Создавање 49:1-33
Создавање 49:1-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа Јаков ги повика своите синови и им рече: „Соберете се, за да ви соопштам однапред, што ќе се случи со вас во идните времиња. Соберете се и послушајте ме, вие синови на Јаков, послушајте го Израел, таткото ваш: Рувиме, сине мој првороден, ти си тврдина моја и почеток на мојата сила; прв по достоинство и прв по моќ. Ти бликаш како вода; нема да се издигнеш, зашто се качи на татковото легло, и ја оскверни постелата моја, на која се качи. Симеон и Левиј се вистински браќа, оружје на насилство се мечовите нивни. Во договарањата нивни да не учествува душата моја, ниту во собирот нивни славата моја; бидејќи тие во гневот свој луѓе убиваа, а за свое задоволство бикови сакатеа. Проклет да е гневот нивни, зашто е жесток; и лутината нивна, бидејќи е свирепа; ќе ги разделам по Јакова, и ќе ги растурам низ Израел. Јудо! Тебе ќе те слават браќата твои, и рацете секогаш ќе ти бидат врз плеќите на непријателите твои; и тебе ќе ти се поклонуваат синовите на таткото твој. Јудо, лавче мое мало! Од грабеж се издигаш, сине мој. Се наведнуваш и легнуваш како лав и лавица. Кој смее да те предизвикува? Нема да се одземе жезолот од Јуда, ниту од бедрата негови, сѐ дури не дојде Миротворецот, Кому ќе Му се покоруваат народите. Тој го врзува за лоза своето магаре, а младото магаре на неговата магарица за дебела прачка; во вино ја пере облеката своја, а во крв од грозје облеклото свое; очите му се потемни од вино, а забите му се побели од млеко. Завулон ќе живее покрај море, до морско пристаниште, а границата ќе му биде до Сидон; Исахар е како цврсто магаре, легнат меѓу оградите; па, откако виде дека починката е добра, земјата пријатна, ги сви рамењата свои под трудот и стана роб на земјата. Дан ќе му суди на својот народ, како едно од племињата израелски. Дан ќе биде како змија на пат, како усојница на патека, која го каснува коњот за нога, и јавачот негов паѓа назад. Од Господ очекувам спасение! А Гад, ќе го нападнат разбојници, но тој, одејќи им по трагите, ќе ги совлада. Кај Асир ќе има храна во изобилие; тој ќе им дава храна на кнезовите. Нефталим е како кошута на слобода, која дава убав подмладок. Јосиф е плодна гранка, плодородна гранка покрај извор, чии фиданки поминуваат над ѕидот. И го огорчуваа, и стрелаа по него, и го прогонуваа силните стрелци, но лакот негов остана јак, и мускулите на неговите раце останаа цврсти преку рацете на Моќниот (Бог) Јаковов, на пастирот и тврдината Израелова. Од Бога на таткото твој, Кој ќе ти помага, и од Семоќниот Кој ќе те благослови со благослови одозгора од небото, со благослови од бездната подземна, со благослови од градите и од утробите. Благословите на таткото твој ги надминаа благословите на старите планини и убавините на вечните ридови; тие нека се спуштаат и нека бидат над главата Јосифова, и над темето на избраниот меѓу браќата свои. Венијамин е граблив волк, наутро ќе јаде лов, а навечер пленот ќе го дели.“ Тоа се дванаесетте колена израелски, и тоа им го изговори таткото нивни ги благослови: секого со посебен благослов ги благослови. Потоа им заповеда, велејќи: „Јас се прибирам кај својот род, погребете ме при татковците мои, во пештерата што е во нивата на Хитиецот Ефрон. Во пештерата, што е во нивата махпелска, спроти Мамре, во земјата хананска, која ја беше купил Авраам од Хитиецот Ефрон, за да има своја гробница. Таму ги погребаа Авраам и жената негова Сара, таму ги погребаа и Исак и Ревека, жената негова, а таму јас ја погребав и Лија; оваа нива и пештерата, што е во неа, е купена од синовите Хетеови.“ И престана Јаков да им говори на синовите свои, ги повлече нозете во постелата, па умре – и се прибра кај предците свои.
