Евреите 7:1-28
Евреите 7:1-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Мелхиседек беше цар на градот Шалем, а и свештеник на Севишниот Бог. Кога Авраам се враќаше од битката во која порази многу цареви, тој му излезе во пресрет и го благослови. Тогаш Авраам зеде една десетина од се што заплени во битката и му го даде на Мелхиседек. Името Мелхиседек значи „Цар на правдата“. Но бидејќи „шалем“ значи „мир“, тој е значи и „Цар на мирот“. Нам не ни е кажано дека тој имал татко, мајка или родословје, ниту почеток или крај на неговиот живот. По тоа е сличен на Божјиот Син и засекогаш останува свештеник. Гледате колку бил голем Мелхиседек! Дури и нашиот славен предок Авраам му даде една десетина од највредното што го беше запленил во битката. На свештениците, потомците на Левиј, им е заповедано во Мојсеевиот Закон да собираат десеток од народот, иако тие им се роднини, односно, потомци од Авраам. Мелхиседек не беше потомок на Левиј, па сепак зеде десеток од Авраам. Потоа Мелхиседек го благослови Авраама, на кого веќе му беше дадено Божјото ветување. А нема никакво сомневање дека оној што благословува е поголем од оној што го прима благословот. Во случајот со свештениците, десетокот им се дава на смртници, а Мелхиседек е поголем од нив бидејќи ни е пренесено дека тој е вечно жив. Иако сега потомците на Левиј се тие што земаат десеток, може да се каже дека и тие му платија десеток на Мелхиседек, преку својот предок Авраам, бидејќи Левиј, иако уште не беше роден, може да се рече дека беше во телото на Авраам при неговата средба со Мелхиседек. Законот што му беше даден на израелскиот народ се потпираше врз Левитското свештенство. Но да можеа потомците на Левиј да ја исполнат Божјата совршена намера, немаше да има потреба Бог да праќа друг Свештеник од редот на Мелхиседек, а не од родот на Арон. А штом се менува свештенството, се појавува потреба да се промени и законот. Ова се однесува на нашиот Господ Исус Христос. Тој произлезе од племе од кое никој никогаш не бил свештеник на жртвеникот. Познато е дека нашиот Господ произлезе од племето на Јуда, а Мојсеј никогаш не го спомнал тоа племе во врска со свештенството. Да го кажеме ова уште појасно: се појави друг Свештеник, Кој е како Мелхиседек. Тој стана Свештеник, не затоа што му беше потомок на Левиј, како што бараше стариот Закон, туку преку силата на животот во Него што не може да се уништи. Светото Писмо за Него вели: „Ти си вечен Свештеник, од редот на Мелхиседек“ Со тоа се укинува старото правило за свештенството, бидејќи беше слабо и бескорисно, зашто Мојсеевиот Закон не е во состојба да направи ништо совршено. Наместо тоа, ни се дава многу подобра надеж, што може да не приближи до Бог. Бог се заколна дека Христос засекогаш ќе биде Свештеник, а таква заклетва од страна на Бог немаше при назначувањето на ниту еден друг свештеник. Само Исус стана Свештеник со Божја заклетва, кога Бог рече: „Јас, Господ, ти се заколнувам и никогаш нема да се премислам: ,Ти вечно ќе бидеш Свештеник!‘“ Тоа значи дека заради Божјата заклетва Исус ни гарантира подобар Завет со Бог! Други свештеници имаше многу, бидејќи смртта ги спречуваше вечно да останат на таа служба. Но Исус нема да умре и затоа Тој вечно останува Свештеник. Затоа Тој може еднаш засекогаш да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кај Бог. Тој е вечно жив и се застапува пред Бог за нив. Токму таков Првосвештеник и ни требаше. Исус е свет, невин и безгрешен - поинаков од грешниците и возвишен над небото! Тој не мора секојдневно да принесува жртви, како другите Првосвештеници. Тие принесуваа жртви прво за своите гревови, а потоа за гревовите на народот. Тој го стори тоа еднаш засекогаш, кога Себеси се принесе како жртва на крстот. Тие што беа Првосвештеници под Мојсеевиот Закон, беа ограничени од своите човечки слабости. Откако мина времето на тој Закон, Бог со заклетва Го постави Својот Син за совршен и вечен Првосвештеник.
