Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 25:1-22

Дела 25:1-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Три дена по преземањето на власта во покраината, Фест отпатува од Цезареја за Ерусалим. Таму Првосвештениците и еврејските челници му го изнесоа своето обвинение против Павле, па го молеа да им направи услуга и да го префрли Павле во Ерусалим, а всушност коваа заговор по пат да го убијат. Но Фест им одговори дека Павле ќе биде задржан во Цезареја, каде што и тој самиот има намера набргу да се врати, па ако тие имаат нешто против Павле нека дојдат со Фест неколку поистакнати луѓе кои ќе поведат обвинение против него. По осум до десет дена, Фест се врати во Цезареја. Следниот ден седна во судот и нареди да го доведат Павле. Околу него се насобраа Евреите кои беа дошле од Ерусалим и изнесоа многу тешки обвиненија против Павле, но не можеа да ги докажат. Павле, бранејќи се, рече: „Јас не сум згрешил ни против еврејскиот Закон, ни против храмот, ниту против императорот!“ Фест, сакајќи да им угоди на Евреите, му рече на Павле: „Дали сакаш да одиме во Ерусалим и таму да ти судам во врска со ова?“ Павле рече: „Не! Ова е суд на Римската империја и овде треба да ми биде судено. На Евреите ништо лошо не сум им сторил, како што и самиот знаете. Ако сум навистина виновен, ако сум направил нешто што заслужува смртна казна, јас не се противам таа и да се изврши. Но ако обвинувањата против мене се неосновани, никој нема право да ме предаде на овие луѓе да ме убијат! Сакам да се жалам пред императорот!“ Тогаш Фест се посоветува со судскиот совет и му одговори: „Добро, штом сакаш да се жалиш пред императорот, ќе те пратам кај императорот!“ По неколку дена, во Цезареја дојдоа царот Агрипа и неговата сестра Берника, за да му честитаат на Фест, кој неодамна стана нов гувернер. Во текот на нивниот неколкудневен престој, Фест му го изложи на царот случајот на Павле, велејќи: „Имам еден неосуден затвореник, останат уште од времето на Феликс. Кога бев во Ерусалим, еврејските Првосвештеници и старешини го обвинија пред мене и побараа да го осудам. Се разбира, јас им одговорив дека Римјаните немаат обичај да ги осудуваат обвинетите, без да им дадат можност да се соочат со обвинителите и да ја изложат својата одбрана. Затоа тие дојдоа овде и јас без одлагање, веќе следниот ден, седнав во судот и наредив да го доведат човекот. Кога обвинителите станаа да зборуваат, обвиненијата што ги изнесоа воопшто не беа толку страшни колку што јас очекував. Се препираа околу нивната вера, за некојси Исус, Кој умрел, а за Кого Павле тврдеше дека е жив. Јас не бев сигурен како да ја водам истрагата, па го прашав Павле дали би сакал да му биде судено во Ерусалим. Но Павле се повика на правото да се жали пред императорот и јас наредив да остане под стража, се додека не извршам подготовки да го испратам кај императорот.“ Агрипа му рече на Фест: „И јас би сакал да го сослушам тој човек!“ “Утре ќе го сослушате!“ - му рече Фест.

