Исаија 65:1-25
Исаија 65:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Јас им се открив на оние, кои не прашуваа за Мене, кои не Ме бараа: „Еве Ме, еве Ме!“ – му велев на народ, кој не го повикуваше името Мое. Секогаш ги протегав рацете Свои кон непокорниот народ, кој одеше по лош пат, – по своите помисли, – кон народ, кој постојано Ме навредува в лице, принесува жртви во градините и пали темјан на црепчиња, седи во гробови и ноќева во пештери; јаде свинско месо, а во садовите негови има гнасно вариво; кои велат: „Застани, не доближувај се до мене, зашто сум свет за Тебе.“ Тие се дим на ноздрите Мои – оган што гори секој ден. Ете, што е напишано пред лицето Мое: нема да премолчам, туку ќе отплатам, ќе отплатам во пазувата нивна, за нивните беззаконија, вели Господ, и заедно со беззаконијата на татковците нивни, кои кадеа темјан по планините, и по ридовите Ме навредуваа, – ќе им одмерам полна плата во пазувите нивни и за нивните поранешни дела. Вака вели Господ: „Како што во гроздот има сок, и велат не го повредувај, зашто во него има благослов; исто ќе направам и за Моите слуги, и нема сите да ги погубам. И ќе произведам од Јаков потомство, а од Јуда – наследник на Моите гори; и тоа ќе го наследат Моите избрани, таму ќе живеат слугите Мои. И Сарон ќе биде пасиште за овци, а долината Ахор – пладниште за говедата на Мојот народ, кој Ме побара. А вас, кои Го оставивте Господа, ја заборавивте Мојата света гора, готвите трпеза за Гад и отворате полна чаша за Мене, – вас ве определив за меч, сите ќе се наведнете за колење, зашто викав – и не одговаравте, говорев – не слушавте, но вршевте зло пред очите Мои и го избиравте она, што не беше по волјата Моја.“ Затоа вака вели Господ Бог: „Ете, слугите Мои ќе јадат, а вие ќе гладувате; слугите Мои ќе пијат, а вие ќе се измачувате од жед; слугите Мои ќе се веселат, а вие ќе бидете во срам; слугите Мои ќе пеат од срдечна радост, а вие ќе пиштите од срдечна жалост и ќе плачете од маката во вашиот дух. И ќе им го оставите името свое на Моите избрани за проклетство; тебе ќе те убие Господ Бог, а слугите Свои ќе ги нарече со друго име, оној, што се благословува на земјата, нека се благословува со вистинскиот Бог; и кој се колне на земјата, нека се колне со вистинскиот Бог, – зашто поранешните жалости ќе бидат заборавени и сокриени од Моите очи.“ „Зашто, ете, Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат. А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создадам Ерусалим за веселба, а народот негов – за радост. Ќе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ; и нема повеќе да се чуе во него глас од плачење и глас од пискот. Таму веќе нема да има новороденче кое живее кратко, ни старец, што нема да ги исполни деновите свои; тој што ќе умре на сто години ќе се смета за момче, а оној што ќе живее помалку од сто години ќе се смета за проколнат. Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни. Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг; зашто дните на народот Мој ќе бидат како дните на дрво, и моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои. Нема да се трудат напразно и да раѓаат деца за скрб; зашто ќе бидат семе благословено од Господ, и потомците нивни со нив. И пред тие да повикаат, Јас ќе одговорам; тие уште ќе говорат, а Јас веќе ќе ги чујам. Волк и јагне ќе пасат заедно, а лавот ќе јаде слама како вол, а на змијата правот ќе ѝ биде храна: тие нема да причинуваат зло и штета по целата Моја света гора“, вели Господ.
Исаија 65:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
„Ме побараа, кои не прашуваа за Мене, Ме најдоа, кои не Ме бараа; му реков: ‘Еве Ме! Еве Ме!’ на народ, кој не го повикуваше Моето Име. Секогаш ги испружував рацете кон бунтовничкиот народ, кој оди по лош пат, по своите мисли, на народ што непрекратно Ме расрдува во лице: жртвуваат по градините, кадат на плитарите, живеат по гробовите и ноќе, на скришни места, јадат свинско, ставаат во садовите нечисти јадења. И уште зборуваат: ‘Отстрани се! Не ми се приближувај за да не те посветам.’ Тие Ми се дим во носот, оган што гори постојано. Еве, сѐ е напишано пред Мене: не ќе молкнам додека не им платам, додека не им платам во пазувите, за беззаконијата ваши и на вашите татковци, на сите заедно - зборува Господ. Кои принесуваа кадење на горите и Ме хулеа на брежињата - ќе им измерам во крилото плата за поранешните дела.“ Господ зборува вака: „Како што велат за сокот во гроздот: ‘Не уништувај го, во него е благослов!’ Така ќе направам и Јас заради Моите слуги, не ќе ги уништам сите. Ќе изведам семе од Јакова, а од Јуда наследник на Моите гори; Моите избраници ќе ги наследат, и Моите слуги ќе се населат таму. Сарон ќе стане пасиште за овците, а Ахорската Низина почивалиште за говедата - на Мојот народ, кој Ме бара Мене. А вие, кои Го оставивте Господа, кои ја заборавивте Мојата Света Гора, кои му приготвувате стол на Гад, кои му налевате налевница на Мениј, ве одредив за меч - ќе паднете ничкум, за да ве колат. Зашто ве викав, а вие не одговаравте, зборував, а вие не слушавте, туку вршевте што е зло во Моите очи, го избравте она што не е по Моја волја.“ Затоа Господ зборува вака: „Еве, Моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате. Еве, Моите слуги ќе пијат, а вие ќе жеднеете. Еве, Моите слуги ќе се веселат, а вие ќе се срамите. Еве, Моите слуги ќе се радуваат, од среќа во срцето, а вие ќе викате од болка во срцето, и ќе пиштите со скрушен дух. Своето име ќе им го оставите за клетва на Моите избраници: ‘Така ќе те убие Господ!’ А Своите слуги Тој ќе ги вика со друго име. Кој ќе се благословува во земјата, нека се благословува со вистинскиот Бог. И кој ќе се колне во земјата, нека се заколнува во верниот Бог. Зашто поранешните неволји ќе бидат заборавени, ќе бидат скриени од Моите очи. Зашто, еве, Јас создавам нова небеса и нова земја. Поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум. Веселете се и воскликнувајте довека заради она што Јас создавам; зашто, еве, од Ерусалим создавам воскликнување, од неговиот народ радост. И ќе воскликнувам над Ерусалим, ќе се радувам над Својот народ. Во него веќе не ќе се чуе ни плач ни ридање. Во него веќе не ќе има новороденче кое ќе живее малку денови, ни старец кој не би ги исполнил своите години: најмладиот ќе умре како стогодишник, а кој не ќе доживее сто години ќе биде сметан за проклет. Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце. Не ќе се измачуваат напразно и не ќе раѓаат за прерана смрт, зашто тие со своите потомци ќе бидат род на Господовите благословеници. Пред да Ме призоват, Јас ќе им одговорам; уште ќе зборуваат, а Јас веќе ќе ги послушам. Волкот и јагнето ќе пасат заедно, лавот ќе јаде слама како говедото; но змијата ќе се храни со прав. Никој не ќе прави зло ни штета на целата Моја Света Гора, „говори Господ.