Исаија 59:1-13
Исаија 59:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ете, раката на Господ не се скусила, та да не може да спасува, и увото Негово не отврднало, та да не може да слуша. Но беззаконијата ваши ве разделија од вашиот Бог, и гревовите ваши прават да го сокрива лицето Свое од вас, за да не слуша. Зашто рацете ваши се осквернети со крв, а прстите ваши – со беззаконие; устата ваша говори лага, јазикот ваш искажува неправда. Никој не го крева гласот за правда, и никој не се застапува за вистина: се надеваат на суетното и говорат лага, зачнуваат зло и раѓаат беззаконие; несат змиски јајца и ткаат пајажина; кој ќе ги изеде јајцата нивни – умира, ако, пак, ги скрши – отровна змија ќе исползи – од нив. Пајажините нивни не ги бива за облека, нема да се покријат со изработката своја; делата нивни се дела неправедни, а насилството е во рацете нивни. Нозете нивни трчаат кон зло, брзаат да пролеваат невина крв; мислите нивни – се мисли нечесни; по патеките нивни – опустошување и погибел. Тие не го знаат патот на мирот и на патеките нивни нема правда; патиштата им се искривени, и никој, кој оди по нив, не знае за мир. Затоа е и далеку од нас справедливоста, правдата не стигнува до нас: чекаме видело, а тоа темнина, – светлина, а одиме во мрак. Го пипкаме ѕидот како слепи, одиме со пипкање како без очи; на пладне се сопнуваме како во мрак, меѓу живите сме како мртви. Сите рикаме како мечки и стенкаме како гулаби, чекаме суд, а него го нема, – спасение, но тоа е далеку од нас. Зашто престапите наши пред Тебе се многубројни, гревовите наши сведочат против нас; со нас се престапите наши, беззаконијата наши ги знаеме. Ние изневеривме и се одрековме од Господ и отстапивме од нашиот Бог; говоревме клевета и насилство, зачнувавме и раѓавме од срцата наши лажливи зборови.
Исаија 59:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Не, не е прекратка Господовата рака за да спаси, ниту увото Му заглувна за да не чуе, туку вашите беззаконија создадоа разделба, меѓу вас и вашиот Бог. Вашите гревови го сокрија Неговото лице, и Тој веќе не ве слуша. Зашто вашите раце се облеани со крв, а вашите прсти во злостори. усните ви изговараат лага, а јазикот произнесува неправда. Никој не подига глас за правда, ниту некој се застапува за вистина. Се надеваат во ништожество, кажуваат лага, зачнуваат злоба, а раѓаат беззаконие. Лежат врз змијски јајца, ткаат пајакова мрежа; ако го изеде некој нивното јајце, умира, ако го скрши, од него излегува лутица. Не е можно да се облече нивното ткаење; не можеш да се покриеш со нивната ракотворба. Нивните ракотворби се злосторнички дела, прават насилство со своите раце. Нивните нозе итаат кон злото, и се брзи за да пролеат невина крв. Мислите им се злосторнички мисли, опустувања и пропаст се на нивните патишта. Тие не го познаваат патот на мирот, нема правда на нивните патеки. Ги искривија своите патишта, кој тргнува по нив, не го познава мирот. Затоа правото се оддалечи од нас, затоа правдата не достига до нас. Ѝ се надевавме на светлината, а тоа темнина; и на виделото, а тоа одиме во мрак. Пипаме како слепци вдолж по ѕидот, тапкаме како без очи. Се сопнуваме на пладне како во примрак, сосем здрави, како да сме мртви. Сите ‘ржиме како мечки, и стенкаме тажно како гулаби. Го чекавме судот, а него го нема, и спасението - далеку е од нас. Зашто се многу нашите престапи пред Тебе, и нашите гревови сведочат против нас. Навистина, нашите престапи се пред нас, ние ја знаеме нашата вина; се побунивме и Го одрековме Господа, се одметнавме од својот Бог, зборувавме подмолно, одметнички, мрморевме лажливи зборови во срцето.