Дела 25:1-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А Фест, откако по три дена прими власт, излезе од Кесарија и дојде во Ерусалим. Тогаш првосвештеникот и ста­ре­ши­ните јудејски му се пожалија против Павле, и го молеа, барајќи милост за себе против него, да го прати во Ерусалим, и редеа заседа за да го убијат патем. Но Фест одговори дека Павле се чу­ва под стража во Кесарија, а и дека тој сам скоро ќе отпатува таму. „Кои, пак, од вас, можат, нека дојдат со мене, и ако има некаква вина на овој човек, тогаш нека го обвинат.“ И откако беше кај нив, не повеќе од десет дена, слезе во Кесарија, и утредента седна на судскиот стол и заповеда да го доведат Павле. А кога го доведоа, Јудејците што беа дошле од Ерусалим, застанаа наоколу, и многу тешки обвиненија изнесуваа против Павле, кои не можеа да ги дока­жат. А тој, бранејќи се, рече: „Со ништо не се огрешив ни против Законот јудеј­ски, ни против храмот, ниту, пак, против царот.“ Но Фест, сакајќи да им угоди на Ју­дејците, му одговори на Павле и рече: „Сакаш ли да одиш горе во Ерусалим и таму да ти се суди за тоа од мене?“ А Павле одговори: „Стојам пред царевиот суд, каде што треба да бидам суден. Јудејците не сум ги навредил со ништо, како што и ти тоа многу добро го знаеш. Зашто, ако сум виновен и сум на­правил нешто што заслужува смрт, јас не се откажувам да умрам; но, ако од сето тоа во што ме обвинуваат тие нема ништо, тогаш никој не може да ме пре­даде на нив. Се повикувам на царот.“ Тогаш Фест, откако се посоветува со Советот, одговори: „Се повика на царот, – рече, – кај царот ќе појдеш.“ А откако минаа неколку дена, ца­рот Агрипа и Верникиј слегнаа во Ке­сарија за да го поздрават Фест. И бидејќи таму останаа повеќе де­нови, Фест му рече на царот за Павле, ве­лејќи: „Феликс остави еден човек во затворот. Кога бев во Ерусалим, за него излегоа првосвештениците и старешините јудејски и ме молеа да го осудам. Јас одговорив дека кај Римјаните не е вообичаено човек да се осудува на смрт пред обвинетиот да се соочи со об­винителите и да му се дозволи да се бра­ни од обвинувањето. И кога се собраа овде, на другиот ден, без никакво одлагање јас седнав на судискиот стол и заповедав да го доведат човекот; и кога застанаа околу него об­ви­ни­телите, не изнесоа никакво обвинение против него, како што претполагав; туку против него имаа некакви пре­пирки околу нивното верување и за не­кој си Исус, Кој умрел и за Кого Павле вели дека е жив. А јас, не знаејќи што да правам со овој, го прашав дали сака да оди во Ерусалим и таму да биде суден. Но, бидејќи Павле побара да биде чуван до судската одлука на неговото височество, заповедав да го држат под стража, додека го пратам кај царот.“ Тогаш Агрипа му рече на Фест: „Би сакал и јас да го сослушам тој човек.“ А тој одговори: „Утре ќе го сослушаш.“

Дела 25:1-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога Фест ја зеде власта над покраината, по три дни, од Ќесарија отиде горе во Ерусалим, каде свештеничките главатари и јудејските првенци истапија пред него против Павла, и го молеа, барајќи услуга против него, за да го спроведе во Ерусалим; поставувајќи заседа за да го убијат на пат. Но, Фест во одговор рече дека Павле се пази во Ќесарија, каде и тој самиот скоро ќе отиде. „Затоа - рече тој - влијателните меѓу вас нека слезат со мене; и ако е виновен во нешто тој човек, нека го обвинат.“ Откако слезе во Ќесарија, се задржа меѓу нив осум или десет дена, и веќе утреден седна во судот и заповеда да го доведат Павла. А кога тој дојде, го опкружија Јудејците, кои дојдоа од Ерусалим, и изнесоа против него многу тешки обвиненија, кои не можеа да ги докажат; а Павле во своја одбрана велеше: „Со ништо не се огрешив ни против јудејскиот закон, ни против Храмот, ни против ќесарот.“ Но Фест, сакајќи да им угоди на Јудејците, му одговори на Павла и рече: „Сакаш ли да отидеш горе, во Ерусалим, и да ти се суди таму за ова, пред мене?“ А Павле рече: „Стојам пред ќесаревиот суд - каде треба да бидам суден. На Јудејците не им сторив никаква неправда, што и ти знаеш многу добро. Ако сум пак виновен, или ако направив нешто што заслужува смрт; не бегам од смртта. Но, ако нема ништо од она за што овие ме обвинуваат, никој не може да ме предаде на нив, за да им угоди. Се повикувам на ќесарот.“ Тогаш Фест поразговара со својот совет и одговори: „Се повика на ќесарот, при ќесарот ќе одиш.“ Кога поминаа неколку денови, царот Агрипа и Верникија дојдоа во Ќесарија, за да го поздрават Феста. И бидејќи таму се задржаа повеќе денови, Фест го изнесе пред царот Павловото дело: „Феликс остави еден човек во окови, против кого - кога бев во Ерусалим - истапија свештеничките главатари и јудејските старешини и бараа да го осудам. Јас им одговорив дека Римјаните немаат обичај да предадат некого, пред обвинетиот да се соочи со своите обвинители, и да добие прилика да се брани од обвинението. И така, кога тие дојдоа тука заедно, јас на другиот ден - без никакво одлагање - седнав на судиската столица и заповедав да го доведат човекот. Но обвинителите, кои стоеја околу него, не го обвинија ниту за едно зло дело, за кое претполагав, туку имаа против него некои препирки за нивната вера и за некој Исус, Кој умрел, а за кого Павле тврдеше дека е жив. А јас, не знаејќи што да правам во расправата, за такви нешта, го прашав дали сака да оди во Ерусалим, за да му се суди таму за тоа. Но, бидејќи Павле се повика на Августа, за да биде запазен до неговата одлука; заповедав да го чуваат додека не го испратам при ќесарот.“ Тогаш Агрипа му рече на Феста: „И јас би сакал да го ислушам тој човек.“ И тој рече: „Утре ќе го чуеш.“