Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 13:13-52

Дела 13:13-52 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија, град во областа Писидија. Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“ Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече: “Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете! Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму. Речиси четириесет години се грижеше за нив во пустината. Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците. Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил. Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години. Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него!‘ Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус. Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат. Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам!‘ Луѓе, браќа, потомци на Авраам и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, оваа порака за спасение е испратена до сите нас! Жителите на Ерусалим и нивните водачи не сфатија Кој е Исус, иако секоја сабота читаат од Книгите на пророците. Осудувајќи Го на смрт, тие го исполнија она што го претскажаа пророците. Иако не Му најдоа никаква вина за да Го осудат на смрт, тие инсистираа кај Пилат Исус да биде погубен. Откако преку нив се исполнија сите пророштва поврзани со смртта на Месијата, тие Го симнаа од крстот и Го положија во гробница. Но Бог Го воскресна од мртвите! Потоа, со денови им се појавуваше на оние што дојдоа со Него од Галилеја во Ерусалим. Сега тие се Негови сведоци пред израелскиот народ. Барнаба и јас сме сега дојдени да ви пренесеме Радосна вест: ветувањето што Бог им го беше дал на нашите предци го исполни пред нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса! Имено, во вториот псалм Бог вели во врска со Исус: ,Ти си Мојот Син, денес станав Твој Татко.‘ Понатаму, Бог вети дека ќе Го воскресне Исуса од мртвите и дека никогаш повеќе нема да умре. Тоа е запишано со следниве зборови: ,Тебе ќе ти го дадам светиот благослов што му го ветив на Давид.‘ Во еден друг псалм, појаснува: ,Ти нема да дозволиш Твојот Светец да скапува во гробот.‘ Ова ветување не се однесуваше на Давид, зашто Тој, откако ја изврши Божјата мисија меѓу своите современици, почина и беше прибран кај своите предци, а неговото тело се распадна. Ова се однесуваше на некој друг, на Оној Кого Бог Го воскресна, на Исус. Тој не остана во гробот, Неговото тело не се распадна. Затоа, браќа мои, Радосната вест гласи дека само преку Исус може да ви се простат гревовите! Тој може да го стори она што не е можно да се постигне со придржување кон Мојсеевиот Закон. На секој што верува во Него, ќе му се прости вината, ќе биде оправдан пред Бог! Ова е нешто што не можеше да се добие преку придржување кон Мојсеевиот Закон. Затоа внимавајте да не ве снајде она што е претскажано од пророците: ,Гледајте, вие подбивачи! Стаписајте се и изгинете, зашто она што го правам во вашите дни, немаше да го верувате ако некој ви го раскажуваше!‘“ На излегување, луѓето ги молеа и идната сабота да им проповедаат за ова. Кога се разотидоа, многу Евреи и прозелити тргнаа по Павле и Барнаба, кои им зборуваа и ги охрабруваа да Му останат верни на Бог, чија благонаклоност се излеа над нив. Следната сабота речиси целиот град се собра да ја слуша пораката Господова. Кога еврејските челници видоа колку многу народ се насобра, се исполнија со завист. Почнаа да го навредуваат Павле и да му се противат на се што ќе речеше. Но Павле и Барнаба, решително и смело им рекоа: „Нормално беше Божјото Слово да ви се проповеда прво вам, на Евреите. Но вие го одбивате и покажувате дека не сте достојни за вечен живот; затоа сега ние се свртуваме кон другите народи. Самиот Господ вака ни нареди: ,Ве поставувам да им бидете светлина на нееврејските народи, да го однесете спасението до краевите на Земјата!‘“ Слушајќи го ова, луѓето од нееврејско потекло се радуваа и Му благодареа на Господ за она што го слушаа. Тогаш сите што беа предодредени за вечен живот, поверуваа. Така пораката Господова се ширеше низ целата област. Тогаш еврејските челници ги подбуцнаа поистакнатите религиозни жени и градските водачи, кои се кренаа против Павле и Барнаба и ги истераа од нивната област. Павле и Барнаба ја истресоа правта од стапалата и отидоа во градот Иконија, а христијаните беа полни со радост и со Светиот Дух.

