Ездра 6:1-18
Ездра 6:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш царот Дариј издаде заповед, и бараа во Вавилон, во архивот, каде што ги чуваа важните документи. И во Ахмета, во дворецот, кој е во областа Мидија, беше пронајден еден свиток, и во него беше напишано вака: „Потсетник. Во првата година од владеењето на царот Кир, царот издаде указ за домот Господов во Ерусалим: Нека биде изграден дом на она место, каде што принесуваат жртви, и нека му се постават здрави темели; висината негова – шеесет лакти, ширината негова – шеесет лакти; три реда големи камења, еден ред дрва; а трошоците нека се плаќаат од царскиот дом. Уште и садовите на Божјиот дом, златни и сребрени што Навуходоносор ги изнесол од ерусалимскиот храм и ги однел во Вавилон, нека се вратат и однесат во ерусалимскиот храм и да бидат наместени во Божјиот дом, секој на свое место. Затоа, Татенај, кој управуваш со задречната област, и ти Ситар-Бознај и вие нивни соработници, испратени во областа зад Реката, бидете на разумна оддалеченост оттаму! Не запирајте ја работата на Божјиот дом; јудејскиот кнез и јудејските старешини нека го градат оној Божји дом на местото негово. А јас издадов указ, според кој треба да им помагате на тие старешини јудејски во градбата на овој дом Божји, односно: од царскиот имот – од данокот на задречната област да им се дава на тие луѓе за да не се запира работата; и колку што ќе бидат потребни – телиња, овни или јагниња за сепаленици на Бога небесен, исто така и пченица, сол, вино и масло, толку, колку што ќе определат свештениците ерусалимски, нека им се дава секој ден без прекин, за да принесуваат благопријатни жртви на Бога небесен, и да се молат за животот на царот и синовите негови. Заповедам уште – кој ќе ја измени оваа наредба, да извадат греда од куќата негова, да го издигнат и приковаат на неа, а куќата негова поради тоа да се претвори во урнатини. И Бог, Чие име престојува таму, да го собори секој цар и народ што ќе протегне рака да го измени ова за штета на тој дом Божји во Ерусалим. Јас, Дариј, го издадов овој указ, нека биде точно спроведен!“ Тогаш Татенај, управителот на задречната област, Ситар-Бознај и нивните соработници, постапуваа точно онака, како што заповеда царот Дариј. И јудејските старешини градеа и напредуваа според пророштвото на пророкот Агеј и Захарија, синот на Идо. Изградија и завршија според волјата на Бог Израелов и според волјата на Кир, Дариј и Артаксеркс, цареви персиски. Завршен беше овој дом на третиот ден од месец адар, во шестата година од царувањето на царот Дариј. И синовите Израелови, свештениците, левитите и другите, што се беа вратиле од пленство, со радост го извршија осветувањето на тој Божји дом. И принесоа при осветувањето на тој Божји дом: сто вола, двесте овни, четиристотини јагниња и дванаесет јарци како жртва за грев за целиот Израел, според бројот на племињата Израелови. И поставија свештеници според чиновите нивни и левити според родовите нивни за Божја служба во Ерусалим, како што беше заповедано во книгата Мојсеева.
Ездра 6:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш, по заповед на царот Дариј, почнаа да бараат во Вавилон, во книжницата каде што беа чувани преписките, и најдоа во Екбатана, тврдина во Мидиската Покраина, книжен свиток со оваа повелба: „За спомен. Во првата година на Кировото царување, царот Кир даде повелба за Божјиот Дом во Ерусалим. ‘Домот нека биде изграден како место каде ќе бидат принесувани жртви и каде ќе бидат донесувани приноси за палење. Нека биде висок шеесет лакти и широк шеесет лакти. Три реда нека бидат од големи камења, а еден од дрво. Трошоците ќе бидат подмирени од царскиот дворец. Освен тоа, златните и сребрените посатки од Божјиот Дом, што Навуходоносор ги беше зел од Светилиштето во Ерусалим и ги пренесол во Вавилон, да се вратат и нека бидат на своето место во ерусалимското Светилиште и нека бидат поставени во Божјиот Дом.’ И така, сега Татнају, управителу оттаде Реката, Сетар-Воснају и вашите другари посланици од онаа страна на Реката, оддалечете се оттаму! Оставете: јудејскиот управителот и јудејските старешини нека го градат Божјиот Дом. Божјиот Дом треба да биде изграден на неговото првично место. Еве ги моите повелби за вашето држење кон јудејските старешини за да се изгради повторно Божјиот Дом: од царското благо - то ест од данокот оттаде Реката - нека им се плака внимателно на оние луѓе, без прекратување, и што ќе им треба за жртвите паленици на Бога на небото: јунци, овни и јагниња, и пченица, сол, вино и масло, нека им се дава редовно секој ден, според упатствата на свештениците во Ерусалим. Нека принесуваат жртви за пријатен мирис на Бога на небото, нека се молат за животот на царот и неговите синови. Освен тоа повелам: секој што ќе ја прекрши оваа наредба, нека му извадат греда од куќата, па нека биде погубен на неа, а куќата да му стане затоа буниште. И Бог, Кој таму го настани Своето Име, нека ги обори секој цар и народ, кој би се осмелил да ја прекрши мојата заповед и го разурне Божјиот Дом во Ерусалим! Јас, Дариј, ја дадов оваа наредба. Нека се извршува точно!“ Тогаш Татнај, сатрапот оттаде Реката, Сетар-Воснај и нивните другари, направија онака како што нареди царот Дариј. А еврејските старешини продолжија да градат успешно по вдахновение на пророците Агеј и Захариј, синот Адонов. Го завршија градењето по наредбата на Израелевиот Бог и по наредбата на Кир и Дариј и Артаксеркс, персискиот цар. Храмот беше завршен во дваесет и третиот ден на месецот Адар. Тоа беше во шестата година на владеењето на царот Дариј. Израелците - свештениците, левитите и Остатокот од повратниците од заточение - го осветија радосно Божјиот Дом. За осветувањето на Божјиот Дом жртвуваа сто јунци, двеста овни, четири стотини јагниња и, како жртва за гревовите на целиот Израел, дванаесет јарци - според бројот на Израелевите племиња. Потоа ги поставија свештениците според нивните редови и левитите според нивните разреди за служба во Божјиот Дом во Ерусалим, како што е пропишано во Мојсеевата Книга.