Излез 7:7-13
Излез 7:7-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Мојсеј имаше осумдесет години, а Арон – осумдесет и три години кога зборуваа со фараонот. И Господ им рече на Мојсеј и на Арон, велејќи: „Ако фараонот ви каже: ‚Направете некакво чудо‘, тогаш кажи му на Арон: ‚Земи го стапот твој и фрли го пред фараонот и тој ќе стане змија.‘“ Потоа Мојсеј и Арон дојдоа кај фараонот и направија така, како што им заповеда Господ. И го фрли Арон стапот свој пред фараонот и пред слугите негови, и тој стана змија. Тогаш фараонот ги повика мудреците и волшебниците; и тие го направија истото со своите волшебништва. И секој од нив го фрли својот стап и тие станаа змии; меѓутоа стапот Аронов ги проголта нивните стапови. Но срцето фараоново се стврдна и не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ.
Излез 7:7-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Мојсеј беше на осумдесет, а Арон на осумдесет и три години, кога му ги поставија на фараонот своите барања. Уште Господ им прирече на Мојсеја и Арона: „Кога фараонот побара од вас да направите некакво чудо, ти речи му на Арона да го земе својот стап и да го фрли пред фараонот, и стапот ќе се претвори во змија.“ Мојсеј и Арон дојдоа пред фараонот и направија како што им заповеда Господ. Арон го фрли, пред фараонот и пред неговите службеници, својот стап, и се претвори во змија. Фараонот ги повика мудреците и вражалците. И навистина египетските вражалци со своето вражање направија исто: секој го фрли својот стап, и се претвори во змија. Но Ароновиот стап ги голтна нивните стапови. Фараонот беше со закоравено срце: не сакаше да ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и рече.