Дела 13:13-52 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Павле и неговите придружници от­пловија од Пафос и пристигнаа во Пер­гија Памфилиска. Тука Јован се одвои од нив и се врати во Ерусалим. А тие тргнаа од Пергија и пристигнаа во Антиохија Писидиска. Тука во сабота влегоа во синагогата и седнаа. По читањето на Законот и на Про­роците, старешините на синагогата пра­тија луѓе да им кажат: „Мажи браќа, ако имате зборови за утеха на народот, зборувајте!“ И тогаш стана Павле, мавна со ра­ката и рече: „Луѓе Израелци, и вие, што имате страхопочит кон Бога, послушај­те! Бог на овој народ, Израел, ги избра татковците наши, и го подигна овој народ кога тие пребиваа во земјата еги­петска, и со раката Своја силна ги из­ве­де од неа; и околу четириесет години ги хра­неше во пустината; а потоа откако уништи седум народи во земјата хананска, со ждрепка им ја раздели земјата во нивно наследство. За околу четиристотини педесет го­дини им даваше судии до пророкот Са­моил. А потоа бараа цар, и Бог им го даде Саул, Кисовиот син, човек од Венијами­новото колено, за четириесет години. Кога го отстрани него, за цар им го подигна Давид, за кого и рече, све­до­чеј­ќи: ‚Најдов маж по срцето Свое, Давид, синот Јесеев. Тој ќе ги исполни сите Мои барања.‘ Од неговото потомство Бог, според ветувањето, Го издигна за Израел Спасителот Исус. Пред Неговото доаѓање Јован како предгласник му проповедаше на сиот израелски народ покајно крштавање. А кога Јован го завршуваше своето дело, прашуваше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Тој, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги од­врзам ни обувките на Неговите нозе.‘ Мажи браќа, синови од родот на Авраам, оние меѓу вас, што имаат страхопочит кон Бога, нам ни е испратено словото на ова спасение. Всушност жителите ерусалимски и нивните началници, бидејќи не Го препознаа, ги потврдија пророчките зборо­ви, што се читаат секоја сабота, со тоа што Го осудија. И така, иако не најдоа никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилат да Го убие. А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од крстот и Го положија в гроб. Но Бог Го воскресна од мртвите. А Тој во текот на многу дни им се јавуваше на оние, што со Него дојдоа од Галилеја во Ерусалим и кои се сега сведоци Негови пред народот. И ние сега ви благовестуваме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, чедата нивни, откако Го воскресна Исус. Како што е во вториот псалм на­пи­шано: ‚Син Мој си Ти, денес Те родив Јас.‘ А дека Го воскресна од мртвите, и дека веќе нема да се враќа во рас­па­ѓа­ње, рекол вака: ‚Ќе ви ги дадам сигурните ветувања дадени на Давид.‘ За тоа и на друго место зборува: ‚Нема да допуштиш Твојот светец да види распаѓање.‘ А навистина Давид, откако му слу­жеше на својот род, според Божјата волја, се присоедини кон татковците и виде распаѓање; но Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање. И така, знајте, мажи и браќа дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите. И од сѐ, од што не сте можеле да се оправдате преку Законот Мојсеев, преку Него се оправдува секој кој верува. Затоа внимавајте да не дојде на вас она што е речено во Пророците: ‚Погледнете вие кои презирате, за­чудете се и исчезнете! Зашто во ваше време ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, ако некој би ви го раска­жал.‘“ А кога излегуваа Јудејците од синагогата, незнабошците ги помолија овие зборови да им се проповедаат и во следната сабота. И кога се распушти собирот, мно­зина Јудејци и побожни прозелити појдоа по Павле и Варнава. Тие разговараа со нив и им советуваа да останат во Божјата благодат. Следната сабота се собра скоро це­лиот град да го слушне словото Божјо. Но Јудејците, кога видоа многу на­род, се исполнија со завист и му против­речеа на она што го зборуваше Павле и хулеа. Тогаш Павле и Варнава им рекоа отворено: „Словото Божјо требаше најнапред вам да ви се проповеда, но кога вие го отфрлате и сами покажувате де­ка не сте достојни за вечниот живот, за­тоа, еве, ние се обраќаме кон незнабош­ците. Зашто Господ така ни заповеда: ‚Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш спасение до крајот на земјата.‘“ Незнабошците, слушајќи го тоа, се радуваа и го славеа словото Господово и поверуваа сите, кои беа определени за живот вечен. И словото Господово се распространуваше по целиот крај. Но Јудејците, откако ги наговорија побожните и чесните жени и градските првенци, поттикнаа гонење против Павле и Варнава, и ги истераа од својот крај. Тие, го истресоа правот од нозете свои на нив, и дојдоа во Иконија. А учениците се исполнија со радост и Дух Свети.

