Создавање 3:1-11
Создавање 3:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог; па ѝ рече на жената: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?“ А жената ѝ рече на змијата: „Ние јадеме род од секое дрво во рајот; – само од родот на она дрво среде рајот, – рече Бог, – не јадете од него и не допирајте се до него, за да не умрете!“ Тогаш змијата ѝ рече на жената: „Не, нема да умрете! Но Бог знае дека оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло.“ Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде, па му даде и на мажот свој, та и тој јадеше. Тогаш им се отворија очите на обајцата, и разбраа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала. Тогаш го чуја гласот на Господ Бог, кога Тој одеше низ рајот во времето на дневниот ветрец; и се сокрија Адам и неговата жена меѓу рајските дрвја. Но Господ Бог го повика Адам и му рече: „Каде си?“ А тој одговори: „Го чув одењето Твое низ рајот, па се уплашив, бидејќи сум гол, и се сокрив.“ И Тој рече: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од она дрво, од кое ти забранив да јадеш?“
Создавање 3:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Змијата беше полукава од сите полски животни, што Господ, Бог, ги направи. Таа ѝ рече на жената: „Вистина ли е дека Бог рекол, - не ќе јадете од ниедно дрво во градината?“ Жената ѝ рече на змијата: „Смееме да јадеме плод од дрвата во градината. Само за плодот на дрвото што е среде градината Бог рече: ‘Не јадете од него! И не допирајте го, за да не умрете!’“ А змијата ѝ рече на жената: „Навистина, не ќе умрете! Туку Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото.“ Жената виде дека дрвото е добро за јадење, пријатно за очите и дрво пожелно за да се постане мудар: набра од неговиот плод и го јаде. Му даде и на својот маж, кој беше со неа, па и тој јадеше. Тогаш на двајцата им се отворија очите, и согледаа дека се голи. Сплетоа смоквини лисја и си направија прегачи. Тогаш го чуја гласот на Господа, Бога, Кој шеташе горе-долу во градината за време на денскиот ветрец. И се сокрија - човекот и неговата жена - пред Господа, Бога, меѓу дрвјата во градината. Господ, Бог, го повика човекот и му рече: „Каде си?“ Тој одговори: „Го чув Твојот глас во градината, се исплашив, зашто сум гол, и се сокрив.“ Тогаш му рече: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од дрвото, за кое ти заповедав да не јадеш?“