Осија 6:4-11
Осија 6:4-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Што да правам со тебе, Ефреме? Што да правам со тебе, Јудо? Вашата љубов кон Мене е како утрена магла и како роса што брзо исчезнува. Затоа Јас ги судев преку пророците и ги биев со зборови од устата Своја. А тоа што го барам од вас е јасно како светлина. Јас повеќе сакам милост, отколку жртва, и познавање на Бога, а не жртва сепаленица. А тие, како Адам, го прекршија заветот, и таму Ме изневерија. Галаад е град на беззаконици, полн со траги од крв. Свештениците се здружени разбојници, тие убиваат по патот за Сихем, срамни работи вршат. Во домот Израелов гледам ужасни работи; таму Ефрем блудствува, Израел се осквернува. И за тебе, Јудо, е определена казна кога ќе го повратам од ропство Мојот народ.
Осија 6:4-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Што можам да сторам за тебе, Ефреме? Што можам да сторам за тебе, Јудо? Вашата побожност е како утрински облак, како рана роса што ја снемува. Затоа ги сечев преку пророците и ги убивав со зборовите на Својата уста; но Твојот суд ќе излезе како светлина. Зашто милоста ја сакам, а не жртви, и познавањето на Бога, повеќе од палениците. Но тие како Адама го прекршија заветот и таму Ме изневерија Мене. Галад е злосторнички град, полн со крвави траги. Свештеничката дружба е како разбојничка заседа: убиваат по Сихемскиот Пат; навистина, прават срам! Ужас видов во Израелевиот дом; таму Ефрем му се предава на блудството и се обесветува Израел. И тебе, Јудо, ти одредив жетва, кога ќе ја свртам судбината на Својот народ.