Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Езекиел 48:1-35

Езекиел 48:1-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А ова се имињата на племињата. На север, по патот што води од Хетлон за Хамат и Хацар-Енан, на ме­ѓата меѓу Дамаск и Хамат, сето тоа од исток па сѐ до морето е еден дел за Дан. А од границата на Дан, од север па до запад, тоа е еден дел за Асир. Од границата, пак, на Асир, од ис­точниот крај па до западниот, тоа е дел еден за Нефталим. До границата на Нефталим, од ис­точниот крај па сѐ до западниот, тоа е еден дел за Манасија. До границата на Манасија, од исток до запад, тоа е еден дел за Ефрем. До границата на Ефрем, од источ­ниот крај па сѐ до западниот, тоа е еден дел за Рувим. До границата на Рувим, од исток до запад, тоа е еден дел за Јуда. А до границата на Јуда, од исток до запад, е свештениот дел, широк дваесет и пет илјади лакти и долг колку што се и другите делови, од исток па сѐ до запад. Во средината негова нека биде светилиштето. Делот што е посветен за Господ ќе биде долг дваесет и пет илјади лакти, а широк десет илјади. И тој свештен дел треба да им припаѓа на свештениците, кој е од се­верната страна долг дваесет и пет илјади лакти, а откај морето – широк десет ил­јади, и откај исток – широк десет ил­јади, а откај југ долг ќе биде дваесет и пет илјади, додека спроти него нека би­де поставено светилиштето на Господ. Дајте им го тоа на свештениците од синовите на Садок, што Ми служеа верно, кога отстапуваа синовите Израе­лови, но тие не отстапија од Мене, како што отстапија другите левити. Ним ќе им припадне тој дел од светата земја, Светињата над светињите во пределот на левитите. И левитите ќе добијат во свеште­ничкиот дел дваесет и пет илјади лакти надолж и десет илјади нашир; целата должина ќе е дваесет и пет илјади лак­ти, и ширина десет илјади. Од тој дел тие не можат ни да продаваат, ниту да сменуваат; и првините од земјата не можат да ги пренесуваат на други, зашто тоа е светиња Госпо­дова. А другите пет илјади лакти во ширина од дваесет и пет илјади и во должина – пет илјади, ќе се определат за општа употреба на градот, за населби и за предградија; градот ќе биде во средината. А еве ги мерките – од северната страна четири илјади и петстотини лакти, од јужната четири илјади и петстотини, од источната четири илјади и петстотини и од западната страна – че­тири илјади и петстотини. Предградието, пак, на градот ќе биде двесте и педесет лакти од север, двесте и педесет од исток, двесте и пе­десет од југ и двесте и педесет од запад. А она што ќе преостане од дол­жината спроти свештениот дел – десет илјади спрема исток и десет илјади спрема запад, спроти свештениот дел, ќе биде земја, чии производи ќе служат за исхрана на службениците во градот. Во градот ќе можат да работат работници од сите Израелови племиња. Одвоениот дел од дваесет и пет илјади лакти во должина и дваесет илјади во ширина, четириаголен, определете го како свештен дел, вклучува­јќи ги во него и владенијата на градот. А сѐ што ќе остане, да биде за кнезот. Како откај свештениот дел, така исто и откај владенијата на градот, спроти дваесет и петте илјади лакти до источната граница, на делот, и на запад спроти дваесет и петте илјади лакти на западната граница, сразмерно со сите делови е делот на кнезот, така што свештениот дел и светилиштето да бидат во средината негова. А она што ќе остане од левитските владенија и од владенијата на градот во средината, ќе му припадне исто така на кнезот: меѓу границата на Јуда и меѓу границата на Венијамин. Остатокот, пак, од колената, од ис­точниот крај до западниот – е еден дел за Венијамин. До границата на Венијамин, од исток до запад, ќе биде еден дел за Симеон. До границата на Симеон, од исток па до запад, тоа ќе биде еден дел за Исахар. До границата на Исахар, од источ­ниот крај па до западниот, ќе е еден дел за Завулон. До границата на Завулон, од исток па до запад, еден дел за Гад. А до границата на Гад, од јужната страна, се протега јужниот крај од Та­мара до водите на Мерива во Кадис, по должината на потокот сѐ до Големото Море. Ете, тоа е земјата што со ждрепка ќе ја разделите меѓу Израеловите пле­миња, и тоа се деловите, вели Господ Бог. А ова се излезите на градот: од северната страна – четири илјади и петстотини мерки, и портите на градот се именувани со имињата на племињата Израелови: од северната страна три порти – Руви­мова, Јудина, Левиева. И од источната страна – четири ил­јади и петстотини лакти, со три порти – Јосифова, Венијаминова, Данова. И од јужната страна – четири илјади и петстотини лакти, со три порти: Симеонова, Исахарова и Завулонова. Од страната на морето, пак, – че­тири илјади и петстотини мерки, и три порти: Гадова, Асирова и Нефтали­мова. А обемот наоколу ќе изнесува осумнаесет илјади лакти. И градот од тој ден ќе се именува: „Господ е таму.“

