Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 49:8-26

Исаија 49:8-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Вака вели Господ: „Во благопријатно време Те чув и во денот на спасението Ти помогнав; и Јас ќе Те пазам и ќе Те направам завет на народот, за да ја подигнеш земјата, да им ги вратиш на наследниците опустошените наслед­ства. Да им кажеш на затворените: изле­зете, и на оние, што се во темнина: по­кажете се. Крај патиштата ќе пасат тие, по сите ридови ќе бидат нивните пасишта. Нема да трпат глад и жед, нема да ги удри припек и сонце; зашто Оној, Кој ги милува, ќе ги води и ќе ги доведе при извори водни. И сите Мои гори ќе ги направам друмови, Моите патишта ќе бидат издигнати. Ете, едни ќе дојдат оддалеку; и ете – едни од север и од морето, а други – од земјата Синим.“ Радувајте се, небеса, и весели се, земјо; воскликнувајте од радост гори, зашто Господ го утеши Својот народ и ги помилува Своите страдалници. А Сион велеше: „Ме остави Господ, мојот Бог ме заборави!“ Може ли жена да го заборави поро­дот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го забора­вила, Јас тебе нема да те заборавам. Ете, на Своите дланки сум те вре­жал; твоите ѕидишта секогаш се пред Мене. Твоите ѕидари ќе побрзаат кон тебе, а твоите разурнувачи и пустошници ќе си отидат од тебе. Крени ги очите и погледај наоколу, – тие сите се собираат, доаѓаат кон тебе. Жив сум Јас! вели Господ, – со сите нив ќе се облечеш како со накит и ќе се промениш со нив како невеста. Зашто твоите урнатини, твоите пустини и твојата разорена земја сега ќе бидат многу тесни за жителите, кога оние, што те голтаа, ќе си отидат од тебе. Децата што ги имаш, бидејќи си ги изгубила поранешните, ќе ти говорат гласно: „Тесно е местото за мене; отста­пи ми, за да можам да живеам.“ И ти ќе речеш во срцето свое: кој ми ги роди? Јас бев бездетна и бесплодна, одведена во плен и отфрлена; но, кој ги одгледа? – Ете, јас си бев сама; а тие каде беа? Вака вели Господ Бог: „Ете, ќе ја кренам раката Своја кон народите, ќе им дадам знак на племињата, – и ќе ги донесат синовите твои на раце и ќерки­те твои – на раменици. И царевите ќе бидат твои храни­тели, и нивните царици ќе бидат твои доилки; со лицето до земјата ќе ти се поклонуваат и ќе го лижат правот од нозете твои, и ќе дознаеш дека сум Јас Господ, дека оние, што се надеваат на Мене, нема да се посрамат. Може ли да се одземе плен од си­лен, и можат ли да се одземат заробени од победникот?“ Да, така вели Господ: и секој заро­бен од јунак ќе биде одземен и грабежот од тиранинот ќе биде вратен; зашто Јас се борам со твоите противници и ќе ги спасам твоите синови; ќе ги нахранам твоите угнетувачи со нивното сопствено месо, ќе бидат на­поени со својата крв како со ново вино; и секое тело ќе дознае дека Јас сум Гос­под, твој Спасител и твој Искупител, Силниот Бог Јаковов.

Исаија 49:8-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господ зборува вака: „Во времето на милоста Јас ќе те послушам, во денот на спасението Јас ќе ти помогнам. Те создадов и те поставив за Завет на народот, за да ја востановам земјата, за да го разделам наново запустеното наследство, за да им кажам на заслужените: ‘Излезете!’ а на оние кои се во темнина: ‘Јавете се!’ Тие ќе пасат вдолж на сите патишта и пасиштата ќе им бидат по сите голи височини. Веќе нема да гладуваат и да жеднеат, не ќе ги мачат жегата ни сонцето, зашто ќе ги води Оној, Кој им се смилува, ќе ги доведе при водните извори. Сите Свои планини ќе ги претвори во патишта и сите Мои патишта ќе се издигнат. Ете, едни доаѓаат од далеку, други од север и од запад, а некои од Синимската Земја.“ Воскликнувајте, небеса, весели се земјо, подвикнувајте од веселба планини; зашто Господ го теши Својот народ, Тој им е милостив на страдалниците. Сион рече: „Господ ме остави, Господ ме заборави.“ Може ли жена да го заборави своето доенче, да не му се смилува на чедото на својата утроба? Па кога некоја и би заборавила, Јас нема да те заборавам тебе. Ете, те врезав во Своите дланки, твоите ѕидови секогаш Ми се пред очите. Твоите обновувачи итаат, твоите разурнувачи и запустувачи си одат од тебе. Обѕрни се околу себе и погледај: сите се собираат и доаѓаат кон тебе. Жив Сум - слово е Господово - со сите нив ќе се облечеш како со накит, и ќе се украсиш со нив како невеста! Да, твоите урнатини, твоите запустености и твојата запустена земја ќе бидат претесни за твоите жители, кога ќе се оддалечат оние што ја уништуваа. Пак ќе ти речат во твоите уши синовите, од кои беше лишена: ‘Претесно ми е ова место, мрдни се за да можам да се сместам.’ И ти ќе се запрашаш во своето срце: ‘Кој ми ги роди сите овие? Бев без деца, неплодна, протерана и отфрлена, па кој ги гледаше? Ете, бев останата сама, а тие каде беа?’“ Господ, Господ зборува вака: „Еве, ви давам знак со рака на народите и го кревам Своето знаме пред племињата. Ќе ти ги вратам синовите во прегратка, ќе ти ги носам ќерките на плеќи. Царевите ќе бидат твои хранители, а нивните царици твои доилки. Ќе ти се клањат со лицето до земја, и ќе лижат прав од твоите нозе. И ќе знаат дека Јас Сум Господ: кои се надеваат во Мене, не ќе се засрамат.“ Може ли да му биде одземен пленот на јунак? Може ли да му избега заробениот на победникот? Да, Господ зборува вака; „На јунакот ќе му биде одземен пленот, заробениот ќе му избега на победникот! Со оние што се спорат со тебе, Јас ќе се спорам, Јас ќе ги избавам твоите деца; на твоите угнетувачи ќе им го дадам за јадење нивното месо, и ќе се испијанат со својата крв како со ново вино. И секое тело ќе знае дека Јас Сум Господ, твој Спасител, и дека Твојот Откупител е Моќниот Јаковов.“