашкелон, каде што уби триесет мажи, ги соблече од нив алиш­тата, им ги даде промените на оние што ја беа одгатнале гатанката; и се расрди многу, па отиде во куќата на таткото свој. А жената на Самсон му ја дадоа на неговиот свадбен другар, кој му беше пријател.

Судии 14:1-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И Самсон слезе во Тамнат и здогледа таму девојка од филистејските ќерки. Откако се врати, им го довери тоа на таткото и на мајката: „Забележав во Тамнат - рече тој - девојка од филистејските ќерки: оженете ме со неа.“ Таткото и мајката рекоа: „Зар нема девојки меѓу ќерките на твоето племе и во сиот наш народ, па ти одиш да земеш жена од необрезаните Филистејци?“ Но Самсон му одговори на татка си: „Ожени ме со неа, зашто таа ми замиле.“ Таткото и мајката не знаеја дека тоа е од Господа, Кој бараше закачка со Филистејците, зашто во тоа време Филистејците владееја над Израел. б. Самсон убива лав Така Самсон слезе во Тамнат и кога дојде во Тамнатските Лозја, ете - одненадеж пред него скокна млад лав, рикајќи. Господовиот Дух го опфати Самсона и тој голорак го раскина лавот, како што се раскинува јаре; но не им кажа ни на таткото ни на мајката што направил. Откако дојде, разговараше со девојката, и така му замиле. По некое време, кога се врати да ја одведе, Самсон сврти за да го види мртвиот лав, а ете во мртвиот лав рој пчели и мед. Тој зеде мед во рацете, и го јадеше одејќи патем. Кога се врати при таткото и при мајката, им даде и ним, па и тие јадеа, но не им кажа дека го зел од мртов лав. Потоа отиде кај жената, и таму му приготвија гозба на Самсона; траеше седум денови, зашто таков обичај имаа младоженците. Но бидејќи се плашеа од него, избраа триесет свадбени другари да бидат покрај него. Тогаш Самсон им рече: „Ајде да ви дадам загатка. Ако ја отгатнете во текот на седумте свадбени денови, ќе ви дадам триесет ленени кошули и триесет свечени облеки. Но ако не можете да ја отгатнете, вие ќе ми дадете мене триесет ленени кошули и триесет свечени облеки.“ „Кажи ни ја загатката - му одговорија тие - ние те слушаме.“ А тој им рече: „Од оној што јаде излегло јадење, од силниот излезе слатко.“ Но за три дни не можеа да ја отгатнат загатката. г. Самсон ја објаснува гатанката. Предавство на Самсоновата жена На четвртиот ден ѝ рекоа на Самсоновата жена: „Извлечи го од мажот, со измама, решението на гатанката, или ќе ве спалиме и тебе и татковиот ти дом! Зар нѐ повикавте тука, за да не ограбите?“ Тогаш жената, расплакана, пред него рече: „Ти само ме мразиш, и не ме љубиш. Им даде гатанка на синовите на мојот народ, а мене не ми ја објасни.“ Тој ѝ одговори: „Не им ја објаснив ни на таткото ни на мајката, па тебе ли ќе ти ја објаснам?“ Таа му плачеше околу вратот седум денови, колку што траеше гозбата. На седмиот ден тој ѝ ја кажа, зашто му досади многу. А таа им ја кажа на синовите на својот народ. На седмиот ден, пред зајдисонце, луѓето од градот му рекоа на Самсона: „Што има послатко од мед и што има посилно од лав?“ А тој им одговори: „Ако не оравте со мојата јуница, не ќе ја погодевте гатанката.“ Тогаш Господов Дух дојде на него, па тој слезе во Аскалон и таму уби триесет луѓе, им ја зеде облеката и им даде свечени облеки на оние, кои ја отгатнаа гатанката, а тогаш сиот гневен се врати во татковата куќа. А Самсоновата жена му ја дадоа на другарот, кој му беше свадбен придружник.