Создавање 37:18-24
Создавање 37:18-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А тие го видоа оддалеку; и, пред да им се приближи, почнаа да се договараат за да го убијат. И си рекоа помеѓу себе: „Ене го доаѓа, оној што сонува! Ајде сега да го убиеме и да го фрлиме во некоја од овие јами, па ќе речеме: крвожеден ѕвер го изеде. Тогаш ќе видиме што ќе стане од неговите соништа!“ Но, кога го чу тоа Рувим, посака да го спаси од рацете нивни, па рече: „Да не го убиваме!“ И уште им рече Рувим: „Крв да не пролевате; фрлете го во една од јамите во пустината, но не кревајте рака на него.“ А тој сакаше да го спаси од рацете нивни и да го врати кај татко му. И кога Јосиф дојде кај своите браќа, тие му ја соблекоа шарената облека, што ја имаше на себе. И го фатија, па го фрлија во една јама; а јамата беше празна; немаше вода во неа.
Создавање 37:18-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тие го здогледаа оддалеку; пред да им се приближи, почнаа да се договараат за да го убијат. Си рекоа еден на друг: „Ене го стигнува сонувачот! Ајде, да го убиеме сега и да го фрлиме во некоја јама! Можеме да речеме дека го изеде див ѕвер. Ќе видиме што ќе биде од неговите соништа!“ Но кога Рувим го чу тоа, се обиде да го избави од нивните раце. И рече: „Да не му го одземаме животот! Не пролевајте крв - зборуваше натаму Рувим. - Фрлете го во јама за вода во пустината, ама не кревајте раце на него!“ Така сакаше да го избави од нивните раце и да го одведе при таткото. Но кога Јосиф стигна при браќата, тие му ја соблекоа неговата облека, шарената облека што беше на него; го грабнаа и го фрлија во јама за вода. Јамата беше празна; немаше вода во неа.