Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 43:11-28

Исаија 43:11-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Јас, Јас сум Господ, и нема Спаси­тел освен Мене. Јас предреков и спасив, однапред претскажав кога туѓ бог немаше меѓу вас, вие сте Мои сведоци дека Јас сум Бог – вели Господ; од почетокот на дните Јас сум ист, никој не избавува од раката Моја; Јас ќе направам, и кој ќе го измени тоа? Така вели Господ, вашиот Иску­пител, Светецот Израелов; заради вас испратив во Вавилон и ги исфрлив сите резиња на затворите и Халдејците, кои се гордееја со кораби. Јас сум Господ, вашиот Светец, Создателот на Израел, вашиот Цар. Така вели Господ, кој отвори во мо­рето пат, по разбранувани води – патека. Кој изведе бојни коли и коњи, вој­ска и сила; сите паднаа заедно за да не станат; угаснаа, како фитил согореа. Но вие не се сеќавате за поранеш­ното и за некогашното не помислувате. Ете, Јас правам нешто ново; еве сега ќе се јави; зар и тоа не сакате да го знаете? Ќе направам пат низ степи, реки – преку пустина. Полските ѕверови ќе Ме прослават, чакали и ноеви, зашто ќе им дадам вода во пустината, реки – во суви степи, за да го појам Мојот избран народ. Народ што го создадов за Себе, за да ја разгласува славата Моја. А ти, Јакове, не Ме повикуваше: ти, Израеле, не се трудеше за Мене. Не си Ми ги принесувал своите ја­г­ниња за сепаленица, ниту си Ме почи­тувал со жртвите свои. Не сум те при­нудувал да Ми служиш со приноси и не сум ти дотежнувал, барајќи од тебе да Ми кадиш. Не си Ми купувал со сребро кадило, ниту си Ме наситувал со мрсно месо од жртвите свои; но со твоите гревови си Ме оптоварувал; со твоите беззаконија си Ми дотежнувал. А Јас, Јас Сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе и гре­вовите твои нема да ги спомнам. Потсети Ме, заедно ќе се судиме; говори, за да се оправдаш. Твојот прататко згреши, а твоите застапници отстапија од Мене. Затоа настојниците на светили­ш­тето ги лишив од свештенство, Јаков го предадов на проклетство и Израел на подбив.

Исаија 43:11-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Јас, Јас Сум Господ, нема Спасител освен Мене. Јас прореков, спасив и навестив, и нема туѓинец меѓу вас! Вие сте Ми сведоци,“ слово е Господово, „а Јас Сум Бог, од вечноста - Јас Сум! И никој не избавува од Мојата рака; што ќе направам, кој може да го измени?“ Вака говори Господ, вашиот Искупител, Израелевиот Светец: „Заради вас испратив во Вавилон, ќе ги кутнам лостовите на затворите, и Халдејците ќе почнат да лелекаат. Јас Сум Господ, вашиот Светец, Израелевиот Творец, вашиот Цар!“ Вака зборува Господ, кој направи пат по морето и патека по силните води; „Кој ги изведе бојните коли и коњаниците, војската и јунаците, и тие паднаа за да не се кренат веќе, згаснаа, се угаснаа како фитил: „Не спомнувајте си за она што се збидна, не мислете за она што помина. Еве, правам нешто ново; веќе се појавува. Зар не забележувате? Да, ќе направам пат во пустината, и патека во безводна земја. Дивите ѕверови ќе Ме слават, шакалите и ноевите, зашто ќе создадам вода во пустината, реки во степата, за да го напојам Мојот народ, Мојот избраник. И народот што го создадов за себе ќе ја возвестува Мојата слава! Но ти, Јакове, не Ме повика, ниту се измори околу Мене, Израеле! Не Ми принесуваше јагниња за паленици, не Ме почитуваше со жртви. А Јас не те принудував за приноси, не ти здодевав барајќи кадеж. Не Ми купуваше трска за сребреници, не Ме ситеше со салото од своите жртви; туку Ме мачеше со своите гревови, Ми здодеваше со своето беззаконие. А Јас, заради Себе ги бришам твоите престапи, и не си спомнувам за твоите гревови. Потсети Ме, за да се спориме заедно, зборувај Ми за да се оправдаш. Прв згреши твојот татко, твоите посредници се одметнаа од Мене, твоите првенци го онечистија Светилиштето. Тогаш ги предадов: Јакова на проклетство, а Израел на потсмев.