Даниел 7:1-8
Даниел 7:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во првата година на Валтазар, вавилонскиот цар, Даниел виде сон пророчки и виденија во главата своја врз своето легло. Тогаш тој го запиша тој сон, откако го забележа главното. Велеше вака: Видов во ноќното свое видение, а таму, четири небесни ветра го брануваа Големото Море, и четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот. Првиот беше како лав, но со крилја орлови: додека гледав, му ги искубаа крилјата и потоа беше кренат од земјата, се исправи на нозете како човек и му се даде човечко срце. И ете, уште еден ѕвер, втор, сличен на мечка, стоеше од едната страна и имаше три ребра во устата негова, меѓу забите; нему му беше речено ова: стани и јади многу месо! Потоа видов, пак, уште еден ѕвер, како леопард: на грбот имаше четири крилја од птица, и четири глави имаше тој ѕвер, и му беше дадена власт. Потоа видов од ноќните виденија и ете, четврти ѕвер, страшен и ужасен и многу силен; имаше големи железни заби; тој јадеше и здробуваше, а остатоците ги газеше со нозете; тој се разликуваше од сите претходни ѕверови, и имаше десет рогови. Ги гледав тие рогови, и ете, меѓу нив се појави уште еден мал рог, а три од првите рогови беа од корен истргнати пред него; на тој рог имаше очи, како човечки очи, и уста што горделиво се фали.
Даниел 7:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во првата година на Валтазар, вавилонскиот цар, Даниел сонуваше сон: пророчки виденија во главата на постела. Скратено запиша што сонувал. „Ноќе во видение погледнав: кога ете: четири небесни ветрови го разбрануваа Големото Море. Четири големи чудовишта излегоа од морето, секое поинакво. Првото беше како лав, а крилата му беа орловски. Додека го набљудував, крилата му се искубаа, тоа се крена од земјата и се исправи на нозе како човек, и му беше дадено човечко срце. Кога ете второто чудовиште: ете, сосем поинакво: како мечка, исправена од едната страна, три ребра и беа во устата, меѓу забите. И ѝ беше речено: ‘Стани, најади се месо! Гледав натаму, и ете: третото чудовиште како леопард, на грбот му беа четири птичји крила: имаше четири глави, и му беше дадена сила. Потоа во ноќно видение, погледнав, кога ете: четвртото чудовиште, страшно, ужасно, вонредно силно: имаше големи железни заби; тоа јадеше здробуваше, а што ќе останеше, го газеше со нозете. Се разликуваше од претходните чудовишта и имаше десет рогови. Му ги набљудував роговите и ете: меѓу нив израсте едно мало роже; и пред тоа роже се откорнаа три поранешни рога. И ете, на тој рог имаше очи како човечки очи, и уста што зборуваше големи хули.