Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Проповедник 9:1-12

Проповедник 9:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И сево ова го ставив во срцето свое, за да испитам дека праведните и мудрите нивни дела се во рацете Божји, и дека човекот не знае ни за љубов, ни за омраза во сето тоа, што е пред него. За секој и за сите е едно: една судбина за праведен и неправеден, за добар и лош, за чист и нечист, како за оној кој принесува жртви, така и за оној кој не принесува; како за добар, така и за грешник; како за оној што се колне, така и за оној што се плаши од клетва. Токму тоа е најлошо од сѐ што се случува на земјата, дека еден е крајот за сите, па затоа срцето на синовите човечки е полно со зло, и безумие има во срцето нивно додека се живи; а потоа тие умираат. Кој е меѓу живите, има уште на­деж, бидејќи и куче живо е подобро, отколку мртов лав. Живите знаат дека ќе умрат, а мрт­вите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот, и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што се случува на земјата. И така, оди, јади го радосно лебот свој и пиј го со радосно срце виното свое, кога Бог има наклоност кон твои­те дела. Во секое време облеката да ти биде празнична, и секогаш да има миризливи мазила на лицето твое. Во сите дни на својот суетен живот насладувај се од животот заедно со же­ната, што ја сакаш, и која ти ја дал Бог на земјата за сите твои суетни дни; зашто, тоа е твој дел во животот и во твоите трудови, со кои се трудиш на земјата. Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите твои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост. И пак видов на земјата дека на бр­зите не им се дава победа, ниту на храб­рите – битката, ниту на мудрите – леб, ниту на разумните – богатство, ниту на искусните – благонаклоност, но времето и приликите им се слу­чуваат на сите нив. Зашто човек не знае кога ќе го снај­де несреќа. Како што рибите налетуваат во погубна мрежа, и како што пти­ците се заплеткуваат во примки, така и синовите човечки се уловуваат во теш­ко време, кога тоа неочекувано ќе дојде за нив.

Проповедник 9:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Размислував во своето срце за сѐ тоа и сфатив дека и праведниците и мудреците со своите дела, се во Божјата рака; и човекот не разбира што го чека: љубовта или омразата, и двете се пред него. Кобта е иста за сите: за праведниот како и за нечесниот, за чистиот и за нечистиот; за оној кој жртвува како и за оној што не жртвува; еднаква за добриот и за грешниот; за оној што се заколнува како и за оној што се бои од заклетва. Најлошто од сѐ што се збиднува под сонцето е следното: кобта е иста за сите, човечкото срце е полно со зло, лудоста е во срцата на луѓето додека живеат, а потоа им се придружуваат на мртвите. Зашто оној кој е меѓу живите, има надеж: и живиот пес повеќе вреди отколку мртов лав. Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо, ниту имаат веќе награда, зашто се заборава и споменот за нив. Одамна ги снема: нивната љубов и нивната омраза и зависта, и веќе немаат учество во нешто што станува под сонцето. Затоа јади го својот леб со радост и пиј го своето вино со весело срце, зашто на Бога веќе порано Му се допадна твоето дело. Носи бела облека во секое време и нека не снема масло на твојата глава. Уживај го животот со жената која ја љубиш во сите денови на својот суетен век што Бог ти го дава под сонцето, зашто тоа е твое учество во животот и во трудот со кој се трудиш под сонцето. Што и да имаш намера да правиш, направи го додека можеш, зашто нема ни дела, ни умување, ни сознавање, ни мудрост во Подземјето во кое одиш. Освен тоа видов под сонцето: не ја добиваат трката брзите; ни бојот храбрите; нема леб за мудреците, ни богатство за разумните, ни милост за учените, зашто времето и кобта ги достигнува сите. Човекот не го знае својот час: како рибите уловени во подмолна мрежа, и како птиците фатени во примка, така се фаќаат човечките синови во времето на неволја, што ги опфаќа ненадејно.