Евреите 13:14-21
Евреите 13:14-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Зашто ние овде на Земјава немаме град во кој вечно ќе живееме, туку го очекуваме во иднина. Нашата постојана жртва е, со помошта на Исус, да Му принесуваме слава на Бог со своите усни, кои ќе Го величаат и прославуваат Неговото име. Не заборавајте да им помагате на другите и да ги делите своите добра со нив, зашто и тоа се богоугодни жртви. Слушајте ги вашите духовни водачи и потчинувајте им се. Тие бдеат над вашите души и за тоа се одговорни пред Бог. Овозможете им тоа да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа нема да биде во ваш интерес. Молете се за нас! Ние сме уверени дека имаме чиста совест, бидејќи секогаш се трудиме во се да се однесуваме како што прилега. Посебно сакам да се молите наскоро да можам повторно да ве посетам. Бог е извор на мирот и Тој го воскресна од мртвите нашиот Господ Исус Христос. Исус е сега најголемиот Пастир, со чијашто крв се склучи вечниот Завет во полза на Неговото стадо. Се молам Бог да ве оспособи за секакво добро дело, за да можете да ја извршувате Неговата волја. Бог нека го изврши во нас она што Му е угодно, преку Исус Христос, Кому што Му припаѓа вечна слава! Амин.
Евреите 13:14-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
бидејќи овде немаме постојан град, туку го очекуваме оној што ќе дојде. Преку Него, пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните што го прославуваат името Негово. А добродетелството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога. Покорувајте им се на учителите ваши и бидете им послушни, зашто тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души, – та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас. Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме добра совест, грижејќи се во сѐ добро да постапуваме. Уште повеќе ве молам да го вршите ова, та поскоро да се вратам меѓу вас. А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го воздигна од мртвите големиот Пастир на овците – нашиот Господ Исус Христос, нека ве усоврши во секое добро дело за да ја исполните Неговата волја, вршејќи го во вас она што Му е Нему благоугодно, преку Исус Христос, Нему слава во вечни векови, Амин!
Евреите 13:14-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
зашто тука немаме траен град, туку го бараме идниот. И така, преку Него да Му принесуваме постојано на Бога пофална жртва, односно: плод на усните, кои го исповедуваат Неговото име. А не заборавајте ги: добротворството и делењето со другите, зашто со такви жртви Му се угодува на Бога! Бидете им послушни на вашите водачи и покорувајте им се, зашто тие бдеат над вашите души како оние, кои ќе одговараат за тоа; за да го прават тоа со радост, а не со воздишки, зашто тоа не би било полезно за вас. Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме добра совест, и сакаме да се владееме добро во сѐ. Уште повеќе ве молам да го правите тоа, за да ви бидам поскоро вратен. А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го изведе од мртвите Великиот Пастир на овците, нашиот Господ Исус, да ве усоврши во секое добро за да ја извршувате Неговата волја, вршејќи го во нас она, што е угодно пред Него, преку Исуса Христа, Кому да биде слава во вечни векови. Амин!