Исаија 51:9-23
Исаија 51:9-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Крени се, крени, облечи се во сила, рако Господова! Дигни се, како во древните дни, во дамнешните родови! Зар не го уништи ти Рахав, зар не го порази змејот? Не го исуши ли морето, водите и големата бездна, не ги претвори ли морските длабочини во пат, за да поминат искупените? Ќе се вратат избавените од Господ, и ќе дојдат на Сион со пеење, и вечна радост ќе има над главата нивна; тие ќе најдат радост и веселба; скрбта и воздишките ќе исчезнат. Јас, Јас Самиот сум ваш Утешител. Кој си ти, та се плашиш од човек, кој умира, и од човечки син, кој е како трева? Го забораваш Господа, својот Творец, кој го прострел небото и ја основал земјата; и непрестајно, секој ден се плашиш од јароста на угнетувачот, како да е готов тој да истреби. Но каде е сега јароста на угнетувачот? Скоро ќе биде ослободен заробениот, и нема да умре во јамата, ниту ќе му недостига леб. Јас сум Господ твој, Кој го бранува морето, та брановите негови бучат – Јахве Саваот е името Негово. И Јас ги ставив Моите слова во устата твоја, и со сенката на раката Своја те покрив кога го простирав небото и ја утврдував земјата и му реков на Сион: „Ти си Мој народ.“ Разбуди се, разбуди се, стани, Ерусалиме, ти, кој од раката на Господ ја испи чашата на јароста Негова, до дното си ја испил и исушил чашата што опива. Меѓу сите синови, од него родени, нема кој да го води, и меѓу сите синови, од него одгледани, нема кој за рака да го придржи. Тебе те снајдоа две неволји, кој ќе те пожали? – Опустошување и истребување, глад и меч: кој ќе те утеши? Синовите твои изнемоштеа, лежат по аглите на сите улици, како срна во стапица, исполнети со гнев Господов, со заплашување од твојот Бог. И така, ислушај го ова ти, кој си страдалник и пијан, но не од вино. Вака вели Господ твој, Господ и Бог твој, Кој го брани Својот народ: „Ете, ја земам од раката твоја чашата што опива, од чашата на Мојата јарост ти веќе нема да пиеш. Ќе ја дадам во раката на твоите мачители, кои ти велеа: ‚Падни ничкум, за да минам по тебе‘; и ти го подметнуваше грбот свој како земја и како улица за минувачите.“
Исаија 51:9-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Разбуди се! Разбуди се! Препаши се со сила, Господова мишко! Разбуди се како во старите денови на дамнешните поколенија. Не си ли ти, што го исече Рав и што го прободе змевот? Не си ли ти што го исуши морето, водата на големата бездна, и што направи пат од морските длабочини, за да поминуваат по него искупените? Ќе се вратат оние кои ги ослободи Господ, и со радосни извици ќе дојдат на Сион. Вечна веселба ќе им биде над главите, ќе ги придружуваат: воскликнувања и радост, ќе ги снема тагата и воздивнувањата. „Јас Сум вашиот Утешител. Кој си ти за да се боиш од смртен човек и од човечки син, кој е како трева? Го заборави Господа, својот Создател, Кој ги распростре небесата и Кој ја основа земјата; непрекратно трепериш, секој ден, од гневот на угнетувачот. Како да се приготвува за да се уништи. Но каде е сега гневот на угнетувачот? Скоро ќе биде слободен заробеникот, нема да умре во јама, ниту ќе му недостига леб. Зашто, Јас Сум Господ, твојот Бог, Кој го раздвижувам морето за да му бучат брановите, Името Ми е Господ над Војските. Своите зборови ги ставив во твојата уста, во сенката на Својата рака те скрив кога ги распрострев небесата, кога ја основав земјата и кога му реков на Сион: ‘Ти си Мој народ!’“ Разбуди се, разбуди се, стани Ерусалиме! Ти кој ја пиеше од Господовата рака чашата на Неговиот гнев. Ја испи опојната чаша, ја испразни до дното. Од сите синови што ги роди, немаше ниеден за да го води; од сите синови што ги подигна немаше никој за да го придружи. Овие две те погодија - кој те пожали? - разурнувањето и гибелта, гладот и мечот - кој те утеши? Твоите синови лежат изнемоштени по аглите на сите улици, како антилопа во мрежата, полни со Господовиот гнев, со закана на твојот Бог. Затоа, чуј го ова беднику, пијан, но не од вино. Вака зборува Господ, твојот Господ, твојот Бог, бранителот на твојот народ: „Еве, од твојата рака ја земаш опојната чаша, чашата на Својот гнев: не ќе го пиеш веќе. Ќе ја ставам во рацете на твоите угнетувачи, на оние кои ти зборуваа: ‘Наведни се за да поминеме!’ И ти им ги подметнуваше плеќите како почва, како пат за минувачи.“