Проповедник 6:1-12 - Compare All Versions
Проповедник 6:1-12 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))
Има едно зло, што го видов на земјата, и тоа често е меѓу луѓето: Бог му дава на човекот богатство, имот и слава, и за душата негова нема скудности во ништо, што и да посака; но Бог не му дава нему да се ползува од тоа, туку се ползува од него друг човек: тоа е суета и тешко зло! Ако некој изнароди сто синови, проживее многу години и уште му се умножат дните на животот негов, а душата негова не се насладила на добро, та за него ќе нема дури ни погреб, подобро му е, велам, на недоносче отколку нему, зашто залудо дошло и отишло во темнина, и името му е покриено со мрак. Тоа дури и не го видело и не го познало сонцето: но поспокојно е од оној. А оној, макар да проживеал и две илјади години, без наслада од добрата, нема ли да појде сѐ на исто место? Сиот труд на човекот е за устата негова, но душата негова не може да се насити. А каква предност има умниот пред безумниот, каква – сиромавиот, кој умее да се однесува пред луѓето? Подобро е да гледаш со очи, отколку да посакуваш со душата. И тоа е суета и мака за духот. Она што постои, тоа е веќе наречено со име, и се знае дека е тоа – човекот, и дека тој не може да се препира со оној, што е посилен од него. Има многу такви работи, што ја зголемуваат суетата: тогаш што е подобро за човекот? Зашто, кој знае што е добро за човекот во животот, во текот на сите дни на неговиот суетен живот, што тој ги поминува како сенка? И кој ќе му каже на човекот, што ќе стане по него на земјата?