Јаков 5:10-20
Јаков 5:10-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Драги мои, следете го примерот на пророците што зборуваа во името на Господ. Тие имаа трпение, дури и кога мораа да страдаат. Оние што најмногу издржаа, најмногу и ги почитуваме. Сте слушнале какво трпение покажа Јов и знаете како Господ на крајот го благослови. Господ е полн со милост и сочувство. Но пред се, драги пријатели, немојте да се колнете, ни во небото, ни во Земјата, ниту во што било друго. Доволно е да кажете само „да“ или „не“, за да не паднете под осуда. Ако некој меѓу вас е во невола, нека се моли. Ако е весел, нека пее песни на благодарност. Ако некој од вас е болен, нека ги викне старешините на црквата да дојдат и да се молат за него. Нека ги замоли да го помазат со маслиново масло во името на Господ. Ако се молите со вера, ќе му помогнете на болниот. Господ ќе го оздрави и, ако направил грев, ќе му прости. Признавајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да бидете исцелени. Енергичната молитва од праведен човек има голема сила! Илија беше човек од крв и месо, како што сме и ние. Кога тој се помоли да не врне дожд - три и пол години дожд не заврна на земјата. Потоа пак се помоли и заврна дожд, па земјата си ги даде своите плодови. Пријатели мои, христијани, ако некој од вас застрани од вистината, треба да се потрудите да го вратите назад. Оној што ќе врати грешник од погрешен пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие многу гревови.
Јаков 5:10-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците што зборуваа во името Господово. Ете, блажени се оние што истрајаа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него. А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту пак со некоја друга заклетва. И зборот нека ви биде да – да и не – не, за да не паднете под суд! А ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога; весел ли е, нека Го фали Господа! Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат и да извршат помазание над него со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат. Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг за да се исцелите. Голема сила има усрдната молитва на праведникот. Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод. Ако, браќа, некој од вас се отклони од вистината, и ако некој друг го поврати, тој нека знае дека оној што обрати грешник од лажлив пат, спасува една душа од смрт и ќе покрие многу гревови.
Јаков 5:10-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
За пример на злострадањата и на долготрпението земете ги, браќа, пророците, кои зборуваа во Господово име. Ете, блажени ги наречуваме оние, кои претрпеа. Чувте за трпењето на Јов, а видовте како Господ го заврши тоа; зашто Господ е многумилостив и сочувствителен. А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту со некаква друга клетва! Вашето „да“, да биде „да“, а вашето „не“ - „не“, за да не паднете под суд. Страда ли некој меѓу вас, нека се моли; весел ли е некој, нека Го фали Бога. Боледува ли некој меѓу вас, нека ги повика старешините на црквата, и тие нека се помолат над него, и нека го помажат со масло во името на Господа, и молитвата на вера, ќе го спаси болниот и Господ ќе го крене, и ако направил гревови, ќе му бидат простени. И така, исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите! Делотворната молитва на праведникот има голема сила. Илија беше човек по природа ист како и ние, и се помоли со молитва да нема дожд и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли, па небото даде дожд, и земјата го произведе својот плод. Браќа мои, ако некој се отклони од вистината, и некој го го поврати, нека знае дека оној, кој ќе го врати грешникот од неговиот заблуден пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие мноштво на гревови.