Дела 6:3-8
Дела 6:3-8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Затоа, браќа, одберете меѓу себе седуммина чесни мажи, со добар углед, исполнети со Светиот Дух и со мудрост, на кои ќе им го предадеме ова задолжение, а ние целосно ќе се посветиме на молитва и на проповедање на Божјата порака.“ Ова им се допадна на присутните и ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, новообратен прозелит од Антиохија. Ги доведоа пред апостолите, кои со положени раце над нив се помолија за нив. Божјата порака се пошироко се прифаќаше и бројот на христијаните во Ерусалим бргу се зголемуваше, па и голем број еврејски свештеници ја прифаќаа христијанската вера. Бог беше благонаклонет спрема Стефан и му даде сила, па тој правеше големи чуда и изнесуваше докази меѓу луѓето.
Дела 6:3-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Затоа, браќа, одберете меѓу вас седуммина чесни луѓе, исполнети со Дух и мудрост, па ќе ги поставиме на таа служба; а ние целосно ќе ѝ се посветиме на молитвата и на службата на словото.“ Предлогот му се допадна на сиот народ; па ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и Дух Свети, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармена, Николај, еден новопридојден од Антиохија; нив ги поставија пред апостолите, а тие, откако се помолија, ги положија рацете над нив. И така, словото Божјо се ширеше, и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше; и големо мноштво свештеници ѝ се покори на верата. А Стефан, исполнет со вера и сила, правеше големи чудеса и знаци меѓу луѓето.
Дела 6:3-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Затоа, браќа, најдете меѓу себе седум мажи, добро посведочени, полни со Дух Свети и мудрост, на кои да им ја довериме таа должност, а ние и натаму ќе им се посветиме на молитвата и на службата на словото. И предлогот му се допадна на целото множество, па ги избраа: Стефана, маж полн со вера и со Светиот Дух, потоа: Филипа, Прохора, Никанора, Тимона Пармена, и Никола, прозелит од Антиохија. Нив ги поставија пред апостолите; а овие, кога се помолија, ги положија рацете на нив. А Божјото слово растеше и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше многу. И големо множество свештеници ѝ се потчинија на верата. А Стефан, полн со благодат и сила, правеше големи чудеса и знаци во народот.