Дела 13:13-52 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во Памфилиска Пергија. Тука Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. А тие заминаа од Пергија и дојдоа во Писидиска Антиохија; и влегоа во синагогата во саботен ден, и седнаа. А по читањето на Законот и Пророците, старешините на синагогата испратија до нив да им кажат: „Браќа, ако имате некакво утешно слово за народот, зборувајте!“ Тогаш Павле стана, мавна со раката и рече: „Мажи Израелци и вие други, кои се боите од Бога, чујте! Бог на овој Израелски народ ги избра нашите татковци и го издигна народот во туѓина, во Египетската Земја, и со воздигната рака ги изведе од таа земја, и околу четириесет години ги трпеше во пустината; и уништи седум народи во Хананската Земја, и им ја даде во наследство нивната земја; за околу четири стотини и педесет години. Потоа им ги даде судиите до пророкот Самоил. Оттогаш побараа цар, и Бог им го даде Саула синот Кисов, човек од Венијаминовото племе, за четириесет години. Кога го отфрли овој, им го подигна за цар Давида, за кого посведочи и рече: ‘Го најдов Давида, синот Есеев, човек по Моето срце, кој ќе ја исполни целата Моја волја.’ Од неговото потомство Бог - според ветувањето - му го подигна на Израел: Спасителот Исуса, откако Јован, пред Неговото доаѓање, му проповедаше на целиот Израелски народ покајно крштавање. А кога Јован ја исполни својата должност, велеше: „Јас не сум Оној, што вие мислите; туку, ете, по мене иде Еден, Кому не сум достоен да Му ги одврзам обувките на нозете. Браќа, синови на Авраамовиот род, и вие, кои се боите од Бога, меѓу нив, нам ни е испратено словото за ова спасение. Зашто жителите на Ерусалим и нивните началници не Го познаа, туку Го осудија и така ги исполнија пророчките зборови, што се читаат секоја сабота. Иако не најдоа никаква вина, која заслужува смрт, бараа од Пилата да Го погуби. И кога исполнија сѐ што е напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија во гроб. Но Бог Го воскресна од мртвите. И повеќе денови им се јавуваше на оние, кои со Него од Галилеја отидоа горе во Ерусалим, а кои се сега Негови сведоци пред народот.“ “И ние ви го проповедаме Евангелието за ветувањето дадено на татковците, дека Бог го исполни на нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса, како што е напишано во вториот псалм: ‘Ти си Мој Син, Јас Те родив денес.’ А дека Го воскресна од мртвите и дека веќе не се враќа во гниењето рече вака: ‘Вам ќе ви ги исполнам светите и верните зборови Давидови.’ Затоа и во друг псалм вели: ‘Нема да дозволиш Твојот Светец да види гниење.’ А Давид му послужи на своето поколение и според Божјата волја заспа и им се придружи на своите татковци и виде гниење. А Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде гниење. И така, мажи браќа, знајте дека преку Овој ви се навестува простување на гревовите; и од сѐ од што не можевте да се оправдате преку Мојсеевиот Закон, преку Него се оправдува секој, кој верува. И така, гледајте да не дојде на вас, што е речено во пророците: ’Видете, вие кои презирате, чудете се и исчезнете! Зашто Јас правам дело - во вашите денови - дело во кое нема да поверувате, ако некој би ви раскажувал.’ А кога излегуваа, ги молеа да им ги проповедаат овие зборови и во идната сабота. Кога собирот се разотиде, многу Јудејци и прозелити, кои Го почитуваа Бога, појдоа по Павла и Варнава. Тие им зборуваа и ги наговоруваа да останат во Божјата благодат. А во идната сабота се собра скоро целиот град да го чуе Божјото слово. А кога Јудејците видоа множество, се исполнија со завист и со хулење говореа против Павловите зборови. Тогаш Павле и Варнава им рекоа одлучно: „Требаше најнапред вам да ви се проповеда Божјото Слово; но бидејќи вие го отфрлате од себе и не се сметате достојни за вечниот живот, еве, ние им се обраќаме на народите, зашто Господ ни заповеда така: ‘Те поставив за светлина на народите, да им бидеш спасение до крајот на земјата.’ Кога народите го чуја тоа, се радуваа и го славеа Господовото слово и поверуваа мнозина, кои беа определени за вечниот живот. И Господовото слово се распространуваше по целата земја. А Јудејците ги поттикнаа угледните и побожните жени и градските првенци, и подигнаа гонење против Павла и Варнава, и ги изгонија од своите предели. Овие го истресоа правот од своите нозе против нив и дојдоа во Иконија. А учениците се исполнија со радост и со Светиот Дух.