Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 3:7-22

Излез 3:7-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И Господ рече: „Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од надзорниците. Позната ми е маката негова. Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа, во земја, каде што тече мед и млеко, во земјата на Хананците, Хитиј­ците, Аморејците, Перизијците, Евеј­ци­те и Јевусијците. И еве, сега викотот на израелските синови стигна до Мене, и Јас го видов гнетот, со кој ги мачат Египќаните. А сега појди – Јас те испраќам кај фараонот, за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите израелски.“ Мојсеј, пак, Му проговори на Бога: „Кој сум јас, та да одам кај фараонот, и да ги изведам синовите на Израел од земјата египетска?“ А Тој рече: „Јас ќе бидам со тебе, и еве ти знак дека Јас сум те испратил: Кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му служите на Бога на оваа планина.“ А Мојсеј Му рече на Бога: „Еве, ќе појдам кај синовите израелски и ќе им речам: ‚Бог на татковците ваши ме ис­праќа кај вас.‘ И ако тие ме прашаат: ‚како Му е името‘, што ќе им речам тогаш?“ Бог му одговори на Мојсеј, велејќи: „Јас сум Оној, Кој вечно постои!“ Па продолжи: „Така ќе им кажеш на синовите израелски: ‚Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас.‘“ И пак му рече Бог на Мојсеј: „Вака кажи им на синовите израелски: ‚Господ Бог на татковците наши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено.‘ Оди и собери ги израелските ста­решини, и кажи им: Господ, Бог на татковците ваши, ми се јави, Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, и ми рече: ‚Ве посетив и видов што ви се прави во Египет.‘ И реков: ‚Ќе ве изведам од маките египетски во земјата на Хананците, Хитијците, Аморејците, Перизијците, Евејците, и Јевусијците, во земја каде што тече мед и млеко!‘ И тие ќе го послушаат гласот твој; а ќе отидеш ти и израелските старе­шини кај царот египетски, и ќе му речете: ‚Господ, Бог на Евреите, нѐ по­вика да појдеме на три дена пат во пустината, за да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог.‘ А Јас знам дека царот египетски нема да ви дозволи да излезете, ако не го натера силна рака. Но ќе ја пружам раката Своја, и ќе го притиснам Египет со сите Мои чудеса, што ќе ги направам таму; потоа ќе ве пушти. И ќе му дадам милост на овој народ кај Египќаните, така што, кога ќе појдете, нема да појдете со празни раце. Туку секоја жена нека побара од сосетката своја и од онаа што живее во домот нејзин сребрени и златни предмети и облека; и ќе ги украсите со нив синовите ваши и ќерките ваши, и така ќе го ограбите Египет.“

Излез 3:7-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Ги видов страдањата на својот народ во Египет - продолжи Господ - и му ја чув тужбата против неговите угнетувачи. Познати ми се неговите маки. Затоа слегов да го избавам од египетските раце и да го одведам во добра и пространа земја, во земја каде течат мед и млеко: во родниот крај на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците. Повиците на Израелевите синови стигнаа до мене. И Самиот видов како Египетците ги угнетуваат. Затоа, ајде! Јас те испраќам при фараонот да го избавиш Мојот народ, Израелците, од Египет.“ „Кој сум јас да се запатам при фараонот - Му одговори Мојсеј на Бога - и да ги изведам Израелците од Египет!“ „Јас ќе бидам со тебе - продолжи. - И ова ќе биде знак дека Јас те испратив: кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му искажете почитување на Бога на оваа гора.“ Тогаш Мојсеј Му рече на Бога: „Ако отидам при Израелците и им речам: ‘Бог на вашите татковци ме испрати при вас’, и тие ме прашаат: ‘Како Му е името?’ - што ќе им одговорам?“ „ЈАС СУМ, КОЈ СУМ,“ му рече Бог на Мојсеја. Потоа продолжи: „Кажи им вака на Израелците: ‘ЈАС СУМ, ме испрати при вас.’“ Натаму Бог му рече на Мојсеја: „Речи им на Израелците вака: ‘Господ, Бог на вашите татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, ме испрати при вас. Тоа е Мое име довека, така ќе Ме викаат од род до род.’ Оди, собери ги старешините на Израелците и речи им: ‘Господ, Бог на татковците - Бог Авраамов, Исаков и Јаковов - ми се јави и ми рече: „Ве посетив и разбрав што ви прават во Египет. Одлучив да ве изведам од египетската беда во земјата на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците - во земјата во која течат мед и млеко!“‘ Тие ќе те послушаат. Тогаш тргни со старешините на Израелците кон египетскиот цар и речи му: ‘Ни се јави Господ, Бог на Евреите. Пушти нѐ да одиме три дни одење во пустината, да Му принесеме таму жртва на Господ, на својот Бог.’ Јас знам дека египетскиот цар нема да ве пушти, ако не биде натеран од силна рака. Затоа Јас ќе ја испружам Својата Рака и ќе го притиснам Египет со секакви чудеса, што ќе ги направам во него. После ќе ве пушти. Египетците се расположени добро кон овој народ, па кога ќе тргнете, нема да тргнете со празни раце. Нека секоја жена побара од својата сосетка и состанарка во својата куќа сребрен и златен накит, и облеки. Ставете го тоа на своите синови и ќерки. Така ќе ги ограбите Египетците.“