Езекиел 33:1-16
Езекиел 33:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И дојде слово Господово до мене: „Сине човечки: кажи збор кон синовите на твојот народ и речи им: ако пратам врз некоја земја меч и народот на таа земја меѓу себе избере човек и го постави за стражар, и тој, штом ќе го види мечот кој се протега врз земјата, ќе затруби во труба и ќе го предупреди народот, па, ако некој го чуе трубниот глас, но не обрне внимание, тогаш кога ќе дојде мечот и ќе го достигне, крвта негова ќе падне врз главата негова. Трубниот глас тој го чул, но не обрнал внимание, па затоа крвта негова ќе падне врз него; а кој ќе обрне внимание, тој ќе си го спаси животот. Ако, пак, стражарот го види мечот што доаѓа и не затруби со трубата, така што народот нема да биде предупреден, тоа тогаш, кога ќе дојде мечот и некому ќе му го одземе животот, тој ќе биде погоден заради гревот свој, но крвта негова ќе ја барам од стражарот. И тебе, сине човечки, Јас те поставив како стражар на домот Израелов: ти ќе слушаш слово од Мојата уста и ќе ги вразумуваш од Мене. Кога ќе му речам на грешникот: ‚грешнику, ти бездруго ќе умреш‘, а ти не му кажеш ништо, не го опоменеш беззаконикот да го остави неговиот пат, грешникот ќе умре за својот грев, но крвта негова ќе ја барам од раката твоја. Ако, пак, беззаконикот си го предупредил, да се врати од својот пат, а тој не се одвратил од патот свој, тој ќе умре за својот грев, но ти ќе ја зачуваш душата своја. Сине човечки, кажи му на домот Израелов – вие велите: ‚нашите престапи и нашите гревови се врз нас, и ние пропаѓаме во нив, како тогаш можеме да живееме?‘ Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја посакувам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израелов? Сине човечки, кажи им на синовите од твојот народ; праведноста нема да го спаси праведникот во денот на неговиот престап, и грешникот поради беззаконието свое нема да падне во денот, кога ќе се откаже од гревот свој, како и праведникот во денот, кога ќе згреши, не ќе може да остане меѓу живите заради својата праведност. Кога ќе му речам на праведникот дека тој нема да биде жив, и тој се надева на својата праведност, па врши неправда, тогаш сите негови праведни дела нема да се спомнат, и тој ќе умре од неправдата своја, што ја извршил. А кога ќе му кажам на грешникот: ‚Бездруго ќе умреш‘, и тој се откаже од гревовите свои, па почне да живее по закон и по правда, ако тој грешник го врати залогот, го поврати ограбеното, оди по законот на животот и не врши ништо лошо, – тогаш тој ќе живее, нема да умре. Ниеден од неговите гревови, што ги извршил нема да му се спомнат; тој почнал да живее по закон и по правда, тој ќе биде жив.
Езекиел 33:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Ми дојде Господово слово: “Човечки сине, зборувај им на синовите на својот народ! Речи: ‘Ако Јас доведам меч на некоја земја, а народот на таа земја земе еден од меѓу себе и го постави за стражар, а тој - гледајќи дека мечот доаѓа против земјата - затруби во рог и го опомене сиот народ: ако тогаш оној кој ќе го чуе гласот на трубата а не остава да биде опоменат, та мечот дојде и го погуби - неговата крв ќе падне на негова глава: зашто го чу гласот на рогот, ама не остави да биде опоменат - неговата крв ќе падне на него. Ако се опоменеше, ќе го спасеше животот. А пак, ако стражарот - гледајќи дека мечот доаѓа против земјата - не затруби во рогот и не го опомени народот, та мечот дојде и погуби некого од нив: тој, навистина, ќе биде погоден заради својот грев, но Јас ќе ја барам неговата крв од раката на стражарот.’ И тебе, човечки сине, те поставив за стражар на Израелевиот дом: кога ќе чуеш слово од Мојата уста, опомени ги во Мое име. Ако му речам на безбожникот: ‘Безбожнику, ќе умреш!’ - а ти не проговориш и не го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат, безбожникот ќе умре заради својот грев, ама неговата крв ќе ја барам од твојата рака. Но ако го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат, а тој не се врати од својот пат: тој ќе умре заради својот грев, а ти ќе го спасиш својот живот. Човечки сине, речи му на Израелевиот дом. ‘Вие зборувате: „Нашите престапи и гревови нѐ притискаат и пропаѓаме заради нив. И уште да живееме?“‘ Одговори им: ‘Животот Ми Мој – говори Господ Бог - Мене не Ми е до смртта на безбожникот, туку да се одврати од својот лош пат и да живее! И така, обратете се од својот лош пат! Зошто да умрете, Израелев дому!’ Човечки сине, речи им на синовите на својот народ: ‘Праведникот нема да го избави неговата праведност во денот кога ќе согреши, ниту безбожникот ќе страда заради својата безбожност во денот кога ќе се одврати од неа, како што ни праведникот не ќе може да остане во живот во денот кога ќе согреши.’ Ако му речам на праведникот: ‘Ќе живееш!’ а тој почне да се надева во својата праведност и почне да прави неправда, ќе ја заборавам сета негова праведност, и тој ќе умре заради неправдата што ја направи! Ако му речам на безбожникот: ‘Ќе умреш!’ а тој се одврати од својот грев и почне да прави по законот и правдата; го враќа залогот, го плаќа ограбеното, не правејќи беззаконија - ќе живее, нема да умре! И сите гревови што ги имаше направено ќе му бидат заборавени. Работи според законот и правдата, ќе живее!