Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 31:1-9

Исаија 31:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тешко им на оние што одат во Египет за помош: кои се надеваат на коњи и се потпираат на бојни коли, зашто биле многу, и на коњаници, зашто биле многу силни, а на Светецот Израелов не погледнуваат и кон Господ не прибегнуваат! Но и Тој е мудар: ќе испрати неволја, и нема да ги порекне зборовите Свои; ќе се крене против домот на не­чесните и против помошниците на оние што вршат беззаконие. Египќаните се луѓе, а не Бог; и коњите нивни им се тело, а не дух. Ќе ја протегне раката Своја Господ, и ќе се сопне заштитникот, ќе падне заштитуваниот и сите заедно ќе загинат. Зашто вака им рече Господ: „Како лав, како лавче, кое рика над пленот свој, макар и многу овчари да му викаат, од викањето нивно нема ни да трепне и пред нивното множество нема да отстапи, – така Господ Саваот ќе слезе да војува за гората Сион и за нејзиниот рид. Како птиците – пиленцата, така Господ Саваот ќе го покрие Ерусалим, ќе го заштити и ќе го избави, ќе го сожали и ќе го спаси.“ Обратете се кон Оној, од Кого толку сте отстапиле, синови Израелови! Во тој ден секој човек ќе ги отфрли своите сребрени и златни идоли, што рацете ваши ги направија вам за грев. И Ашур ќе падне не од човечки меч, нема човечки меч да го премавне, тој ќе избега од мечот, но младината негова ќе плаќа данок. И од страв тој ќе избега од тврдината своја; кнезовите негови исплашени ќе го напуштат своето знаме, вели Господ, чиј оган е на Сион, а огништето – во Ерусалим.

Исаија 31:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тешко им на оние кои слегуваат во Египет за помош и се надеваат на коњите, па се надеваат на многу коли и на мноштво коњаници, не гледајќи со надеж во Израелевиот Светец, и не барајќи совет од Господа. Но и Тој е мудар, и ќе донесе зло, и не ќе ги одрече Своите закани; Тој ќе стане против злосторничкиот дом и против беззаконичката помош. Египетецот е човек, а не Бог; неговите коњи се тело, а не дух; кога Господ ќе замавне со раката, ќе се сопне помагачот, и ќе падне оној кому му помага - сите заедно ќе пропаднат. Да, вака ми рече Господ: „Како што лавот или лавчето ‘ржи и чкрта со забите над пленот, па и кога ќе стрчаат кон него мноштво пастири, тој не се исплашува од нивната викотница, ниту се грижи за нивната врева - така Господ над Воинствата ќе слезе да војува за гората Сион, за нејзината височина. Како птиците што мавтаат со крилјата, Господ над Воинствата ќе го закрилува Ерусалим, ќе го засолнува, ќе го избави, ќе го поштеди и ќе го спаси. Вратете се при Оној од Кого отпаднавте толку длабоко, синови Израелеви. Да, во оној ден, секој ќе ги презре своите сребрени и златни ликови што со своите раце ги направија за свој грев. „Асирецот не ќе падне од човечки меч; меч ќе го проголта, но не човечки. Ќе бега од меч, и неговите момчиња ќе плаќаат данок. Исплашен, ќе го остави својот рид, заплашени, кнезовите ќе бегаат од своето знаме“ - слово е на Господа, чиј оган е на Сион и чија печка е во Ерусалим.