Дела 20:17-38
Дела 20:17-38 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Од Милет испрати порака до старешините на црквата во Ефес и ги замоли да дојдат за да се сретнат со него. Кога пристигнаа, Павле им рече: „Вие знаете како живеев, уште од првиот ден кога пристигнав во Азија, зашто цело време бев со вас. Му служев на Господ со голема понизност, со солзи и маки низ кои морав да поминам поради заговорите што против мене ги коваа Евреите. Сепак, не пропуштив да ви кажам се што е полезно за вас, поучувајќи ве јавно или во вашите домови. Имав иста порака и за Евреите и за неевреите: да се покаат, да се свртат кон Бог и да поверуваат во нашиот Господ Исус. Сега Светиот Дух ме тера да одам во Ерусалим. Не знам што ме чека таму. Знам само дека Светиот Дух ми има кажано оти во секој град ме чекаат затвори и страдања. Но тоа не ме плаши. Мојот живот би немал вредност доколку не го искористам за да ја извршам мисијата што ми ја довери Господ Исус: да им ја проповедам на луѓето Радосната вест за Божјата милосрдна благонаклоност. Сега знам дека никој од вас со кои живеев и ви проповедав за Божјото царство нема повеќе да ме види. Затоа сакам јасно и гласно да ви кажам денес дека, ако некој од вас заврши во вечна смрт, јас за тоа не сум одговорен. Не пропуштив ништо од Божјиот план за луѓето, туку во целост ви го објавив. Внимавајте и на себе и на целото Божјо стадо во кое Светиот Дух ве поставил за надзорници. Бидете пастири на Божјата Црква која Тој ја откупи со сопствената крв. Знам дека откако јас ќе си заминам, ќе ви доаѓаат лажни пастири кои како свирепи волци ќе ве напаѓаат и нема да го штедат стадото. Од самите вас ќе произлезат луѓе што ќе ја изопачуваат вистината за да повлечат по себе дел од Христовите следбеници. Затоа, бидете на штрек! Не заборавајте дека три години деноноќно, без престан, со солзи во очите, го советував секој од вас поединечно. Сега ве предавам под Божјата грижа и поука од пораката за Неговата милосрдна благонаклоност спрема вас. Таа порака има моќ да ве изградува и да ви даде наследство заедно со сите што Бог ги избра и посвети. Од никого не барав пари или облеки. Вие и самите знаете дека за моите потреби и за потребите на оние што ме придружуваа јас работев со сопствените раце. На тој начин ви покажав како со вредно работење може да им се помогне на сиромашните. Не заборавајте што ни порача Самиот Господ Исус: ,Поблагословен е тој што дава, отколку тој што добива‘.“ Кога го рече ова, клекна на колена со нив и се молеше. Сите заплакаа на глас, и збогувајќи се, го гушкаа и го бакнуваа. Беа посебно тажни поради тоа што им рече дека веќе нема да го видат. Потоа го испратија до бродот.
