Создавање 8:13-22
Создавање 8:13-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во шестотини и првата година, во првиот ден од првиот месец, ја снема водата од земјата; и Ное го отвори покривот на ковчегот, погледна и виде дека површината на земјата беше поисушена. А на дваесет и седмиот ден од вториот месец, земјата беше сува. Тогаш му рече Бог на Ное: „Излезете од ковчегот, ти, жената твоја, синовите твои, и жените на синовите твои; изведи ги со себе и сите животни, што се со тебе, од секое суштество, од птиците, добитокот и сите влекачи што лазат по земјата; нека се растурат по земјата, и нека се плодат и множат на земјата!“ И излегоа Ное, синовите негови, жената негова, и жените на синовите негови; сите животни и сите лазачи, сите птици – сѐ што се движи по земјата, според родот нивни, излегоа од ковчегот. И Му направи Ное жртвеник на Господ; и зеде од секој чист добиток и од сите чисти птици, и ги принесе на жртвеникот како жртви сепаленици. И Господ го почувствува пријатниот мирис, па рече во срцето Свое: „Нема повеќе да ја проколнувам земјата поради човекот, зашто помислите на срцето човечко се зли уште од младини и нема повеќе да ги уништувам живите суштества, како што направив. Отсега, па сѐ дури постои земјата, нема да престанат сеењето и жнеењето, студот и горештината, летото и зимата, деновите и ноќите.“
Создавање 8:13-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во шест стотини и првата година на Ноевиот живот, во првиот месец, на првиот ден на месецот, водата пресуши на земјата. Ное го дигна покривот на бродот и погледна, и ете, површината на земјата беше окопнета. А во вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот, земјата беше сува. Тогаш Бог му рече на Ное: „Излезете од бродот: ти, твојата жена, твоите синови и твоите снаи со тебе. Изведи ги, со себе, сите живи суштества, сите созданија што се со тебе: птиците, добитокот и сите лазачи, што ползат по земјата; нека се разотидат по земјата, нека се плодат и нека се множат на земјата.“ И Ное излезе, а со него и: неговите синови, неговата жена и неговите снаи. И сите животни, сите лазачи, сите птици - сите созданија што се движат по земјата - излегоа од бродот, вид по вид. И Ное Му изгради жртвеник на Господа; зеде од секое чисто животно и од секоја чиста птица и принесе на жртвеникот жртви паленици. Господ го помириса пријатниот мирис и рече во Своето срце: „Никогаш повеќе нема да ја проколнувам земјата заради човекот; зашто човековите мисли се лоши од неговиот почеток; ниту некогаш ќе ги уништам сите живи суштества, како што направив. Сѐ додека постои земјата, никогаш нема да прекратат: сеидба и жетва, студот и горештината, летото и зимата, денот и ноќта.“