Исаија 41:1-29
Исаија 41:1-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Молкнете пред Мене, острови, и народите нека ги обноват силите свои; нека се приближат и нека речат: да излеземе заедно на суд. Кој Го издига од исток Праведникот, кој Го повикува да оди пред Него? Кој Му ги предаде народите и Му ги покори царевите? Тој ги претвори во прав со Неговиот меч, со Неговиот лак – во плева, развеана од ветар. Тој ги гонеше, Тој газеше сигурно по патот, одвај допирајќи го со нозете Свои. Кој го направи и изврши тоа? Оној, Кој во почетокот ги повика родовите; Јас, Господ, Јас сум првиот, и со последните – Јас сум истиот. Островите видоа и се ужасија, краиштата земни затреперија. Тие се зближија и се собраа; секој му помага на другарот свој и му вели на братот свој: „Држи се!“ Леарот го бодри златарот, тој што сплескува со чекан го храбри оној што кове со ковална, велејќи за спојката: „Добра е“; и ја зацврстува со клинци, за да биде цврста. „А ти, ти Израеле, слуго Мој, Јакове, кого Јас те избрав, семе на Мојот пријател Авраам, ти, кого го зедов од краиштата на земјата и го повикав од краиштата нејзини, и ти реков: Ти си Мој слуга, Јас те избрав и нема да те отфрлам. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; не вознемирувај се, зашто Јас сум Бог твој; Јас ќе те закрепам и ќе ти помогнам, ќе те поддржам со Мојата победоносна десница.“ Ете, посрамени и понижени ќе останат сите, што се наежени против тебе, – ќе бидат како ништо и ќе загинат оние што се препираат со тебе. Ќе ги бараш – и нема да ги најдеш, нив, кои непријателствуваат против тебе; оние кои се борат против тебе ќе бидат како ништо, наполно ништо; зашто Јас сум Господ, Бог твој; те држам за твојата десна рака, ти велам: „Не плаши се, Јас ти помагам.“ „Не плаши се, црву Јакове, малуброен Израеле, – Јас ти помагам, вели Господ, Јас твојот Искупител, Светецот Израелов.“ Ете, Јас ќе те направам остар дикел, нов, назабен; ти ќе ги кршиш и ќе ги ситниш планините, и ридовите ќе ги направиш како прав. Ти ќе ги вееш, ветрот ќе ги разнесе, и виорот ќе ги развее; а ти ќе се зарадуваш во Господ, ќе се фалиш со Светецот Израелов. Сиромаси и неимотни бараат вода, и нема, јазикот им се исушува од жед: Јас, Господ ќе ги чујам, Јас, Бог Израелов, нема да ги оставам. Ќе отворам реки на врвот од горите и извори среде долини; пустината ќе ја направам езеро и сувата земја – водни извори; ќе насадам во пустина кедар, ситим, мирта и маслинки, ќе насадам во степите кипарис, јавор и бука заедно, сите да видат и познаат, и да разгледаат и разберат дека раката Господова го направи тоа, дека Светецот Израелов го создаде тоа. Претставете го спорот свој, вели Господ; дајте ги доказите свои, вели Царот Јаковов. Нека дојдат и нека ни кажат што ќе биде; нека објават нешто, пред да стане, и ние ќе проникнеме со умот свој и ќе дознаеме, што ќе биде потоа, или нека ни претскажат за иднината. Кажете што ќе биде во иднина, и ние ќе познаеме дека сте богови, или направете нешто добро или лошо, за да се зачудиме и стаписаме. Но вие сте ништо, и делото ваше е ништожно; одвратен е оној што ќе ве избере. Јас го подигнав од север, и тој ќе дојде; од изгрев сонце ќе го повикува името Мое и ќе ги гази кнезовите како кал, и ќе ги гази, како грнчар глината. Кој објави за тоа од почетокот, за да знаеме, и многу порано, за да можеме да кажеме: „Вистина ли е!?“ Но никој не кажал, никој не објавил, никој не ги чул вашите зборови. Јас прв реков на Сион: „Ете го, и му дадов на Ерусалим благовесник.“ И така, Јас гледав, и немаше никого, меѓу нив не се најде советник, за да можам да ги прашам, и тие да одговорат. Ете, сите тие се ништо, ништожни се и делата нивни: ветар и ништожност се нивните идоли.