Дела 20:17-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Но од Милит прати во Ефес да ги повика црковните старешини. И кога дојдоа кај него, тој им рече: „Вие знаете дека од првиот ден, откако дојдов во Азија, го минував времето со вас, служејќи Му на Господ со голема понизност и многу солзи, во искушенија, што ми се случуваа заради лошите замисли на Јудејците; дека не пропуштив да ви соопштам ништо од она што е полезно и да ве поучувам на јавни места и по куќите, сведочејќи им сериозно и на Јудејците и на Елините за покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос. И ете, сега, поттикнат од Духот, одам во Ерусалим, не знаејќи на што ќе наидам таму, освен за она, кое Духот Свети го посведочи по сите градови, велејќи дека ме чекаат окови и маки. Но јас не се грижам за ништо, ниту, пак, ми е мил животот, доволно е само да стигнам до крајот на патот и службата што ја примив од Господ Исус, да го посведочам Евангелието на Божјата благодат. И сега, ете, јас знам дека нема веќе да го видите лицето мое сите вие, меѓу кои одев и го проповедав царството Божјо. Затоа во денешниов ден ви сведочам дека сум чист од крвта на сите, бидејќи не пропуштив да ви ја соопштам во целост волјата Божја. Грижете се, пак, за себе и за целото стадо, во кое Духот Свети ве постави за епископи, за да бидете пастири на црквата на Господ и Бог, која ја придоби Тој со Својата крв. Бидејќи знам дека по моето заминување ќе се втурнат меѓу вас лути волци, кои нема да го штедат стадото; а и од вас самите ќе произлезат луѓе, што ќе зборуваат искривено, за да ги одвлечат учениците заедно со себе. Затоа бидете будни и помнете дека цели три години дење и ноќе не престанував со солзи да поучувам секого од вас. А сега, браќа, ве предавам на Бога и на словото од Неговата благодат; Тој може да ве унапреди подобро и да ви даде наследство меѓу сите посветени. Од никого не побарав ни сребро, ни злато, ниту, пак, облека; сами знаете дека за потребите мои и на оние што беа со мене, ми послужија овие мои раце. Со сѐ ви покажав дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните, а исто така и да ги помните зборовите на Господ Исус, зашто Тој Сам рече: ‚Поблажено е да се дава, отколку да се прими.‘“ Кога го рече тоа клекна на колена и заедно со сите се молеше. Тогаш сите плачеа многу и гушкајќи го Павле околу вратот, го целиваа, нажалени најмногу од зборот што рече дека нема веќе да го видат лицето негово. И го испратија до коработ.
Дела 20:17-38 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Од Милит Павле прати во Ефес да ги повикаат старешините на црквата. А кога дојдоа при него, им рече: „Вие знаете како го поминав со вас целото време, од првиот ден кога стапив во Азија, служејќи Му на Господа со сета понизност, со солзи и со искушенија, што ме најдоа од јудејските заговори; како не пропуштив да ви кажам сѐ што е полезно и да ве поучам и јавно и по домовите; сведочејќи им на Јудејците и на Грците покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус. А сега, еве, врзан во Духот, одам во Ерусалим не знаејќи што ќе ми се случи во него. Освен што Светиот Дух ми сведочи, во секој град, велејќи дека ме чекаат окови и маки. Но мене ни најмалку не ми е за душата; само да го завршам радосно својот пат и службата, која ја примив од Господа Исуса: да го посведочам потполно Евангелието на Божјата благодат. И еве, сега знам дека сите вие, меѓу кои поминав проповедајќи го Царството Божјо, не ќе го видите веќе моето лице. Затоа ви сведочам во овој ден дека сум чист од крвта на сите вас; зашто не пропуштив да ви ја соопштам целокупната Божја намера. Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое Светиот Дух ве постави за надгледувачи, за да ја пасете Божјата Црква, која Тој ја придоби со Својата крв. Јас знам дека по моето заминување, ќе навлезат меѓу вас свирепи волци, кои нема да го штедат стадото; а и од вас самите ќе станат мажи, кои ќе зборуваат изопачено, за да ги одвлечат учениците по себе. Затоа, бдејте и помнете дека три години - ноќе и дење - не прекратив да го советувам со солзи секој еден од вас! И сега ве препорачувам на Бога и на Словото на Неговата благодат, кое е во состојба да изградува и да даде наследство меѓу сите осветени. Сребро или злато или облека не посакав од никого. Самите знаете дека овие раце им послужија на моите потреби и на оние, кои беа со мене. Во сѐ ви покажав дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните, и да си спомнувате на зборовите на Господа Исуса, како Самиот што рече: ‘Поблажено е да се дава, отколку да се прима.’“ Кога го рече тоа, клекна на колена и се помоли со сите нив. Тогаш сите заплакаа гласно, и паднаа во прегратка на Павла и го целиваа; нажалени најмногу од зборот што го рече дека веќе нема да го видат неговото лице. И го испратија до бродот.