Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 5:8-30 - Compare All Versions

Исаија 5:8-30 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))

Тешко ви вам, кои прилепувате куќа кон куќа, кои присоединувате нива кон нива, така што за другите да не останува место, како да сте само вие населени на земјата! Во ушите мои – Господ Саваот рече: – тие многубројни домови ќе бидат пусти, тие големи и убави куќи ќе бидат без жители; десет ари лозје ќе дадат едно буре, а еден гомер посеано семе, одвај ќе доне­се една ефа. Тешко им на оние, кои од рано утро бараат жесток пијалак и до доцна вечер се згорештуваат со вино; на нивните гоштавки има и харфа и лира, и тимпани, и свирка и вино; а кон делата на Господ тие и не погледнуваат, ниту помислуваат за делата на Него­вите раце. Затоа Мојот народ ненадејно ќе отиде во ропство; неговите големци ќе гладуваат, богаташите негови ќе се ма­чат од жед. Затоа пеколот се раширил и без мерка ја отворил устата своја: таму ќе слезе нивната слава и нивното богат­ство, вревата нивна и сѐ што ги весели. Смртникот ќе се свитка, човекот ќе се понижи и гордите луѓе очи ќе наведнат; а Господ Саваот ќе се возвеличи во суд, светиот Бог ќе ја соопшти светоста Своја во правда. И овците ќе си пасат како на па­сишта, и туѓинци ќе се хранат со оставените плодни пасишта на бога­тите. Тешко им на оние, кои влечат по себе беззаконие со јажиња на суетност и грев – како со колски ремења; кои велат: „Нека побрза Тој и нека го забрза делото Свое, за да видиме; нека се приближи и нека се исполни решението на Светецот Израелов, за да дознаеме!“ Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро, а доброто – зло; тем­нината ја сметаат за светлина, светлината – за темнина, горчливото – за слатко, а слаткото – за горчливо! Тешко им на оние, кои се мудри во своите очи и разумни пред самите себеси! Тешко им на оние, кои се храбри вино да пијат и силни да приготвуваат жесток пијалак, кои за подароци го оправдуваат виновниот, а ги лишуваат праведните од законитото! Затоа, како што огнот ја јаде сламата, и пламенот го голта сеното, така ќе загине коренот нивни, цветот нивни ќе се разнесе како прав; зашто тие го отфрлија законот на Господ Саваот и го презреа словото на Светецот Израелов. Затоа гневот на Господ ќе се разгори против Неговиот народ, ќе ја протегне раката Своја против него и ќе го порази, така што планините ќе затре­перат и труповите нивни ќе бидат како ѓубре по улиците. А при сето тоа гневот Негов нема да се одврати и раката Не­гова уште ќе биде протегната. И ќе крене знаме за далечни народи и ќе им даде знак на оние што жи­веат на крајот од земјата, и ете, тие лесно и брзо ќе дојдат; кај нив нема да има ни умрен, ни премален; ниеден нема да задреме и нема да заспие; нема да се отпаше појасот од половината негова и нема да се одврзе ремен од чевлите негови; стрелите им се изострени, сите ла­кови – им се затегнати; копитата на ко­њите нивни се како кремења, а бојните коли нивни – како виор; рикањето нивно е како рикањето на лавица; тие рикаат како лавчиња; ќе го зграпчат пленот и ќе го однесат и никој нема да им го одземе. Во оној ден ќе зарика против него како бучава на разбеснето море; ќе по­гледне Тој на земјата, и ете, темнина и жалост, а светлината потемнела во облаците.

Сподели
Исаија 5 MK2006

Исаија 5:8-30 MKB (Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов)

Тешко ви вам што приближувате куќа до куќа и што составувате нива со нива, додека не го заземете сето место па да станете единствени во земјата. Господ над Војските ми рече во моите уши: „Навистина, многу куќи ќе опустат, големи и убави ќе бидат без жители. Десет рала лозје ќе дадат само бочвенце, а мерка семе ќе даде само меричка.“ Тешко им на тие кои стануваат рано наутро, одат по жесток пијалак и седат доцна во ноќта распалени со виното. На гозбите им се: харфи и псалтири, тапанчиња и кавалчиња покрај виното, а не се грижат за Господовото дело, не го гледаат делото на Неговите раце. Затоа Мојот народ ќе биде одведен во ропство, зашто нема разумност, неговите првенци ќе умираат од глад, неговите луѓе ќе горат од жед. Да, Подземјето ќе го отвори своето грло, ќе ја рашири устата неизмерно за да паднат главечки во него неговите првенци и мноштвото, со сета врева и веселба! Смртникот ќе се наведне, човекот ќе се понижи, погледот на силните ќе се сврти надолу. Господ над Воинствата ќе се возвиши во суд, и Светиот Бог ќе ја открие Својата светост во правда. Јагнињата ќе пасат како на пасиштата, а туѓинците ќе јадат по богаташките урнатини. Тешко им на оние кои ја влечат вината врз себе со воловски јажиња и гревот со колски јажиња - на оние што говорат: „Нека поита, нека побрза со Своето дело, за да го видиме, нека се приближи и нека го заврши наумот на Израелевиот Светец, за да знаеме!“ Тешко им на оние што злото го наречуваат добро, а доброто зло, кои прават светлина од темнината, а од светлината темнина, што горчливото го прават благо, а благото горчливо! Тешко им на оние кои се мудри во сопствените очи и умни само пред себе! Тешко им на оние кои се силни во виното и јунаци во мешањето на силните пијалаци; и на оние кои го бранат виновниот за поткуп, а праведникот го лишуваат од правдата! Затоа, како што огнот ја проголтуваат сламата, и како што сувата трева исчезнува во пламенот, така ќе изгние нивниот корен, нивната папка ќе се разлета како прав, зашто го отфрлија Законот на Господа над Воинствата и го презреа Словото на Израелевиот Светец. Затоа се распали Господовиот гнев против Неговиот народ, и Тој крена рака на него и го удри, па се стресоа горите: нивните стебла лежат по улиците како отпадоци, но Неговиот гнев уште не се смири, и раката Му е уште крената. Тој го крена военото знаме на далечен народ, му свирна на крајот на земјата и ете: бргу, подготвено ита. Кај него нема преморен ни капнат, ни дремлив ниту сонлив, не го отпашува појасот околу половината, не ги одврзува ремењата на обувките. Стрелите му се добро заострени, сите лакови му се оптегнати, копитата на неговите коњи се кремен, колцата на неговите бојни коли се виор. Рикањето му е како на лав и рика како млади лавови, ‘ржи, го грабнува пленот и го однесува, а нема никој да му го истрга. Во оној ден ќе ‘ржи на него, како што бучи морето. Погледнеш ли ја земјата - сѐ темнина, и неволја, облачна темнина ја проголта светлината.

Сподели
Исаија 5 MKB