Евреите 7:1-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тој Мелхиседек беше цар салимски, свештеник на Севишниот Бог, кој го пресретна Авраам, кога се враќаше од борбата со царевите, и го благослови, кому и Авраам му даде десеток од сѐ, и кој по значењето на името негово е прво цар на правдата, а потоа и цар на Салим, односно цар на мирот. Без татко, без мајка, без род, немаше ниту почеток на дните, ниту крај на животот и, по таков начин, е подобен на Синот Божји, и останува вечен свештеник. Гледате ли колку е голем оној кому прататкото Авраам му даде десеток од најдобриот плен! Оние од Левиевите синови, што примаат свештенство, имаат заповед да земаат по Законот десеток од народот, односно од браќата свои, иако и тие произлегле од бедрата Авраамови. Но тој, кој не му припаѓаше на нашиот род, зеде десеток од Авраам и го благослови оној што беше примил ветувања. Не може да има никаков спор дека помалиот се благословува од поголемиот. Така, овде смртни луѓе земаат десетоци, а таму – Оној, за Кого има сведоштво дека е жив. И, така да речам, Левиј, кој прима десетоци, и сам даде десеток преку Авраам, бидејќи уште беше во бедрата на татко си кога го сретна Мелхиседек. Па така, ако совршенство можеше да се постигне преку левитското свештенство, бидејќи врз основа на него народот доби Закон, каква потреба има да се воздигне друг свештеник по чинот на Мелхиседек, наместо по чинот на Арон? Зашто, кога ќе се промени свештенството, тогаш се јавува потреба да се измени и законот. А Оној за Кого се зборува ова, се вбројува во друго колено, од кое никој не беше пристапувал до жртвеникот; зашто е познато дека Господ наш произлезе од Јуда, а за свештенството од ова колено Мојсеј ништо не рекол. И уште појасно станува тоа кога се воздига слично на Мелхиседек друг свештеник, Кој станал таков не по силата на телесна заповед, туку по силата на вечниот живот. Зашто се посведочи: „Ти си вечен свештеник по чинот на Мелхиседек.“ А, пак, одменувањето на поранешната заповед се изврши поради тоа што таа беше слаба и бесполезна, зашто Законот ништо не доведува до совршенство; а се воведе подобра надеж, преку која се приближуваме до Бога. Тоа беше потврдено со заклетва. Зашто оние беа станале свештеници без заклетва, а Тој – со заклетва, преку Оној Кој Му рече: „Се заколна Господ и нема да се раскае: ‚Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.‘“ Затоа Исус стана залог на толку подобар завет. А тие беа многу свештеници, зашто смртта не им даваше да остане само еден; а Тој, бидејќи живее вечно, има свештенство што нема да мине на друг. Затоа Тој и може за вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив. Таков Првосвештеник и ни требаше: свет, непорочен, неосквернет, одвоен од грешниците и возвишен над небесата. Кој нема потреба, како и другите првосвештеници, секојдневно да принесува жртва прво за гревовите свои, а потоа и за оние на народот, бидејќи Тој го изврши тоа еднаш засекогаш, откако Сам Себе се принесе како жртва. Зашто Законот за првосвештеници поставува луѓе што се немоќни; а словото на клетвата што е по Законот – Синот, Кој е вечно совршен.
Евреите 7:1-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зашто овој Мелхиседек, салимски цар, свештеник на Сѐвишниот Бог, кој го пресретна Авраама кога се враќаше по победата над царевите, и го благослови; кому Авраам му оддели десеток од сѐ; чие име прво значи „Цар на правдата“, потоа „Цар на Салим“ односно „Цар на мирот“, без татко, без мајка, без родословие, кој немаше ниту почеток на деновите, ниту свршеток на животот, сличен на Божјиот Син, останува вечно свештеник. Гледате ли колку е голем оној кому патријархот Авраам му даде десеток од најдобриот плен! Навистина и оние од Левиевите синови, кои ја примаат свештеничката служба, имаат заповед според Законот да земаат десеток од народот, односно од своите браќа, иако и тие излегоа од Авраамовите бедра. Но оној, кој не произлегол од нив зеде десеток од Авраама и го благослови оној кој ги имаше ветувањата. А и без секаква противречност е дека помалиот е благословен од поголемиот. И така, тука смртни луѓе земаат десеток, а таму Оној, за Кого се сведочи дека живее. И да речам така, Левиј, кој зема десеток, даде десеток преку Авраама, зашто уште беше во бедрото на својот татко, кога Мелхиседек го сретна. И така, ако исполнувањето беше преку левитското свештенство, зашто народот го прими Законот под него, каква потреба би била уште да се издигне друг свештеник по редот Мелхиседеков и да не се наречува по редот Аронов? Зашто, ако се промени свештенството по неопходност станува и промена на Законот. Бидејќи тој, за кого се вели ова му припаѓаше на друго племе, од кое никој не служел при жртвеникот. Зашто е познато дека нашиот Господ произлезе од Јудиното племе, а за свештенство од ова племе Мојсеј ништо не рече. Тоа станува уште појасно ако се воздигне друг свештеник според сличноста на Мелхиседек, кој не станал тоа според закон на телесна заповед, туку според силата на неуништливиот живот. Зашто за него се сведочи: „Ти си свештеник довека по редот Мелхиседеков.“ Со тоа се укинува поранешната заповед, заради нејзината слабост и бесполезност - зашто Законот не усовршил ништо, а се воведува подобра надеж, преку која се доближуваме до Бога. Доколку не бива без заклетва, имено другите станаа свештеници без заклетва; а Тој со заклетва преку Оној, Кој Му рече: „Господ се заколна и нема да се покае: Ти си свештеник довека“, дотолку и Исус стана залог на подобар завет. И тие во голем број станаа свештеници зашто смртта ги спречуваше да продолжат, а Тој пак има свештенство, што не може да мине на друг, зашто останува довека. Затоа и може наполно да ги спасува оние, кои преку Него доаѓаат при Бога, зашто секогаш живее, за да посредува за нив. Зашто таков Првосвештеник ни требаше и нам: свет, невин, непорочен, одвоен од грешниците и повозвишен од небесата, Кој нема секојдневна потреба како првосвештениците, да принесува жртва прво за своите гревови, а потоа за гревовите на народот, зашто тоа го направи еднаш за секогаш принесувајќи се Самиот Себе. Зашто, Законот поставува слаби луѓе за големи свештеници, а зборот на заклетвата - дадена после Законот, Синот, Кој е усовршен довека.