Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 23:12-22

Дела 23:12-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога се раздени, група Евреи сковаа заговор. Се заколнаа дека нема ни да јадат, ни да пијат, се додека не го убијат Павле. Во заговорот зедоа учество повеќе од четириесет мажи. Тие отидоа кај Првосвештеникот и старешините, па им рекоа: „Ние се заколнавме ништо да не ставаме в уста, се додека не го убиеме Павле. Затоа јавете му на полковникот да го доведе Павле во собранието, божем имате намера поподробно да го испрашувате, а ние, уште пред тој да втаса овде ќе му поставиме заседа и ќе го убиеме.“ Но синот на Павловата сестра разбра за овој заговор, па отиде во воената тврдина и му кажа на Павле. Павле викна еден од офицерите и му рече: „Одведи го ова момче кај полковникот. Има нешто важно да му пренесе.“ Офицерот го одведе и му рече на полковникот: „Затвореникот Павле ме викна и ме замоли да го доведам ова момче кај вас, зашто имало нешто важно да ви каже.“ Полковникот го фати за рака момчето, го одведе настрана и го праша: „Што сакаш да ми кажеш?“ Момчето му рече: „Евреите се договорија да ве замолат утре да го доведете Павле во собранието, како божем да имаат намера поподробно да го испрашаат. Немојте да ги послушате, зашто повеќе од четириесетмина Евреи му поставија заседа за да го убијат! Се заколнале дека нема да јадат и пијат, се додека не го убијат. Веќе демнат во заседа и чекаат само вие да го одобрите нивното барање.“ Полковникот го пушти момчето, наредувајќи му на никого да не кажува дека го известил за заговорот.

Дела 23:12-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога осамна, некои од Јудејците се договорија, се заколнаа со заклетва и си рекоа да не јадат, ниту да пијат додека не го убијат Павле. Имаше повеќе од четириесет мажи што дадоа таква заклетва. Па отидоа кај првосвештениците и старешините и рекоа: „Клетва си кла­довме ништо да не каснеме додека не го убиеме Павле. Затоа вие од Синедрионот сооп­ште­те му сега на заповедникот да го доведе утре долу пред нас, небаре ќе сакате по­точно да го разгледате неговото дело; а ние, пред да наближи, ќе бидеме готови да го убиеме.“ Кога слушна за заседата синот на Павловата сестра, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павле. А Павле повика еден стотник и му рече: „Одведи го ова момче кај заповедникот, зашто има нешто да му каже.“ И тој го зеде, го одведе кај заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и замоли ова момче да го до­ве­дам кај тебе, зашто имало нешто да ти каже.“ Заповедникот го фати за рака, застана со него на страна и го праша: „Што имаш да ми кажеш?“ А тоа рече: „Јудејците се договорија да те молат да го одведеш утре Павле долу пред Синедрионот, небаре ќе сака­ат поточно да го испитуваат нешто во врска со неговото дело. Но ти не им верувај, зашто ќе го че­каат четириесет, а и повеќе од че­ти­ри­есет нивни луѓе, што се заколнале да не јадат, ниту да пијат, сѐ додека не го убијат; и сега се веќе готови, чекаат само да им ветиш.“ Тогаш заповедникот го испрати момчето и му порача: „Никому не ка­жувај дека си ми го кажал ова!“

Дела 23:12-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога се раздени Јудејците се собраа и се заколнаа, дека не ќе јадат ниту ќе пијат додека не го убијат Павла. Беа повеќе од четириесет, кои ја дадоа таа заклетва. Тие дојдоа при првосвештениците и старешините и им рекоа: „Се заколнавме со заклетва, дека нема да вкусиме ништо додека не го убиеме Павла. Затоа вие, сега, заедно со Синедрионот, поднесете му барање на заповедникот да го доведе долу при вас, како да сакате поточно да го испитате неговото дело; а ние сме готови да го убиеме пред да се приближи.“ Но синот на Павловата сестра чу за заседата, дојде и влезе во тврдината и му јави на Павла. А Павле повика еден од стотниците и рече: „Одведи го момчево при заповедникот, зашто има да му соопшти нешто!“ Стотникот го зеде и го одведе при заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и ме замоли да го доведам при тебе ова момче, зашто има да ти каже нешто.“ Тогаш заповедникот го зеде за рака и се повлече со него насамо и го праша: „Што има да ми соопштиш?“ А тој рече: „Јудејците се договорија да те замолат да го одведеш утре Павла долу, во Синедрионот, како да сакаат поточно да се распрашаат за него. Но немој да ги послушаш, зашто го дебнат повеќе од четириесет нивни луѓе, кои се заколнаа, да не јадат ниту да пијат додека не го убијат. И сега се подготвени, само го чекаат твоето ветување.“ Тогаш заповедникот го пушти момчето и му нареди: „Не кажувај никому, дека ми го јави ова.“