Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Галатјаните 1:11-24

Галатјаните 1:11-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Сакам да знаете, драги пријатели, дека Радосната вест што јас ви ја проповедав не потекнува од човек, зашто јас не ја чув од човек, ниту за неа некој ми раскажа, туку ја добив преку откровение директно од Исус Христос. Вие сигурно сте слушнале каков бев јас додека и припаѓав на еврејската религија. Безмилосно ја прогонував Божјата црква и се обидував да ја уништам. Јас во еврејската религија напредував многу повеќе од повеќето мои современици и сонародници и бев многу поревносен во спроведувањето на обичаите на моите предци. Но Бог ме одбра уште од утробата на мојата мајка и ме повика, поради Својата благонаклоност што јас не ја заслужувам. Реши да ми Го открие Својот Син, за да проповедам за Него меѓу нееврејските народи. За таа задача јас не барав совети од луѓе, суштества од крв и месо. Не отидов во Ерусалим кај оние што уште пред мене беа апостоли, туку веднаш заминав за Арабија, а подоцна повторно се вратив во Дамаск. Дури по три години отидов во Ерусалим, да се запознаам со Петар и со него останав петнаесет дена. Со другите апостоли, освен со Јаков, братот Господов, не се ни сретнав. Бог ми е сведок дека ова што ви го пишувам не е лага, туку е вистина. Потоа заминав за Сирија и Киликија. Христијаните во Јудеја се уште не ме познаваа лично, туку само беа слушнале дека „оној што ги прогонуваше, сега и самиот ја проповеда верата што сакаше да ја уништи“. И Го славеа Бог заради тоа што го направи со мене.

Галатјаните 1:11-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Браќа, ве известувам дека Еван­ге­лието, кое јас Го проповедав, не е од лу­ѓе, зашто јас ниту сум го примил, ниту сум го научил од човек, туку преку от­кровение на Исус Христос. Сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека пре­ку­мерно ја гонев Божјата црква и ја ра­зорував; и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за тат­ков­ските преданија. Кога Бог, Кој ме избра уште од мај­чина утроба и ме повика преку Својата благодат, благоволи во мене да Го открие Својот Син за да благовестувам за Него меѓу незна­бошците, – веднаш, не го прашав ни те­лото, ниту крвта, ниту, пак, отидов во Ерусалим кај оние што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск. А три години подоцна отидов во Ерусалим за да се видам со Кифа, и ос­танав кај него петнаесет дена. А, пак, од апостолите не видов ни­кој друг, освен Јаков, братот Господов. А за она што ви пишувам, еве, пред Бога велам дека не лажам. А потоа дојдов во земјите Сириски и Киликиски. На Христовите цркви во Јудеја лич­но не им бев познат, туку само беа слушале дека оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја про­поведа верата што порано ја разорувал. И Го прославуваа Бога за мене.

Галатјаните 1:11-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Зашто, ве известувам, браќа, дека Евангелието кое го проповедав не е човечко, бидејќи ниту јас го примив од човек ниту го научив, туку преку откровението на Исуса Христа. Вие секако сте чуле за моето некогашно живеење во јудејството: како прекумерно ја гонев Божјата црква и ја запустував. и во јудејството надминав многу свои врсници во својот народ, вдахновен од преголемата ревност за преданијата на своите прататковци. А кога Му беше по волја на Оној, Кој ме оддели од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат, да Го открие во мене Својот Син, за да Го проповедам меѓу народите, не се посоветував веднаш со тело и крв, ниту отидов горе во Ерусалим кај оние, кои пред мене беа апостоли, туку отидов понатаму во Арабија и пак се вратив во Дамаск. А на три години потоа отидов горе во Ерусалим, за да го видам Петар, и останав при него петнаесет дена. А некој друг од апостолите не видов, освен Јаков, братот Господов. А пак што ви пишувам, еве пред Бога велам дека не лажам. Потоа дојдов во краиштата на Сирија и Киликија. А на црквите во Јудеја кои се во Христа, лично им бев уште непознат, тие беа само слушале: „Оној, кој некогаш нѐ гонеше, сега ја проповеда верата, која некогаш ја разурнуваше.“ И го славеа Бога во мене.