Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 23:23-35

Дела 23:23-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Потоа полковникот викна двајца од своите офицери и им рече: „Одберете двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, и наредете им да се подготват вечерва во девет часот да заминат за Цезареја. Обезбедете за Павле добиток за јавање, за безбедно да го одведете кај гувернерот Феликс.“ Потоа напиша писмо за гувернерот, со следнава содржина: „Од Клавдиј Лисиј, до почитуваниот гувернер Феликс. Ве поздравувам! Ви испраќам еден човек кого Евреите го беа фатиле и се подготвуваа да го убијат. Кога дознав дека е римски граѓанин јас отидов со војска и го ослободив. Сакајќи да дознаам за што го обвинуваат Евреите, го изведов пред нивното собрание. Така дознав дека го обвинуваат за работи од нивниот верски Закон, но не беше виновен за нешто што заслужува смртна казна, или затвор. Откако ми беше јавено дека против овој човек се подготвува заговор, со закана да го убијат, веднаш го испраќам кај Вас, а ги известив и оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас, и таму да ги изнесат своите обвиненија.“ Уште истата ноќ, војниците го одведоа Павле до Антипатрида, како што им беше наредено. Следниот ден, пешаците се вратија во воената тврдина, а коњаниците го одведоа кон Цезареја. Кога пристигнаа во Цезареја, му ги предадоа писмото и Павле на гувернерот Феликс. Гувернерот го прочита писмото и го праша Павле од која покраина потекнува, па кога дозна дека е од Киликија му рече: „Ќе те сослушам кога ќе пристигнат и твоите обвинители.“ Потоа нареди да го одведат и да го чуваат под стража во Иродовата палата.

Дела 23:23-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа повика двајца стотници и ре­че: „Пригответе ми двесте војници, се­думдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Кесарија во третиот час ноќеска; и пригответе добици, за да го качат Павле и да го одведат до намесникот Феликс!“ Напиша и писмо со оваа содржина: „Клавдиј Лисиј испраќа поздрав до многупочитуваниот намесник Феликс. Овој човек беа го фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас се појавив со војска и го одзедов, бидејќи разбрав де­ка е римски граѓанин. И сакајќи да ја дознаам причината, поради која го обвинуваат, го изведов пред нивниот Синедрион, и дознав дека го обвинуваат по пра­шање од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужил смрт или окови. И бидејќи ми беше соопштено дека Јудејците намислиле лошо против тој човек, јас го пратив веднаш кај тебе, от­како им порачав и на обвинителите да кажат пред тебе што имаат против не­го. Биди здрав!“ И така, војниците го зедоа Павле, и онака како што им беше заповедано, го одведоа ноќе во Антипатрида. А на вториот ден се вратија во тврдината, откако ги оставија коњаниците да одат со него. Оние што влегоа во Кесарија и му го предадоа писмото на намесникот, му го претставија и Павле. Намесникот го прочита писмото и праша од кој крај е тој, и откако разбра дека е од Киликија, рече: „Ќе те сослушам, кога ќе дојдат и твоите обвинители.“ И заповеда да го држат под стража во дворот Иродов.

Дела 23:23-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И повика двајца од стотниците и рече: „Пригответе двеста војници, седумдесет коњаници и двеста стрелци, за да тргнат за Ќесарија во третиот час на ноќта. Пригответе и добиток, за да го качат Павла и да го одведат безбедно до управителот Феликс!“ И напиша писмо со следнава содржина: “Клаудиј Лисиј до угледниот управител Феликс - поздрав! Овој маж го фатија Јудејците и сакаа да го убијат; јас дојдов со војската и го извлеков, кога научив дека е Римјанин. Сакајќи да ја научам причината за која го обвинуваат, го доведов долу во нивниот Синедрион. И најдов дека го обвинуваат заради спорни прашања на нивниот Закон, но дека нема никаква вина, која заслужува смрт или окови. А кога ме известија дека се подготвува напад против овој човек, веднаш го испратив при тебе и обвинителите ги упатив да кажат, пред тебе, што имаат против него. Биди здрав!“ Тогаш војниците го зедоа Павла, според дадената им заповед, и го одведоа ноќе во Антипатрида; а утреден ги оставија коњаниците да одат со него, а тие се вратија во тврдината. А кога влегоа во Ќесарија, му го врачија писмото на управителот и му го претставија и Павла. А кога го прочита писмото, го праша од која област е, и научи дека е од Киликија; му рече: „Ќе те ислушам кога ќе дојдат и твоите обвинители.„ И заповеда да го чуваат во Иродовата преторија.