Излез 1:6-16
Излез 1:6-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа умре Јосиф и сите браќа негови, и сиот нивни род; а синовите израелски се народија и се намножија, станаа многу, и се засилија многу, така што земјата се наполни со нив. Тогаш во Египет се зацари нов цар, кој не знаеше за Јосиф, и му рече на својот народ: „Еве, народот на синовите израелски е многуброен и посилен од нас. Па ајде да ги надмудриме за да не се размножуваат; и, ако настане војна, да не се здружат со непријателите наши и да удрат на нас, па да си отидат од нашата земја.“ И поставија над нив надзорници над работите за да ги мачат со тешка работа. И тие му ги изградија на фараонот Питом и Рамзес, градови – складишта. Но, колку повеќе ги мачеа, толку повеќе се множеа и се засилуваа така што Египќаните започнаа да се плашат од синовите на Израел. Затоа Египќаните ги угнетуваа синовите на Израел со жестокост, и им го загорчуваа животот со тешки работи со кал и со правење тули, и со разни полски работи, и со секаква друга работа, ги измачуваа немилосрдно. Освен тоа, царот египетски им заповеда на еврејските бабици, од кои на едната ѝ беше името Шифра, а на другата Пуа; и им рече: „Кога ќе бабувате кај Еврејките, и при породувањето, ако видите дека е машко, убијте го, а ако биде женско, нека живее!“
Излез 1:6-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И Јосиф умре, а изумреа и сите негови браќа и целото тоа поколение. Ама Израелците беа родни, се намножија и многу се засилија, така што ја наполнија земјата. Тогаш во Египет завладеа нов цар, кој не го познаваше Јосифа. И тој му рече на својот народ: „Ете, Израелевите синови станаа броен народ и посилни од нас. Ајде, да постапиме мудро со нив: да им го спречиме растежот, за да не им се придружат на нашите непријатели во случај на војна, да не удрат на нас и на крај да си отидат од земјата.“ И поставија врз нив надгледувачи да ги измачуваат со тешки работи. Така му изградија на фараонот градови - складишта: Питом и Рамзес. Ама колку повеќе ги измачуваа, тие уште повеќе се размножуваа, напредуваа и се ширеа, така што Египетците се плашеа од Израелците. И Египетците се нафрлија жестоко на Израелците. Им го загорчуваа животот со тешки работи: со правење на кал и плитари, со разни полски работи и со разновидни напори, што им ги наметнуваа немилостиво. Египетскиот цар им се обрна и на еврејските бабици, од кои името на едната ѝ беше Сепфора, а на другата Фуа, па им нареди: „Кога при раѓањето им помагате на Еврејките, набљудувајте: ако е детето машко, убијте го; ако е женско, нека живее.“