Дела 13:26-41
Дела 13:26-41 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Луѓе, браќа, потомци на Авраам и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, оваа порака за спасение е испратена до сите нас! Жителите на Ерусалим и нивните водачи не сфатија Кој е Исус, иако секоја сабота читаат од Книгите на пророците. Осудувајќи Го на смрт, тие го исполнија она што го претскажаа пророците. Иако не Му најдоа никаква вина за да Го осудат на смрт, тие инсистираа кај Пилат Исус да биде погубен. Откако преку нив се исполнија сите пророштва поврзани со смртта на Месијата, тие Го симнаа од крстот и Го положија во гробница. Но Бог Го воскресна од мртвите! Потоа, со денови им се појавуваше на оние што дојдоа со Него од Галилеја во Ерусалим. Сега тие се Негови сведоци пред израелскиот народ. Барнаба и јас сме сега дојдени да ви пренесеме Радосна вест: ветувањето што Бог им го беше дал на нашите предци го исполни пред нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса! Имено, во вториот псалм Бог вели во врска со Исус: ,Ти си Мојот Син, денес станав Твој Татко.‘ Понатаму, Бог вети дека ќе Го воскресне Исуса од мртвите и дека никогаш повеќе нема да умре. Тоа е запишано со следниве зборови: ,Тебе ќе ти го дадам светиот благослов што му го ветив на Давид.‘ Во еден друг псалм, појаснува: ,Ти нема да дозволиш Твојот Светец да скапува во гробот.‘ Ова ветување не се однесуваше на Давид, зашто Тој, откако ја изврши Божјата мисија меѓу своите современици, почина и беше прибран кај своите предци, а неговото тело се распадна. Ова се однесуваше на некој друг, на Оној Кого Бог Го воскресна, на Исус. Тој не остана во гробот, Неговото тело не се распадна. Затоа, браќа мои, Радосната вест гласи дека само преку Исус може да ви се простат гревовите! Тој може да го стори она што не е можно да се постигне со придржување кон Мојсеевиот Закон. На секој што верува во Него, ќе му се прости вината, ќе биде оправдан пред Бог! Ова е нешто што не можеше да се добие преку придржување кон Мојсеевиот Закон. Затоа внимавајте да не ве снајде она што е претскажано од пророците: ,Гледајте, вие подбивачи! Стаписајте се и изгинете, зашто она што го правам во вашите дни, немаше да го верувате ако некој ви го раскажуваше!‘“
Дела 13:26-41 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Мажи браќа, синови од родот на Авраам, оние меѓу вас, што имаат страхопочит кон Бога, нам ни е испратено словото на ова спасение. Всушност жителите ерусалимски и нивните началници, бидејќи не Го препознаа, ги потврдија пророчките зборови, што се читаат секоја сабота, со тоа што Го осудија. И така, иако не најдоа никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилат да Го убие. А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од крстот и Го положија в гроб. Но Бог Го воскресна од мртвите. А Тој во текот на многу дни им се јавуваше на оние, што со Него дојдоа од Галилеја во Ерусалим и кои се сега сведоци Негови пред народот. И ние сега ви благовестуваме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, чедата нивни, откако Го воскресна Исус. Како што е во вториот псалм напишано: ‚Син Мој си Ти, денес Те родив Јас.‘ А дека Го воскресна од мртвите, и дека веќе нема да се враќа во распаѓање, рекол вака: ‚Ќе ви ги дадам сигурните ветувања дадени на Давид.‘ За тоа и на друго место зборува: ‚Нема да допуштиш Твојот светец да види распаѓање.‘ А навистина Давид, откако му служеше на својот род, според Божјата волја, се присоедини кон татковците и виде распаѓање; но Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање. И така, знајте, мажи и браќа дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите. И од сѐ, од што не сте можеле да се оправдате преку Законот Мојсеев, преку Него се оправдува секој кој верува. Затоа внимавајте да не дојде на вас она што е речено во Пророците: ‚Погледнете вие кои презирате, зачудете се и исчезнете! Зашто во ваше време ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, ако некој би ви го раскажал.‘“
Дела 13:26-41 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Браќа, синови на Авраамовиот род, и вие, кои се боите од Бога, меѓу нив, нам ни е испратено словото за ова спасение. Зашто жителите на Ерусалим и нивните началници не Го познаа, туку Го осудија и така ги исполнија пророчките зборови, што се читаат секоја сабота. Иако не најдоа никаква вина, која заслужува смрт, бараа од Пилата да Го погуби. И кога исполнија сѐ што е напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија во гроб. Но Бог Го воскресна од мртвите. И повеќе денови им се јавуваше на оние, кои со Него од Галилеја отидоа горе во Ерусалим, а кои се сега Негови сведоци пред народот.“ “И ние ви го проповедаме Евангелието за ветувањето дадено на татковците, дека Бог го исполни на нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса, како што е напишано во вториот псалм: ‘Ти си Мој Син, Јас Те родив денес.’ А дека Го воскресна од мртвите и дека веќе не се враќа во гниењето рече вака: ‘Вам ќе ви ги исполнам светите и верните зборови Давидови.’ Затоа и во друг псалм вели: ‘Нема да дозволиш Твојот Светец да види гниење.’ А Давид му послужи на своето поколение и според Божјата волја заспа и им се придружи на своите татковци и виде гниење. А Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде гниење. И така, мажи браќа, знајте дека преку Овој ви се навестува простување на гревовите; и од сѐ од што не можевте да се оправдате преку Мојсеевиот Закон, преку Него се оправдува секој, кој верува. И така, гледајте да не дојде на вас, што е речено во пророците: ’Видете, вие кои презирате, чудете се и исчезнете! Зашто Јас правам дело - во вашите денови - дело во кое нема да поверувате, ако некој би ви раскажувал.’