Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Езекиел 45:13-25

Езекиел 45:13-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ете, тоа е данокот што ќе му го давате на кнезот: шести дел од ефа по секој хомер пченица и шести дел од ефа по секој хомер јачмен; а мерката за маслото: една десетина бат од секој кор, (корот, како и хомерот изнесува десет бата); по една овца на стадо од двесте овци, од богатото пасиште на Израел; сето тоа ќе биде дар за лебен принос, за сепаленица и за благодарствена жртва, поради нивното очистување, вели Гос­под Бог. Сиот народ од земјата должен е да го дава тој принос за кнезот во Израел. А кнезот е должен да принесува сепаленици и лебен принос, прелив на празници, во новомесечијата и во саботите за време на сите прослави во домот Израелов; тој ќе треба да принесува жртви за грев и лебен принос, се­паленици и благодарствени жртви за очистување на домот Израелов. Така вели Господ Бог: во првиот месец, на првиот ден од месецот, земи од стадото волови јунец без недостаток и очисти го светилиштето. Свештеникот нека земе крв од таа жртва за грев и со неа нека ги пороси довратниците на храмот и рамнинката на жртвеникот на четирите агли, а и довратниците на внатрешниот двор. Тоа исто направи го и во седмиот ден од месецот за оние кои намерно и од незнаење грешат, па така очисти го храмот. На четиринаесеттиот ден од првиот месец треба да празнуваш Пасха, седмодневен празник кога ќе се јадат бесквасни лебови. Во тој ден кнезот ќе принесе за себе и за сиот народ во земјата жртва – еден јунец за грев. И во тие седум дена на празникот тој ќе Му принесува на Господ сепаленица секој ден, по седум јунци и по седум овни без недостаток, а и жртва за грев секој ден – по еден козел од стадото кози. Лебен принос ќе принесува по ефа на јунец и по ефа на овен, и масло по хин од ефа. Во седмиот месец, на петнаесеттиот ден од месецот, на празникот, во текот на седумте дена тој треба да принесува исто таква жртва за грев, таква сепаленица, и толку лебен принос и толку масло.

Езекиел 45:13-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ова е приносот што ќе го принесувате: шестина ефа од секој хомер пченица, и шестина ефа од секој хомер јачмен. А ова е уредбата за маслото: десетина ват од секој кор - десет вата е еден хомер, и десет вата е еден кор. Од секое стадо од двеста овци од сочните Израелеви пасишта по една овца за жртва приносница, паленица и благодарница - вам за помирување - говори Господ Бог. Сиот народ на земјата му го должи овој принос на Израелевиот кнез. А кнезот е должен да дава жртви паленици, лебни приноси и налевници за празници и за млади месечини, за саботи и за сите прослави на Израелевиот дом: тој нека принесува жртва за грев, лебен принос и благодарница за покривање на гревот на Израелевиот дом.“ Господ Бог зборува вака: „Во првиот месец, во првиот ден во месецот, земи јунче без недостаток и да го очистиш со него Светилиштето. Свештеникот нека земе крв од жртвата за грев и нека со неа ги намачка довратниците на Домот и сите четири агли на жртвеничкиот појас и довратниците на вратата на внатрешниот двор. Така нека направи и во седмиот ден на истиот месец за секој кој згрешил од слабост и од незнаење. Така ќе го довршите очистувањето на Домот Во првиот месец, во четиринаесеттиот ден на месецот, празнувајте ја Пасхата, седмодневен празник, кога се јадат бесквасните лебови. Во тој ден кнезот нека принесе за себе и за сиот народ на земјата, јунче за жртва за грев. Во седумте денови на празникот нека принесува за паленица на Господ седум јунчиња и седум овни без недостаток - за секој ден на тие седум денови - и во секој ден јарец како жртва за грев. А лебниот принос тој нека го принесува по ефа на секој јунец и по ефа на овен и по ин масло на секоја ефа. Во седмиот месец, во петнаесеттиот ден на месецот, нека на празникот принесува исто толку во седумте денови: исто толку жртви за грев, паленици, лебни приноси и масло.“