Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Галатјаните 1:6-24

Галатјаните 1:6-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Не можам да се изначудам како толку брзо се одметнавте од Бог, Кој поради Својата љубов и милост спрема вас ве покани да станете сонаследници на Христовите заслуги, а вие се свртевте кон друга Радосна вест! А друга Радосна вест не постои. Некои луѓе сакаат да ве збунат, изопачувајќи ја Радосната вест за Христос. Проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ви ја проповедавме ние, па макар да е тоа и некој од нас или да е ангел од небото! Веќе кажав, но пак ќе повторам: проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ја примивте! Дали јас се обидувам да им угодам на луѓето и ним да им се умилкувам? Мене ми е важно Бог да го одобрува тоа што го проповедам. Да ми беа важни луѓето, немаше да станам службеник на Христос! Сакам да знаете, драги пријатели, дека Радосната вест што јас ви ја проповедав не потекнува од човек, зашто јас не ја чув од човек, ниту за неа некој ми раскажа, туку ја добив преку откровение директно од Исус Христос. Вие сигурно сте слушнале каков бев јас додека и припаѓав на еврејската религија. Безмилосно ја прогонував Божјата црква и се обидував да ја уништам. Јас во еврејската религија напредував многу повеќе од повеќето мои современици и сонародници и бев многу поревносен во спроведувањето на обичаите на моите предци. Но Бог ме одбра уште од утробата на мојата мајка и ме повика, поради Својата благонаклоност што јас не ја заслужувам. Реши да ми Го открие Својот Син, за да проповедам за Него меѓу нееврејските народи. За таа задача јас не барав совети од луѓе, суштества од крв и месо. Не отидов во Ерусалим кај оние што уште пред мене беа апостоли, туку веднаш заминав за Арабија, а подоцна повторно се вратив во Дамаск. Дури по три години отидов во Ерусалим, да се запознаам со Петар и со него останав петнаесет дена. Со другите апостоли, освен со Јаков, братот Господов, не се ни сретнав. Бог ми е сведок дека ова што ви го пишувам не е лага, туку е вистина. Потоа заминав за Сирија и Киликија. Христијаните во Јудеја се уште не ме познаваа лично, туку само беа слушнале дека „оној што ги прогонуваше, сега и самиот ја проповеда верата што сакаше да ја уништи“. И Го славеа Бог заради тоа што го направи со мене.

Галатјаните 1:6-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Се чудам што така брзо се одвратувате од Оној Кој ве повика преку благодатта Христова, и преминувате кон дру­го Евангелие, зашто и нема друго Евангелие, но има такви кои ве бунат и сакаат да го изопачат Евангелието Христово. Но ако и ние самите, или пак ангел од небото ви проповеда нешто спротив­но од она што ви благовестевме ние, не­ка биде проклет! Како што рековме порано, и сега пак повторувам: оној што ви благовестува некое поинакво Евангелие од она што го примивте – нека биде проклет! Во луѓето ли сега барам благона­клонетост, или во Бога? Или, пак, на луѓето ли сакам да им угодувам? Ако бев сакал да им угодувам на луѓето, не­маше да бидам Христов слуга. Браќа, ве известувам дека Еван­ге­лието, кое јас Го проповедав, не е од лу­ѓе, зашто јас ниту сум го примил, ниту сум го научил од човек, туку преку от­кровение на Исус Христос. Сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека пре­ку­мерно ја гонев Божјата црква и ја ра­зорував; и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за тат­ков­ските преданија. Кога Бог, Кој ме избра уште од мај­чина утроба и ме повика преку Својата благодат, благоволи во мене да Го открие Својот Син за да благовестувам за Него меѓу незна­бошците, – веднаш, не го прашав ни те­лото, ниту крвта, ниту, пак, отидов во Ерусалим кај оние што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск. А три години подоцна отидов во Ерусалим за да се видам со Кифа, и ос­танав кај него петнаесет дена. А, пак, од апостолите не видов ни­кој друг, освен Јаков, братот Господов. А за она што ви пишувам, еве, пред Бога велам дека не лажам. А потоа дојдов во земјите Сириски и Киликиски. На Христовите цркви во Јудеја лич­но не им бев познат, туку само беа слушале дека оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја про­поведа верата што порано ја разорувал. И Го прославуваа Бога за мене.

Галатјаните 1:6-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Се чудам дека така брзо се одвратувате од Оној, Кој ве повика во Христовата благодат, и преминувате кон друго евангелие, кое не е друго, само има некои, кои ве збунуваат и сакаат да го изопачат Христовото Евангелие. Но ако и ние, или ангел од небото, ви проповеда друго евангелие, различно од она што ви го проповедавме, да биде проклет! Како што рековме порано и сега пак велам: ако некој ви проповеда евангелие, што се разликува од она што го примивте, да биде проклет! Дали јас сега ги уверувам луѓето или Бога? Или настојувам да им угодам на луѓето? Ако уште би им угодувал на луѓето, немаше да бидам Христов служител. Зашто, ве известувам, браќа, дека Евангелието кое го проповедав не е човечко, бидејќи ниту јас го примив од човек ниту го научив, туку преку откровението на Исуса Христа. Вие секако сте чуле за моето некогашно живеење во јудејството: како прекумерно ја гонев Божјата црква и ја запустував. и во јудејството надминав многу свои врсници во својот народ, вдахновен од преголемата ревност за преданијата на своите прататковци. А кога Му беше по волја на Оној, Кој ме оддели од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат, да Го открие во мене Својот Син, за да Го проповедам меѓу народите, не се посоветував веднаш со тело и крв, ниту отидов горе во Ерусалим кај оние, кои пред мене беа апостоли, туку отидов понатаму во Арабија и пак се вратив во Дамаск. А на три години потоа отидов горе во Ерусалим, за да го видам Петар, и останав при него петнаесет дена. А некој друг од апостолите не видов, освен Јаков, братот Господов. А пак што ви пишувам, еве пред Бога велам дека не лажам. Потоа дојдов во краиштата на Сирија и Киликија. А на црквите во Јудеја кои се во Христа, лично им бев уште непознат, тие беа само слушале: „Оној, кој некогаш нѐ гонеше, сега ја проповеда верата, која некогаш ја разурнуваше.“ И го славеа Бога во мене.