Исаија 41:1-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Молкнете пред Мене острови, народите нека соберат нова сила. Нека се приближат и нека проговорат; да пристапиме заедно на суд. „Кој го крена од исток оној кого Победата го следи во чекор? Кој му ги предава народите и му ги подвластува царевите? Прав се под неговиот меч, неговиот лак ги распрснува како плева. Ги гони, напредува безбедно, неговите нозе не се допираат до патот. Кој го направи и изврши тоа? Оној Кој од почетокот ги повикува поколенијата, Јас, Господ, Кој Сум прв, и ќе бидам Овој ист со последните!“ Островите гледаат и страв ги обзема, треперат земните краишта, тие наближуваат и веќе се тука. Секој му помага на својот другар, и на својот брат му вели: „Храбро!“ Леарот го насрчува златарот, тој кој кове со чекан го бодри оној кој удира на наковалната. Тој зборува за спојувањето: „Добро е“, и со клинци го зацврстува кипот за да не се помрднува. „Ти, Израелу, слуго Мој, Јакове, кого го избрав, потомок на Авраама, Мојот љубимец! Ти, кого го зедов од краиштата на земјата, и го повикав од нејзините рабови, ти кому реков: ‘Ти си Мој слуга, те избрав и не те отфрлив.’ Не бој се, зашто Јас Сум со тебе; не обрнувај се исплашено, зашто Јас Сум твој Бог. Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со победничка десница. Ете, ќе се засрамат и ќе се смутат, сите кои беснееја на тебе, ќе бидат уништени и ќе пропаднат оние кои се спореа со тебе! Ќе ги бараш твоите противници, но не ќе ги најдеш. Ќе бидат уништени, како да не постоеле оние кои војуваат против тебе. Зашто Јас, Господ, твојот Бог, ја крепам твојата десница и ти велам: ‘Не бој се, Јас ти помагам.’ Не бој се, Јакове, црвче, Израелу, ларво, Јас Сум твоја помош - говори Господ - Израелевиот Светец е твој искупител. Ете, те правам остра брана со нови, двојни запци; ќе ги вршиш и ќе ги сотреш планините, ќе ги претвориш бреговите во прав. Ќе ги вееш, ветерот ќе ги однесе, виорот ќе ги распрсне. А ти ќе воскликнуваш во Господа, и ќе се фалиш со Израелевиот Светец. Немоќните и бедните бараат вода, а неа ја нема! Јазикот им се осуши од жед. Јас, Господ, ќе ги послушам нив, Јас, Израелевиот Бог, нема да ги оставам. Ќе отворам реки на голите брегови, и извори среде доловите. Ќе ја претворам пустината во езеро, а сувата земја во кладенци. Ќе посадам во пустината: кедар, багрем, мирта и маслинка. Степата ќе ја пошумам со чемпрес, со јавор и со бука заедно. Сите нека видат и нека знаат, нека размислат и нека сфатат: Господовата рака го направи тоа, Израелевиот Светец создаде сѐ.“ „Изнесете го својот спор,“ вели Господ, „предочете ги доказите,“ вели Израелевиот Цар. „Нека пристапат и нека ни јават она што ќе се збидне. Па зошто ни открија за она што беше, што се исполнило, за да мислиме за тоа? Или известете што ќе биде, за да дознаеме за она што доаѓа? Откријте ни што ќе се случи после и ќе познаеме дека сте богови. Направете нешто, добро или зло, за да се зачудиме и да се исплашиме заедно. Но вие не сте ништо и вашите дела се ништожни, гнасен е кој ќе ве избере. Го кренав од север за да дојде, го повикав по име од исток. Ги газеше кнезовите како кал, како што грнчарот гази по глината. Кој го соопшти тоа од старини да би сме го знаеле, кој прорече од напред да би сме рекле: ‘вистина е?’ Но нема никој кој би го јавил, ниту некој што би го навестил, ниту некој за да ги чуе вашите зборови. Јас прв му реков на Сион: „Ете, еве го“; прв му го испратив на Ерусалим гласникот на Радосната вест. Гледав, ама немаше никој, ниеден од нив за да даде совет, за да ги прашам и да одговорат. Еве, сите заедно се ништо, ништожни се нивните дела, ветер и празнина нивните идоли.