Проповедник 2:1-26
Проповедник 2:1-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Си реков во срцето свое: „Ајде ќе те испитам во веселба: уживај во наслади!“ Но ете, и тоа беше суета! За смеата реков – глупост е, а за веселбата: каква полза од неа? Си помислив во срцето свое да го насладам телото свое со вино и, додека срцето мое се води по мудроста, да се придржувам и за глупоста сѐ додека да видам, што е подобро за синовите човечки, што би требало да прават тие под небото во текот на малкуте денови од својот живот. Презедов големи работи: си изградив куќи, си насадив лозја, си уредив градини и овоштарници и посадив таму секакви овошни дрвја; си направив водостои за поливање на овошните дрвја; придобив слуги и слугинки, имав и слуги родени во домот мој; имав и крупен и ситен добиток, повеќе од сите, што беа пред мене во Ерусалим; насобрав сребро и злато и скапоцености од цареви и области; си доведов пејачи и пејачки и тоа, што ги насладува синовите човечки – многу жени. И така станав јас поголем и побогат од сите, што беа пред мене во Ерусалим; а и мудроста моја остана со мене. Што и да посакаа очите мои, не им откажував, не му забранував на срцето свое никаква веселба, бидејќи срцето мое се радуваше со сите мои трудови; и тоа ми беше награда за сите мои трудови. И се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела, што ги беа извршиле моите раце, и на трудот, со кој се бев трудел, извршувајќи ги: и ете – сѐ беше суета и мака за духот, и немаше од нив полза на земјата! Потоа се свртев да ги погледам мудроста, безумството и глупоста: што може да направи човекот што ќе ме наследи, посебно од она, што е веќе направено? И видов дека предимството на мудроста пред глупоста е токму такво, какво што е предимството на светлината пред темнината: на мудриот очите му се во главата негова, а глупавиот оди во темнина; но дознав дека крајот на сите им е еднаков. Тогаш си реков во срцето свое: „И мене ќе ме стигне истото, како и глупавиот; зошто толку многу сакав да станам мудар?“ Па си реков во срцето свое дека и тоа е суета. Зашто нема да го помнат мудриот вечно, како и глупавиот; по време сѐ ќе се заборави, и, мудриот умира, како и безумниот. Тогаш го намразив животот, бидејќи ми станаа одвратни работите, што се вршат под сонцето; зашто сѐ е суета и измачување на духот. И го намразив сето она, за кое се бев трудел под сонцето, затоа што треба да го оставам на човек, што ќе дојде по мене. И кој знае: мудар ли ќе биде тој или глупав? А тој ќе располага со сиот мој труд, со кој сум се трудел и со кој сум се покажал мудар на земјата. Но и тоа е суета! Намислив да му внушам на срцето свое да се откаже од сиот труд, со кој се бев трудел на земјата, зашто еден човек се труди мудро, со знаење и со успех, и сето тоа треба да му го предаде на човек, што не се трудел за тоа, – како да е негов дел. Па и тоа е суета и зло големо! Зашто, што му останува на човекот од сиот негов труд и од грижата на срцето негово, што се труди на земјата? Бидејќи сите денови му се мачни, а трудовите негови – неспокојство; дури и ноќе срцето негово не знае за мир. Ете, и тоа е суета! И не е ли добро за човекот да јаде, да пие и да ја насладува душата своја од својот труд. Но јас видов дека и тоа е од Божјата рака; зашто, кој може да јаде, и кој може да се насладува без Бога? Тој му дава мудрост, и разум и радост на човекот, кој е добар пред лицето Негово; а на грешникот му дава грижи, – да собира и трупа, за да го предаде потоа на оној, кој е добар пред лицето Божјо! Па, ете, и тоа е суета и мака за духот!
Проповедник 2:1-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш реков во своето срце: „Дај да го испитам уживањето, и да видам што дава насладувањето“ - но ете: и тоа е празнина! За смеењето реков: „Лудост е!“ за уживањето: „Што ползува тоа?“ Си помислив во срцето да го веселам телото со вино, додека срцето сѐ уште се раководи одмудроста; посакав да ја прегрнам и лудоста, како би дознал дали ги усреќува луѓето она што го прават под небесата за време наизброените денови на својот живот. Направив големи дела: изградив дворци за себе, посадив лозја; си направив градини и овоштарници, посадив во нив секакви овошки. Направив езера за да ги наводнувам посадените дрва. Купив робови и робинки, имав и домашни слуги, а исто и стада со крупен и ситен добиток повеќе од кој и да е друг пред мене во Ерусалим. Натрупав сребро и злато и скапоцености од царевите и покраините; набавив пејачи и пејачки и секакви човечки раскоши, сѐ сокровиште на сокровиште. И станав толку голем, поголем од кој и да е пред мене во Ерусалим; а не ме остави ни мојата мудрост. И што да ми посакаа очите, не им скратував, ниту му бранев на моето срце некаква веселба, туку моето срце му се радуваше на секој мој труд, и таква му беше наградата на секој мој напор. А тогаш ги разгледав сите свои дела, сите напори што ги вложив за да дојдам до нив - и ете, сѐ е тоа суета и гониветер! И нема полза под сонцето. Потоа ја свртив мојата мисла кон мудроста, кон глупоста и кон лудоста. Што би направил човек кој дошол после царот? Освен тоа што е веќе направено. И сознав дека мудроста е подобра од лудоста, како што е светлината подобра од темнината. На мудрецот очите му се во главата, а безумниот скита во темнина. Но знам исто така дека двајцата ги стигнува иста коб. Затоа си реков во себеси: „Каква е судбината на лудиот, таква ќе ми е и мене. Зошто тогаш да сум помудар од другите?“ И реков во срцето: „И тоа е суета!“ Зашто ни мудриот ни безумниот немаат траен спомен: по некое време заборавот ќе ги покрие двајцата! И, мудрецот умира како и безумникот. Го замразив животот, зашто ми се стори тешко сѐ што се збиднува под сонцето: зашто сѐ е суета, и тежина на духот. Замразив сѐ за што се трудев под сонцето и што сега му го оставам на својот наследник. Кој знае дали тој ќе биде мудар или луд? Па сепак тој ќе биде господар на сета моја мака во која ги вложив сето свое напрегање и мудроста под сонцето. И тоа е суета. И почнав да очајувам заради големиот напор со кој се трудев под сонцето. Зашто човекот се труди мудро и со знаење и успешно, па сѐ тоа треба да го остави во наследство на друг, кој воопшто не се трудел околу тоа. И тоа е суета и големо зло. Зашто што добива човекот за својот напор и труд што ги поднесува под сонцето? Зашто сите негови денови се макотрпни, работите му се полни со грижи; па ни ноќе не мирува неговото срце. И тоа е суета. Нема друга среќа за човекот освен да јаде и да пие и да биде задоволен со својата работа. И тоа е, гледам, дар на Божјата рака. Зашто кој може да јаде, кој може да се насладува, повеќе од мене. Тој му дарува мудрост, сознавање, радост на оној што Му е по волјата, а на грешникот му дава мака да собира и да натрупува за оној кој е по Божја волја. И тоа е суета и тежина на духот.