Галатјаните 1:1-9
Галатјаните 1:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Од Павле, повикан да биде апостол не од луѓе, ниту со помош на луѓе, туку од Исус Христос и од Бог Таткото, Кој Го воскресна Исуса од мртвите. Сите христијани што се со мене, се придружуваат кон ова писмо што го упатуваме до црквите во Галатија. Бог, Кој е наш Татко и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. Христос ја исполни волјата на Бог, нашиот Татко и доброволно се предаде како жртва за нашите гревови, за да не спаси од овој зол свет во кој живееме. Затоа Нему Му припаѓа сета слава за вечни времиња. Амин! Постои само една Радосна вест Не можам да се изначудам како толку брзо се одметнавте од Бог, Кој поради Својата љубов и милост спрема вас ве покани да станете сонаследници на Христовите заслуги, а вие се свртевте кон друга Радосна вест! А друга Радосна вест не постои. Некои луѓе сакаат да ве збунат, изопачувајќи ја Радосната вест за Христос. Проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ви ја проповедавме ние, па макар да е тоа и некој од нас или да е ангел од небото! Веќе кажав, но пак ќе повторам: проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ја примивте!
Галатјаните 1:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Павле, апостол, повикан не од луѓе, ниту преку човек, туку преку Исус Христос и Бог Отецот, Кој Го воскресна од мртвите, и сите браќа што се со мене – до црквите во Галатија; благодат и мир вам од нашиот Бог Отец и од Господ Исус Христос, Кој се даде Себе за нашите гревови, за да нѐ избави од сегашниот зол свет, по волјата на Бога, Кој е наш Отец. Нему нека Му е слава во вечни векови. Амин! Се чудам што така брзо се одвратувате од Оној Кој ве повика преку благодатта Христова, и преминувате кон друго Евангелие, зашто и нема друго Евангелие, но има такви кои ве бунат и сакаат да го изопачат Евангелието Христово. Но ако и ние самите, или пак ангел од небото ви проповеда нешто спротивно од она што ви благовестевме ние, нека биде проклет! Како што рековме порано, и сега пак повторувам: оној што ви благовестува некое поинакво Евангелие од она што го примивте – нека биде проклет!
Галатјаните 1:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Павле - апостол, испратен не од луѓе, ниту преку посредство на човек, туку преку Исуса Христа и Бог Таткото, Кој Го воскресна од мртвите - и сите браќа, кои се со мене, до црквите во Галатија. Благодат и мир на вас од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа, Кој се даде Себеси за нашите гревови, за да нѐ избави од сегашниот лукав век, по волјата на нашиот Бог и Татко! Кому е слава во сите векови. Амин! Се чудам дека така брзо се одвратувате од Оној, Кој ве повика во Христовата благодат, и преминувате кон друго евангелие, кое не е друго, само има некои, кои ве збунуваат и сакаат да го изопачат Христовото Евангелие. Но ако и ние, или ангел од небото, ви проповеда друго евангелие, различно од она што ви го проповедавме, да биде проклет! Како што рековме порано и сега пак велам: ако некој ви проповеда евангелие, што се разликува од она што го примивте, да биде проклет!