Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 14:13-22

Излез 14:13-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А Мојсеј му рече на народот: „Не плашете се, застанете и ќе видите како Господ ќе ве спаси денес: Египќаните, како што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека. Господ ќе се бори за вас, а вие бидете спокојни.“ И Господ му рече на Мојсеј: „Зо­што викаш кон Мене? Кажи им на синовите на Израел нека врват. А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и раздели го, и нека минат синовите израелски, среде море по суво. Но, ете, Јас ќе го ожесточам срцето на сите Египќани, и тие ќе тргнат по нив. А Јас ќе ја покажам славата Своја над фараонот и над сета војска негова, над колите негови и над коњаниците негови. И Египќаните ќе познаат дека Јас сум Господ, кога ќе се прославам над фараонот, над колите негови, и над коњаниците негови.“ И се крена ангел Господов, кој одеше пред војската израелска, и застана зад нив; се крена и столбот од облак пред нив, и застана зад нив. А кога влезе меѓу војската египет­ска и војската израелска, застана; на оние им беше темнина и мрак, а на овие им беше светлина, така што преку цела ноќ не се доближија едните до другите. И ја подигна Мојсеј раката своја над морето, а Господ го разбранува мо­рето со источен ветар, кој дуваше силно цела ноќ, па се направи во морето суво и водата се раздели. И појдоа синовите израелски среде море по суво, а водата им стоеше како ѕид од десната страна и од левата стра­на.

Излез 14:13-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Не бојте се! - му рече Мојсеј на народот. Стојте цврсто и ќе видите што ќе стори Господ, за да ве спаси денес: Египетците што ги гледате денес, никогаш веќе не ќе ги видите. Господ ќе се бори за вас. Бидете мирни!“ „Зашто викате кон Мене! - му рече Господ на Мојсеја. Речи им на Израелците да тргнат на пат. А ти поткрени го стапот, испружи ја својата рака над морето и раздели го надве, за да можат Израелците да поминат низ морето по суво. Јас ќе го закоравам срцето на Египетците, и тие ќе тргнат по вас, а Јас ќе се прославам тогаш над фараонот и над неговите војници, над неговите коли и коњаници. Нека знаат Египетците дека Јас Сум Господ, кога ќе се прославам над фараонот, над неговите коли и над неговите коњаници.“ Божјиот Ангел, кој одеше на чело на израелските чети, го смени местото и им застана зад плеќите. А и облачниот столб се помести од пред нив и им застана зад плеќите. Се смести меѓу египетската војска и израелската војска и им стана на оние темен облак, а на овие им ја осветлуваше ноќта, така што не можеа да им се приближат едни на другите цела ноќ. Мојсеј ја држеше раката протегната над морето, додека Господ, цела ноќ, ги валаше водите со силен источен ветер и го пресуши морето. Кога водите се раздвоија, Израелците слегоа во морето на исушеното дно, а водите стоеја како прегради оддесно и одлево.