Галатјаните 1:1-14
Галатјаните 1:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Од Павле, повикан да биде апостол не од луѓе, ниту со помош на луѓе, туку од Исус Христос и од Бог Таткото, Кој Го воскресна Исуса од мртвите. Сите христијани што се со мене, се придружуваат кон ова писмо што го упатуваме до црквите во Галатија. Бог, Кој е наш Татко и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. Христос ја исполни волјата на Бог, нашиот Татко и доброволно се предаде како жртва за нашите гревови, за да не спаси од овој зол свет во кој живееме. Затоа Нему Му припаѓа сета слава за вечни времиња. Амин! Постои само една Радосна вест Не можам да се изначудам како толку брзо се одметнавте од Бог, Кој поради Својата љубов и милост спрема вас ве покани да станете сонаследници на Христовите заслуги, а вие се свртевте кон друга Радосна вест! А друга Радосна вест не постои. Некои луѓе сакаат да ве збунат, изопачувајќи ја Радосната вест за Христос. Проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ви ја проповедавме ние, па макар да е тоа и некој од нас или да е ангел од небото! Веќе кажав, но пак ќе повторам: проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ја примивте! Дали јас се обидувам да им угодам на луѓето и ним да им се умилкувам? Мене ми е важно Бог да го одобрува тоа што го проповедам. Да ми беа важни луѓето, немаше да станам службеник на Христос! Сакам да знаете, драги пријатели, дека Радосната вест што јас ви ја проповедав не потекнува од човек, зашто јас не ја чув од човек, ниту за неа некој ми раскажа, туку ја добив преку откровение директно од Исус Христос. Вие сигурно сте слушнале каков бев јас додека и припаѓав на еврејската религија. Безмилосно ја прогонував Божјата црква и се обидував да ја уништам. Јас во еврејската религија напредував многу повеќе од повеќето мои современици и сонародници и бев многу поревносен во спроведувањето на обичаите на моите предци.
Галатјаните 1:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Павле, апостол, повикан не од луѓе, ниту преку човек, туку преку Исус Христос и Бог Отецот, Кој Го воскресна од мртвите, и сите браќа што се со мене – до црквите во Галатија; благодат и мир вам од нашиот Бог Отец и од Господ Исус Христос, Кој се даде Себе за нашите гревови, за да нѐ избави од сегашниот зол свет, по волјата на Бога, Кој е наш Отец. Нему нека Му е слава во вечни векови. Амин! Се чудам што така брзо се одвратувате од Оној Кој ве повика преку благодатта Христова, и преминувате кон друго Евангелие, зашто и нема друго Евангелие, но има такви кои ве бунат и сакаат да го изопачат Евангелието Христово. Но ако и ние самите, или пак ангел од небото ви проповеда нешто спротивно од она што ви благовестевме ние, нека биде проклет! Како што рековме порано, и сега пак повторувам: оној што ви благовестува некое поинакво Евангелие од она што го примивте – нека биде проклет! Во луѓето ли сега барам благонаклонетост, или во Бога? Или, пак, на луѓето ли сакам да им угодувам? Ако бев сакал да им угодувам на луѓето, немаше да бидам Христов слуга. Браќа, ве известувам дека Евангелието, кое јас Го проповедав, не е од луѓе, зашто јас ниту сум го примил, ниту сум го научил од човек, туку преку откровение на Исус Христос. Сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека прекумерно ја гонев Божјата црква и ја разорував; и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за татковските преданија.
Галатјаните 1:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Павле - апостол, испратен не од луѓе, ниту преку посредство на човек, туку преку Исуса Христа и Бог Таткото, Кој Го воскресна од мртвите - и сите браќа, кои се со мене, до црквите во Галатија. Благодат и мир на вас од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа, Кој се даде Себеси за нашите гревови, за да нѐ избави од сегашниот лукав век, по волјата на нашиот Бог и Татко! Кому е слава во сите векови. Амин! Се чудам дека така брзо се одвратувате од Оној, Кој ве повика во Христовата благодат, и преминувате кон друго евангелие, кое не е друго, само има некои, кои ве збунуваат и сакаат да го изопачат Христовото Евангелие. Но ако и ние, или ангел од небото, ви проповеда друго евангелие, различно од она што ви го проповедавме, да биде проклет! Како што рековме порано и сега пак велам: ако некој ви проповеда евангелие, што се разликува од она што го примивте, да биде проклет! Дали јас сега ги уверувам луѓето или Бога? Или настојувам да им угодам на луѓето? Ако уште би им угодувал на луѓето, немаше да бидам Христов служител. Зашто, ве известувам, браќа, дека Евангелието кое го проповедав не е човечко, бидејќи ниту јас го примив од човек ниту го научив, туку преку откровението на Исуса Христа. Вие секако сте чуле за моето некогашно живеење во јудејството: како прекумерно ја гонев Божјата црква и ја запустував. и во јудејството надминав многу свои врсници во својот народ, вдахновен од преголемата ревност за преданијата на своите прататковци.