Повторени закони 32:1-20
Повторени закони 32:1-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Внимавај, небо, јас ќе говорам; и нека ги слуша земјата зборовите од устата моја. Да се разлее како дожд поуката моја, како роса да падне говорот мој: како ситен дожд на зеленило, како пороен дожд на трева. Името Господово ќе го прославувам; воздајте Му слава на нашиот Бог! Тој е тврдина; совршени се делата Негови, а патиштата Негови – праведни; Бог е верен и нема неправда во Него; Тој е праведен и вистинит; но тие станаа и згрешија пред Него; тоа не се Негови чеда поради пороците нивни; род дрзок и развратен. Тоа ли Му го возвраќате на Господ, народе глупав и безумен? Нели е Тој твој Отец, Кој те создаде, те усвои и те издигна? Сети се на старите денови, помисли за годините на поранешните поколенија; прашај го татко си – и тој ќе ти каже, старците свои – и тие ќе ти речат. Кога Севишниот го разделуваше наследството на народите и ги раселуваше синовите човечки, тогаш стави граници меѓу народите според бројот на синовите израелски, зашто делот на Господ е Неговиот народ; Јаков е наследството Негово добиено со ждрепка. Тој го најде во пустината, во земја дива и пуста, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеницата на окото свое; како што орелот бдее над гнездото свое, летајќи над своите орлиња, ги раширува крилјата свои, ги зема и ги носи на перјата свои, така Господ Самиот го водеше, и немаше со Него туѓ бог. Тој го искачи на височините земни, го заситуваше со полски плодови и го хранеше со мед од камен и масло од тврда карпа; со кравјо масло и овчо млеко, и со лој од јагниња, со башански овни и козли, со најдобро жито и со најдобро вино. И стана дебел Јешурун, дебел и тврдоглав: се згои, се здебели и прошири, Го остави Бога, Кој го создаде, отстапи од Бога, Спасителот свој. Со туѓи богови Го раздразнија и со одвратностите Го разгневија: им принесуваа жртва на злите духови, а не на Бога; на боговите, што не ги познаваа, на боговите нови и непознати, кои предците ваши не ги знаеја. А покровителот, кој те родил, ти Го остави, и Бога, Кој те создал, Го заборави. И Господ виде, па се разгневи и ги отфрли синовите Свои и ќерките Свои, и рече: „Ќе го свртам лицето Свое од нив и ќе го видам крајот нивни: бидејќи тие се развратен род, синови, во кои нема верност
Повторени закони 32:1-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
„Слушајте, небеса, сега ќе зборувам, чуј ги, земјо, зборовите на мојата уста! Мојата наука нека дожди како дожд, мојот збор нека паѓа како роса, како дождец по младо зеленило, како пороен дожд по трева! Зашто, ќе го возвишувам Господовото име, а вие, величајте Го нашиот Бог!“ „Тој е Стена, делото Му е совршено, зашто се прави сите Негови патишта. Тој е верен Бог и нема неправда, Тој е праведен и вистинит. Тие се развратија не Му се синови, туку синовски изроди, изопачен и лукав пород. Така ли Му враќаш на Господа, глупав и безумен народе! Не е ли Тој твој Татко, усвоител, Кој те создаде, преку Кого постоиш? Спомни си за древните денови, разгледај ги годините од век до век. Прашај го татка си, и ќе те поучи, распрашај ги постарите, па ќе ти кажат. Кога Сѐвишниот им го делеше наследството на народите, кога ги разместуваше човечките синови, им ги одреди меѓите според бројот на Божјите синови: тогаш на Господа Му падна Неговиот народ, Јаков Му беше Негово наследство. Тој го најде во степска земја, во морничава пустинска пустина. Го опкружи, го воспитуваше, и го чуваше како зеницата на Своето око. Како орелот што бдее над гнездото, треперејќи над своите орлиња, така Тој шири крила, го зема, па го носи на Своите перја. Самиот Господ го водеше него, туѓ бог немаше со него. Го поведе по височините на земјата, го нахрани со полските плодови, му даде мед од пештера, и масло од цврста стена; кравја маст и овчо млеко со мрсно од јагниња, васански овни и јарци, со жито како бубрежно сало, и го напои со пенливата крв на грозјето. Јадеше Јаков и се насити, се згои Есурун па почна да удира со нозе. Си се здебелил, си се згоил, се салоса. Го заборави Бога Кој го создаде и ја презре Стената на своето спасение. Со туѓите богови Го направија ревнив. Го разјарија со своите гнасотии. Им жртвуваа на злите духови што не се Бог, на боговите што не ги познаваа порано, на придојдениците кои стигнаа скоро и од кои нивните татковци не се плашеа. Не се грижиш за Стената што те даде на свет, не си спомнуваш веќе за Бога, Кој те роди!“ „Господ го виде тоа, и во Својот гнев ги отфрли Своите синови и ќерки. ‘Ќе им го скријам Своето лице - рече - и ќе видам каков ќе биде нивниот крај. Зашто е изопачено тоа колено, синови во кои нема верност.