Исаија 14:9-16
Исаија 14:9-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Подземјето одоздола се раздвижи заради тебе, за да те пречека при твоето влегување; со тебе се разбудија сите водачи на земјата, изместувајќи ги сите цареви незнабожечки од престолите нивни. Сите тие ќе ти говорат: и ти стана бессилен како нас! И ти стана сличен на нас. Гордоста ти е симната во пеколот, со сиот твој шум; под тебе има гнилеж за постилка, а црви се твојата покривка. Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите. А во срцето свое си велеше: „Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот; ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам рамен на Севишниот.“ Но ти си соборен во пеколот, во дното на јамата. Оние што ќе те видат, ќе се загледаат во тебе, ќе си речат за тебе: тоа ли е човекот, кој земјата ја разнишуваше и царства потресуваше
Исаија 14:9-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Заради тебе се возбуди Подземјето за да те пречека кога ќе дојдеш. Во твоја чест, тоа ги разбудува сенките, сите земни насилници, тоа ги крева од престолите сите цареви на народите. Сите тие ќе ти прозборуваат: ‘И ти си скршен како нас, стана сличен со нас. Твојата гордост се сурна во Подземјето, и вревата на твоите харфи; под тебе е легло на гнилеж, а црвите се твоја покривка.’ Како падна од небото Деницо (Светлоносецу), сине Зорин? Како ли си симнат на земјата ти, угнетувачу на народите? Зборуваше во своето срце: ‘Ќе се искачам на небесата, над Божјите ѕвезди ќе си издигнам престол за себе. На собирната гора ќе престолувам, на краен север. Ќе се искачам во облачните висини, ќе бидам еднаков со Сѐвишниот.’ А се сруши во Подземјето, во длабочините на пропаста! Кои те видоа, те набљудуваат и размислуваат за тебе: ‘Дали е ова човекот кој ја тресеше земјата и ги разнишуваше царствата