Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 28:1-14

Дела 28:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Откако се спасивме, дознавме дека се наоѓаме на островот Малта. Островјаните беа мошне љубезни спрема нас. Бидејќи врнеше дожд и беше студено, тие запалија оган и сите не прибраа. Павле собра еден куп суварки и ги ставаше врз огнот, а една змија гонета од огнот излезе од суварките и му се впи во раката. Кога островјаните ја видоа змијата како виси на неговата рака, си проговорија меѓу себе: „Овој човек мора да е убиец! Се спаси од морето, но правдата не го остава да живее!“ Но Павле ја истресе змијата во огнот и немаше никакви последици по неговото здравје. Луѓето очекуваа Павле да отече или веднаш да падне мртов, но откако подолго време гледаа и чекаа, а со него ништо не се случи, си го сменија мислењето и си говореа дека тој човек е бог! Во близината на тоа место имаше имот што му припаѓаше на Публиј, поглаварот на островот. Тој, најљубезно не прими и три дена не гоштаваше. Таткото на Публиј лежеше в постела, зашто имаше треска и страдаше од дизентерија. Павле му пријде, се помоли за него, ги положи рацете врз него и го исцели. По тој настан и други луѓе од островот што беа болни доаѓаа кај Павле и тој ги исцелуваше. Заради ова, островјаните ни искажаа многу почести, а кога повторно испловивме, ни дадоа се што ни беше потребно за пловидбата. По три месеци се качивме на еден брод од Александрија, што го носеше знакот на римските богови - близнаци и ја беше минал зимата на Малта. Стигнавме во Сиракуза и таму останавме три дена. Оттаму, пловејќи покрај брегот, стигнавме во Регија. Утредента дувна јужен ветер, па по два дена стигнавме во Путеоли. Таму најдовме неколку христијани, кои не поканија да останеме кај нив седум дена. Потоа продолживме кон Рим.

Дела 28:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И тогаш, откако се спасивме, дознавме дека островот се вика Мелит. А мештаните ни укажаа необична човекољубивост: нѐ примија сите и, би­дејќи врнеше дожд, беше студено, та накладоа оган. А кога Павле насобра многу гранки и ги стави на огнот, една змија излезе од гранките поради горештината и се впи во неговата рака. Мештаните, штом го видоа животното како виси на неговата рака, меѓу себе си рекоа: „Овој човек е навистина убиец; па затоа, иако се избави од морето, судот Божји не го остави да живее.“ Но тој ја истресе змијата во огнот и ништо лошо не му стана. А тие очекуваа да се појави оток, или, пак, веднаш да падне мртов; но, би­дејќи чекаа долго време и видоа дека не му стана никакво зло, тие си го проме­нија мислењето и велеа дека е тој бог. Околу тоа место се наоѓаа имотите на началникот на островот, по име Поп­лиј. Тој нѐ прими и три дни пријателски нѐ гоштеваше. А таткото на Поплиј се разболе и лежеше, страдајќи од треска и болки во стомакот. Павле влезе кај него, се по­моли и, положувајќи ги рацете свои врз него, го исцели. Тогаш, и другите од островот, што страдаа од болести, доаѓаа и се исцелуваа. Тие нѐ почитуваа многу и нѐ удостоија со големи почести, а пред заминување нѐ снабдија со сите потребни рабо­ти. По три месеци отпловивме со еден александриски кораб, што беше презимил на тој остров и носеше знак Диос­ку­ри. И стигнавме во Сиракуза, каде што останавме три дена. Оттаму отпловивме и пристигнавме во Ригија; а по еден ден дувна југот и на идниот ден стасавме во Потиоли; таму најдовме браќа, по чија молба кај нив останавме седум дена. И потоа тргнавме за Рим.

Дела 28:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога се спасивме, дознавме дека островот се вика Малта. А домородците ни укажаа необично човекољубие; запалија оган и нѐ примија сите, заради дождот што паѓаше и заради студот. А кога Павле собра многу гранки и ги стави на огнот, излезе змија, натерана од горештината, и му се фати за раката. Домородците, кога видоа дека животното му виси на раката, си велеа еден на друг: „Овој човек секако е убиец: кој се спасил од морето, но и правдата не го остава да живее.“ Но тој ја истресе змијата во огнот и не му стана ништо лошо. А тие чекаа дека ќе отече или одненадеж да падне мртов. Откако чекаа долго, видоа дека не му се случи никакво зло, го сменија своето мнение и рекоа дека е бог. А околу тоа место се наоѓаше имотот на поглаварот на островот, по име Поплиј, кој нѐ прими и нѐ нагости љубезно три дена. И се случи Поплиевиот татко да лежи болен од треска и болки во желудникот. Павле влезе при него, се помоли, ги положи рацете на него и се исцели. По тој настан и други болни од островото доаѓаа и се исцелуваа. Тие ни искажаа и многу почести, а при заминувањето нѐ снабдија со сѐ што ни беше потребно. По три месеци отпловивме со еден александриски брод, што беше презимувал на островот и ги имаше Диоскурите како знак. И кога стигнавме во Сиракуза и останавме таму три дни, а оттаму пловејќи заобиколивме и стигнавме во Ригија; и кога по еден ден дувна јужниот ветер, дојдовме на идниот ден во Потиоли, каде најдовме браќа, кои нѐ замолија да останеме при нив седум дена. И така тргнавме за Рим