Езекиел 48:1-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А ова се имињата на племињата: од крајниот север покрај патот за Етлон кон влезот во Емат и Асар Енан, од Дамасканскиот крај на север вдолж Емат, од исток до запад - Дановиот дел. Покрај Дановото подрачје, од исток до запад - Асировиот дел. Покрај Асировото подрачје, од исток до запад - Нефталимовиот дел. Покрај Нефталимовото подрачје, од исток до запад - Манасиевиот дел. Покрај Манасиевото подрачје, од исток до запад - Ефремовиот дел. Покрај Ефремовото подрачје, од исток до запад - Рувимовиот дел. Покрај Рувимовото подрачје, од исток до запад - Јудиниот дел. Покрај Јудиното подрачје, од исток до запад - нека биде задржано подрачјето што ќе Му го принесете на Господа; дваесет и пет илјади лакти во ширина, а во должина како секој друг дел, од исток до запад. Светилиштето нека биде во средина. Тоа задржано подрачје што ќе Му го принесете на Господа, нека биде долго дваесет и пет илјади лакти, широко десет илјади. Тоа свето, принесено подрачје за свештениците нека биде на север дваесет и пет илјади лакти; кон запад широко десет илјади; кон исток широко десет илјади; кон југ долго дваесет и пет илјади. Господовото Светилиште нека биде во средина. А на посветените свештеници, на Садоковите потомци, кои што Ми служеа верно и не застранија, како левитите, кога застранија Израелевите синови: ним ќе им припадне дел од тоа најсвето подрачје на земјата, покрај левитското подрачје. А на левитите, исто како и на свештеничкото подрачје: дваесет и пет илјади лакти во должина и десет илјади лакти во ширина - вкупно дваесет и пет илјади лакти во должина, десет илјади во ширина. Од тоа ништо не смее да се продаде ни да се замени; врз никого не смее да се пренесува таа првина на земјата, зашто Му е посветена на Господа. Пет илјади лакти во ширина, што ќе останат од оние дваесет и пет илјади, нека биде општо подрачје: за градот, за населбата и за чистината. Градот нека биде во средина. Еве ги мерите: на север четири илјади и пет стотини лакти; на исток четири илјади и пет стотини; на запад четири илјади и пет стотини. А чистината околу градот: двеста и педесет лакти кон север, двеста и педесет кон југ, двеста и педесет кон исток, двеста и педесет кон запад. Што ќе остане во должина, вдолж на светото подрачје - десет илјади лакти кон исток и десет илјади кон запад, вдолж на светото подрачје - тоа нека биде за издржување на оние кои му служат на градот. Тие што му служат на градот ќе се земат од сите Израелеви племиња. И така, сето задржано подрачје - дваесет и пет илјади лакти по дваесет и пет илјади лакти, во четириаголник - ќе Му го принесете на Господа: и светото подрачје и градскиот имот. На кнезот му припаѓа што ќе остане: од обете страни на светото подрачје и на градскиот имот - кон исток дваесет и пет илјади лакти, кон источната страна, и кон запад дваесет и пет илјади лакти, кон западната страна, наспоредно со другите подрачја - сѐ тоа е за кнезот. А во средината е светото подрачје и Светилиштето на Домот. Од левитскиот имот и од градскиот имот што е во средината, му припаѓа на кнезот; и меѓу Јудиното и Венијаминовото подрачје: и тоа е на кнезот. Другите племиња: од исток до запад - Венијаминов дел. Покрај Венијаминовото подрачје, од исток до запад - Симеоновиот дел. Покрај Симеоновото подрачје, од исток до запад - Исахаровиот дел. Покрај Исахаровото подрачје, од исток до запад - Завулоновиот дел. Покрај Завулоновото подрачје, од исток до запад - Гадовиот дел. Покрај Гадовото подрачје, на јужната страна, кон југ, границата оди од Тамара до Меривските Води и до Кадис, па до потокот кон Големото Море. Тоа е земјата што ќе им ја поделите со жрепка во наследство на Израелевите племиња, тоа се нивните делови“ - говори Господ Бог. И еве ги излезите на градот: на северната страна - четири илјади и пет стотини лакти. Градските врати ќе бидат наречени според имињата на Израелевите племиња. Три врати кон север: Рувимовата Врата, Јудината Врата, Левиевата Врата. Кон источната страна - четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Јосифовата Врата, Венијаминовата Врата, Дановата Врата. Кон јужната страна - четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Симеоновата Врата, Исахаровата Врата, Завулоновата Врата. Кон западната страна: четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Гадовата Врата, Асировата Врата, Нефталимовата Врата. Сѐ наоколу: осумнаесет илјади лакти. А името на градот ќе му биде: „Јахве Шама“ („Господ Е Таму“).