Исаија 14:3-14
Исаија 14:3-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во оној ден, кога Господ те оттргна од скрбта твоја, од стравот и од тешкото ропство, под кое беше заробен, ти ќе запееш победничка песна против вавилонскиот цар и ќе речеш: како исчезна мачителот и прекина тиранијата! Господ го скрши жезолот на нечесните, скиптарот на владетелите, кој јаросно ги поразуваше народите со бескрајни удари, гневно владееше над племињата свои со незадржливо прогонување. Целата земја здивна, почива, воскликнува од радост; и кипарисите се радуваат за тебе и кедрите леванонски, велејќи: откако падна ти, никој не доаѓа да нѐ сече. Подземјето одоздола се раздвижи заради тебе, за да те пречека при твоето влегување; со тебе се разбудија сите водачи на земјата, изместувајќи ги сите цареви незнабожечки од престолите нивни. Сите тие ќе ти говорат: и ти стана бессилен како нас! И ти стана сличен на нас. Гордоста ти е симната во пеколот, со сиот твој шум; под тебе има гнилеж за постилка, а црви се твојата покривка. Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите. А во срцето свое си велеше: „Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот; ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам рамен на Севишниот.“
Исаија 14:3-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во денот кога Господ ќе ти даде да починеш од своите страдања, немири и од тешкото робување со кои те притиснаа, ќе му ја запееш оваа пословица на вавилонскиот цар: „Како го снема насилникот? Како исчезна угнетувањето? Господ го скрши злосторничкиот стап и владетелското жезло што бесно ги биеше народите со удари без крај, што владееше гневно над народите, прогонувајќи ги без милост. Во починка мирува сета земја воскликнувајќи од радост. Чемпресите и ливанските кедри ќе се радуваат над тебе, велејќи: ‘Откако падна, дрвосечачите не доаѓаат веќе да нѐ сечат!’ Заради тебе се возбуди Подземјето за да те пречека кога ќе дојдеш. Во твоја чест, тоа ги разбудува сенките, сите земни насилници, тоа ги крева од престолите сите цареви на народите. Сите тие ќе ти прозборуваат: ‘И ти си скршен како нас, стана сличен со нас. Твојата гордост се сурна во Подземјето, и вревата на твоите харфи; под тебе е легло на гнилеж, а црвите се твоја покривка.’ Како падна од небото Деницо (Светлоносецу), сине Зорин? Како ли си симнат на земјата ти, угнетувачу на народите? Зборуваше во своето срце: ‘Ќе се искачам на небесата, над Божјите ѕвезди ќе си издигнам престол за себе. На собирната гора ќе престолувам, на краен север. Ќе се искачам во облачните висини, ќе бидам еднаков со Сѐвишниот.’