Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Осија 4:1-19

Осија 4:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Чујте го словото Господово, синови Израелови; зашто Господ ќе им су­ди на жителите од оваа земја, зашто нема ни вистина, ни милосрдие, ниту знаење за Бога на земјата. Клетва и измама, убиство, кражби и прељубодејства многу се распространија, и една крв по друга крв се лее. Затоа таа земја ќе тагува, и ќе гинат сите што живеат на неа, заедно со полските животни и птиците небески; дури и рибите во морето ќе загинат. Но никој да не се суди и никој никого да не обвинува; но со тебе свеште­нику, морам да се судам! Ти ќе се препнуваш дење, и со тебе пророкот се препнува ноќе, а Јас ќе ја погубам твојата мајка. Мојот народ гине што нема разум, зашто ти си го отфрлил разумот, и Јас ќе те отфрлам од Моето свештенство; бидејќи го заборави законот на својот Бог, и Јас ќе ги заборавам децата твои. И колку повеќе се размножуваа, толку повеќе и грешеа против Мене; затоа славата нивна ќе ја претворам во срам. Тие се хранат со гревовите на Мојот народ, и кон беззаконијата негови се стреми душата нивна. И што ќе стане со народот, тоа ќе се случи и со свештеникот; ќе го казнам според патиштата негови и ќе му платам според делата негови. Ќе јадат – и нема да се наситуваат; ќе блудствуваат и нема да се раз­множуваат, зашто престанаа да Му слу­жат на Господ. Блудството, виното и пијалаците ги овладеале срцата нивни. Мојот народ се обраќа до парче др­во, и неговиот жезол му дава одговор; зашто духот на блудството ги вовел во заблуда, па блудствувајќи, тие отстапија од својот Бог. Принесуваат жртви по планинските врвови и по ридовите, кадат под даб, то­пола и брест, зашто тие имаат добри сенки; затоа ќерките ваши блудствуваат, а снаите ваши прељубодејствуваат. Нема да ги казнувам ќерките ваши кога блудствуваат, и снаите ваши кога прељубодејствуваат, зашто вие самите сте блудници и со љубовници принесувате жртви, а простиот народ гине. Ако ти, Израеле, блудствуваш, Јуда барем да не греши; и не одете во Гилгал, не влегувајте во Бет – Авен и не колнете се со клетвата: жив е Господ! Израел е тврдоглав како упорна ју­ница; па како да ги пасе Господ како јагниња на широка ливада? Ефрем се поврзал со идолите; остави го! После пијанството нивно му се предаваат на блудството; повеќе го сакаат срамот отколку честа. Ветрот ќе ги притегне со крилјата свои, и тие ќе се засрамат од своите пагански жртви.

Осија 4:1-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Чујте го Господовото слово, Израелеви синови, зашто Господ спори со жителите на земјата. Нема веќе верност, нема милост, нема познавање Божјо на земјата, туку проклетство и лага, убивање и кражба, прељуба и насилство, една крв ја стигнува другата. Затоа земјата ќе тагува и ќе гинат сите нејзини жители со полските ѕверови и со небесните птици, та ќе гинат и рибите во морето. Сепак нека никој не се препира, нека никој не укорува. Но со тебе треба да се препирам, свештенику. Дење ти ќе се слизнуваш, а ноќе со тебе ќе се слизнува и пророкот; ќе ја погубам твојата мајка. Мојот народ гине: нема знаење; зашто ти го отфрли знаењето, и Јас те отфрлам тебе од Моето свештенство; зашто го заборави Законот на Својот Бог, и Јас ќе ги заборавам твоите синови. Колку повеќе ги имаше, толку повеќе грешеа против мене, својата слава ја заменија со срам. Тие се хранат со гревовите на Мојот народ, душата им лакоми за неговите беззаконија. И со свештеникот ќе биде како и со народот; ќе го казнам за неговите патишта и ќе му наплатам за неговите дела. Ќе јаде, но нема да се насити, ќе блудствува, но не ќе се размножува, зашто тие прекратија да Му служат на Бога - блудството, пијалаците и виното им го пленија срцето. Мојот народ бара совет од дрво, неговата палка му дава одговори: зашто духот на развратот ги заведува нив, та бегајќи од Својот Бог му се предаваат на блудството. Тие жртвуваат на горските врвови и кадат на ридовите под даб, јаблан и под топола; зашто е толку пријатно под нивната сенка. И затоа, му се предаваат вашите ќерки на блудството, прават прељуба вашите невести, не ќе ги казнам ќерките зашто блудничат, ниту вашите невести зашто прават прељуба; зашто тие сами одат насамо со блудниците и жртвуваат со храмските љубовници. Така, без разум народот оди во пропаст! Ако ти, Израелу, му се предаваш на блудството, барем Јуда нека не греши! И не одете во Галгал, не искачувајте се во Вет Авен, не колнете се „живиот ми Господ.“ Зашто како тврдоглава јуница, Израел стана тврдоглав, па како Господ да го спаси сега како јагне во широка ливада? Ефрем се здружи со идолите: Остави го! Одвратно е нивното пијанство, му се предаваат целосно на блудството, нивните кнезови го сакааат срамот. Виорот ќе ги стегне со своите крилја и ќе се засрамат од нивните жртви.