Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 13:1-12

Дела 13:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Меѓу пророците и учителите во антиохиската црква беа и Барнаба, Симон наречен ,Црнец‘, Луцие од Кирена, Менахем, кој беше израснал со царот Ирод, и Савле. Еден ден, додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: „Одвојте ми ги Барнаба и Савле за една посебна задача што сакам да им ја доверам!“ Откако постеа и се молеа, нивните соработници ги положија рацете врз нив и ги испратија. Савле и Барнаба, испратени од Светиот Дух, слегоа во пристаништето Селевкија, а оттаму отпловија за островот Кипар. Таму, во градот Саламис, одеа по еврејските синагоги и ја проповедаа Божјата порака. Со нив, како помошник, беше и Јован, со прекар Марко. Го поминаа целиот остров, се до гратчето Пафос. Таму сретнаа еден човек по име Бар-Исус. Тој се занимаваше со магии и лажно им се претставуваше на Евреите како Божји пророк. Од друга страна, тој му беше пријател на Сергиј Павле, управник на островот. Управникот беше разумен човек, па ги покани Барнаба и Савле, сакајќи од нив да ја слушне Божјата порака. Маѓепсникот Елимас (така го викаа на грчки), им се противстави, настојувајќи да го спречи управникот да стане христијанин. Тогаш Савле, познат и како Павле, се исполни со Светиот Дух, го погледна маѓепсникот в очи и му рече: „Човеку, ти си полн со измами и лукавства! Ѓаволски син си, непријател на се што е праведно! Нема ли да престанеш да лажеш и да тврдиш дека твоите лаги се вистинските патишта Господови!? Еве, сега раката Господова ќе те казни: ќе ослепиш и извесно време нема да гледаш!“ Маѓепсникот веднаш ослепе и талкаше наоколу, молејќи се некој да го фати за рака и да го води. Кога управникот виде што се случи, поверува, а она што го научи за Господ му остави силен впечаток.

Дела 13:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во Антиохиската црква имаше некои пророци и учители: Вар­нава, Симеон, наречен Нигер, Луциј Киринеецот и Манаин, кој беше воспитан заедно со Ирод четворовласникот, и Савле. Еднаш кога Му служеа на Господ и постеа, Духот Свети рече: „Одвојте ми ги Варнава и Савле за дело, за кое ги повикав!“ Тогаш тие, откако постеа и се по­мо­лија, положија раце над нив и ги пушти­ја. И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа во Селевкија, и оттаму от­пловија за Кипар. И кога стигнаа во Саламин, тие го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги, а го имаа со себе и Јован како помошник. А кога го поминаа островот сѐ до Пафос, наидоа на еден човек маѓесник и лажен пророк, Јудеец, по име Вари­сус, кој беше со намесникот Сергиј Пав­ле, човек умен. Тој ги повика Варнава и Савле, и посака да го слушне словото Божјо. Но им се спротивстави Елима – ма­ѓесникот, така всушност се преведува неговото име, настојувајќи намесникот да го одврати од верата. Но Савле, наречен Павле, исполнет со Дух Свети, го впери погледот на не­го, и рече: „О, ти кој си полн со секакво лукавство и злоба, сине ѓаволски, не­пријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта? И еве сега, раката Господова е врз тебе; ќе бидеш слеп и за некое време не­ма да го гледаш сонцето!“ И наеднаш над него падна мрак и темнина, и џба­рајќи, бараше водач. Тогаш намесникот, откако виде што се случи, поверува, восхитен од учењето Господово.

Дела 13:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во Антиохиската црква имаше пророци и учители: Варнава, и Симеон наречен Нигер, па Луциј Киринеец, Манаин, кој беше воспитан заедно со четворовласникот Ирод, и Савле. И кога Му служеа на Господа и постеа, Светиот Дух рече: „Одвојте ми ги Варнава и Савла за делото за кое ги повикав!“ Тогаш, откако постеа и се помолија, ги положија рацете на нив и ги пуштија. И така тие - испратени од Светиот Дух - слегоа во Селевкија и оттаму отпловија за Кипар. И кога дојдоа во Саламина, го проповедаа Божјото слово во јудејските синагоги, а го имаа и Јована за помошник. И кога го поминаа целиот остров до Пафос, најдоа некој маѓепсник, лажен пророк, Јудеец, по име Варисус, кој беше со проконзулот Сергиј Павле, умен човек. Овој ги повика Варнава и Савле и посака да го чуе Божјото Слово. Но им се спротивстави Елим маѓепсникот, - зашто така се преведува неговото име - настојувајќи да го одврати проконзулот од верата. Тогаш Савле - кој се вика и Павле - исполнет со Светиот Дух, го насочи погледот кон него и рече: “О, ти полн со секакво лукавство и злоба, ѓаволски сине, непријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?! И, еве, сега Господовата рака паѓа на тебе: ќе бидеш слеп и за некое време не ќе го гледаш сонцето!“ И во истиот миг паднаа на него мрак и темнина; и тој одеше наоколу и бараше луѓе, кои ќе го водат. Тогаш проконзулот, откако виде што стана, поверува, восхитувајќи ѝ се на Господовата наука.