Исаија 51:1-8
Исаија 51:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Послушајте Ме вие, што копнеете за правда, вие кои Го барате Господа! Погледајте ја карпата, од која сте исечени, и длабочината на јамата, од која сте извлечени. Погледајте го Авраам, вашиот татко, и Сара, која ве родила; зашто Јас го повикав него кога беше сам, го благословив и го умножив. Така, Господ ќе го утеши Сион, ќе ги утеши сите негови урнатини и ќе ги направи пустините негови како рај и степите негови – како градина Господова; радост и веселба ќе има во него, славопои и пеење на песни. Послушајте Ме, народе Мој и племе Мое, приклонете го увото кон Мене! Зашто од Мене ќе излезе закон и Мојата правда ќе ја поставам за светлина на народите. Мојата правда брзо ќе стигне; Моето спасение изгрева и Мојата рака ќе ги суди народите; островите ќе се надеваат на Мене и ќе се надеваат на силата Моја. Кренете ги очите кон небото и погледајте на земјата долу: зашто небото ќе исчезне како дим, и земјата ќе изветви како облека, а жителите нејзини исто така ќе изумрат; а Моето спасение е вечно, правдата Моја нема да престане. Послушајте Ме, вие, кои ја познавате правдата, народе, Кој во срцето свое го имаш Мојот закон! Не плашете се од прекорување на луѓето, ниту стравувајте од нивните навреди. Зашто молец ќе ги изеде како облека и црв ќе ги изеде како волна; а Мојата правда ќе трае засекогаш, и Моето спасение – од род во род.