Создавање 49:1-33 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Потоа Јаков ги повика сите свои синови и рече: „Соберете се, за да ви кажам што ќе биде со вас во идните времиња: Соберете се, чујте, Јаковови синови, послушајте го татка си Израел! Ти, Рувиме, првороденец мој, ти си моја тврдина, првенец на мојата сила. Се истакнуваш со достоинство, се истакнуваш со сила. Но, буен како вода, не ќе имаш повеќе првенство, зашто го оскверни леглото на татка си, и ја онечисти мојата постела. Симеон и Леви се браќа! Мечевите им се оружје на насилство. Јас не учествував во нивните советувања, не зедов дел во нивните собранија! Во својот гнев убиваа луѓе; во бес ги пресекоа жилите на воловите. Проклет да им е гневот, зашто беше прежесток! Проклета да им е јароста, зашто беше пресурова! Ќе ги разделам во Јакова, ќе ги распрснам низ Израел. Јудо! Твоите браќа ќе те слават, раката ти е секогаш врз вратот на непријателот, синовите на татка ти ќе ти се поклонуваат. Јудо, лавче младо! Си се здебелил, сине, од лов; клекна, легна како лав и како лавица: кој ќе го разбуди? Нема да се оддалечат од Јуда: ни царското жезло, ниту владетелската палка од кај неговите нозе, додека не дојде Оној, кому Му припаѓа, кому ќе Му се покорат народите. Го врзува своето ждребе за лозата, а неговото младо осле за племенита пенушка. Тој ја пере својата облека во вино, својата носија во крвта на грозјето. Неговите очи ќе црвенеат од вино, забите ќе белеат од млеко. Завулон ќе живее покрај морскиот брег, ќе биде пристаниште на бродови и ќе граничи со Сидон. Исахар е јако осле, легнато меѓу оградите. Виде дека починката е пријатна, а земјата убава, па ги подметна своите плеќи под бреме и се согласи со потчинетост. Дан ќе го суди својот народ, како секое Израелево племе. Дан нека биде змија на патот, отровница покрај патека, што ќе го касне коњот за ногата, така што јавачот ќе падне назад. Господи, се надевам на Твоето спасение! Разбојниците ќе го ограбуваат Гад, но и тој со грабеж ќе им биде зад петиците. Кај Асира ќе има леб, и ќе доставуваат царски слатки. Нефталим е брза срна, што говори убави зборови. Јосиф е плодоносна гранка, плодна гранка покрај извор, гранчињата ѝ се простираат над ѕидот. Стрелци го огорчија, стрелаа на него, и го гонеа. Но неговиот лак останува цврст, мишките му зајакнаа, преку рацете на Силниот Јаковов, преку името на Пастирот, на Израелевата Стена, Од Бога, твој Татко, Кој ќе ти помага, преку Сѐсилниот, Кој ќе те благословува со небесни благослови одозгора, со благослови на бездната одоздола, со благослови на градите и на утробите! Со благословите на татка ти, што ги надвишуваат благословите на старите гори и убавините на вечните брегови - тие нека се спуштат врз Јосифа, на посветениот меѓу браќата! Венијамин е граблив волк, наутро ќе го јаде ловот, а навечер ќе го дели пленот.“ Сите тие беа Израелеви племиња - дванаесет на број - и тоа им го рече таткото кога ги благословуваше; секого од нив го благослови со негов благослов. И тој им заповеда: „Скоро ќе им се придружам на своите луѓе. Погребете ме покрај моите татковци, во пештерата, што се наоѓа во нивата на Ефрон, Хетеецот, во пештерата на полето Махпела, спроти Мамвриј, во Ханаанската Земја, која Авраам ја купи со нивата на Хетеецот Ефрон за место за погребување. Таму беа погребани Авраам и жена му Сара; таму беа погребани Исак и жена му Ревека; таму јас ја погребав Лија. Нивата и пештерата, во неа, се купени од Хетеевите синови.“ Кога Јаков им ги кажа заповедите на своите синови, ги повлече нозете на постела и издивна - им се придружи на своите луѓе.