Проповедник 8:2-15
Проповедник 8:2-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Јас (велам): пази го царскиот збор, и тоа – поради клетвата пред Бога. Не брзај да бегаш од лицето негово и не биди тврдоглав во лошите работи; зашто, тој што ќе посака, сѐ може да направи. Каде што е зборот на царот, таму е и власта; и кој ќе му каже: „Што правиш?“ Кој пази заповед, тој не доживува никакво зло: срцето на мудриот знае и време и наредба; зашто за секоја работа има свое време и свој суд; а за човекот е голема несреќа, што не знае, што ќе биде и како ќе биде тоа; а кој ќе му каже? Ниеден човек нема власт над духот, за да го задржи духот, и нема власт над смртниот ден – нема избавување од таа работа; ниту безбожникот ќе го спасат неговите лоши дела. Сето тоа го видов, и го свртувам срцето свое кон секоја работа, што се врши на земјата. Понекогаш човекот господари над човек на своја штета. Видов тогаш како погребуваат безбожни; од нив беше преполн храмот. Во Ерусалим го беа заборавиле нивното безбожно однесување. И тоа е суета! Бидејќи не се врши суд над лошите работи, затоа не се плаши срцето на синовите човечки да прави зло. Иако некој грешник врши стопати зло, судот му се одолжува; но јас знам дека ќе им биде добро само на оние, што имаат страв од Бога, кои со почит стојат пред лицето Негово; а за безбожниот нема да има добро, и како сенка, само кратко време, ќе преуспее оној, кој не се плаши пред Бога. Има и таква суета на земјата: праведните ги постигнува она, што би ги заслужиле делата на безбожниците, а со безбожните станува она, што би го заслужиле делата на праведните. А јас си реков: и тоа е суета! И ја пофалив јас веселбата; зашто нема подобро за човекот на земјата од тоа да јаде, да пие и да се весели; тоа го придружува човекот во трудовите негови преку дните на животот негов, што му го дал Бог на земјата.
Проповедник 8:2-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Затоа велам: слушај ја царската повелба заради Божјата заклетва. Не брзај да си заминеш од присуството негово, и не биди тврдоглав кога причината не е добра, зашто тој прави како што му одговара. Зашто во царскиот збор е силата, и кој смее да го праша: „Што правиш?“ Кој ги пази заповедите, не познава лоши работи, и срцето на мудрецот знае за времето и за судот. Зашто постои време и суд за сите, а злото тешко го измачува човекот. Зашто тој не знае што ќе биде; а кој може да му каже кога што ќе биде? Никој не може да го совлада духот, за да го задржи духот, ниту има власт над смртниот ден, во тоа војување нема одлагање; ниту нечесноста го избавува оној што ја прави. Го видов сѐ ова и внимавав со моето срце на секое дело што се прави под сонцето, кога човек владее над човек за негова несреќа. Натаму видов како ги носат безбожниците на гробишта, и луѓето доаѓаа и се враќаа од светото место, и беа заборавени во градот каде што правеа така. И тоа е суета. Кога нема брза пресуда за зло дело, човечкото срце е наклонето да прави зло. И грешникот што прави зло, и стопати живее долго, јас сепак знам дека ќе бидат среќни оние кои се бојат од Бога, зашто се бојат од Него. Не, нечесниот човек нема да биде среќен и нема да ги продолжува своите денови ни како сенка, зашто не се бои од Бога. Но на земјата е суета, па праведниците ги стигнува според делата на нечесните, а нечестивите - според делата на праведниците. Велам и тоа е суета. Затоа ја славам веселбата, зашто нема среќа за човекот под сонцето, туку во јадењето, во пиењето и во насладувањата. И тоа нека го придружува во неговиот труд за време на животот што Бог му го даде под сонцето.