Дела 11:19-30
Дела 11:19-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Во меѓувреме, христијаните што се беа распрснале поради прогонствата што настапија по убиството на Стефан, и беа стигнале до Феникија, Кипар и Антиохија, не им ја проповедаа Радосната вест на другите народи, туку само на Евреите. Имаше само неколкумина од Кипар и Кирена, кои, откако стигнаа во Антиохија, им проповедаа и на Грците дека Исус е Господ. Силата Господова беше со нив и голем број поверуваа и се обратија кон Господ. Кога за ова слушнаа луѓето од ерусалимската црква, го испратија Барнаба во Антиохија. Тој дојде и, восхитен од Божјата благонаклоност, се радуваше и ги охрабруваше сите да Му останат верни и посветени на Господ. Барнаба беше добар човек, исполнет со Светиот Дух и со силна вера. Тогаш голем број луѓе се приклонија кон Господ. Потоа Барнаба замина за Тарс да го бара Савле, па кога го најде, го доведе во Антиохија. Цела една година останаа таму. Се собираа во црквата и поучуваа многу народ. Токму во Антиохија следбениците на Христос првпат ги нарекоа христијани. Во тоа време од Ерусалим во Антиохија дојдоа неколку пророци. Еден од нив по име Агав претскажа преку Светиот Дух дека по целото Римско царство ќе настапи голем глад. Тоа навистина и се случи во времето на Клаудиј. Тогаш христијаните во Антиохија решија секој, според своите можности, да им испрати помош на христијаните во Јудеја. Така и направија, испраќајќи ја помошта до тамошните старешини, преку Барнаба и Савле.
Дела 11:19-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А оние, што се беа распрснале поради гонењето до кое дојде по убиството на Стефан, стигнаа сѐ до Феникија, Кипар и Антиохија, и никому не му го проповедаа словото, освен на Јудејците. А некои од нив – Кипрани и Киринејци, штом пристигнаа во Антиохија, почнаа да им проповедаат и на Елините, навестувајќи го Евангелието на Господ Исус. И раката Господова беше со нив, та голем број луѓе поверуваа и се обратија кон Господ. Веста за тоа дојде до ушите на црквата ерусалимска. И тогаш го испратија Варнава да оди во Антиохија. А тој, кога пристигна, ја виде благодатта Господова, се зарадува, и ги бодреше сите да пребиваат во Господ со непоколебливо срце. Тој беше добар човек и исполнет со Дух Свети и вера. И значително мноштво луѓе се припои кон Господ. Потоа, Варнава тргна за Тарс да го бара Савле. И кога го најде, го доведе во Антиохија. И цела година тие се собираа во црквата и поучуваа големо мноштво луѓе. Во Антиохија за прв пат ги нарекоа учениците христијани. А во тоа време слегоа од Ерусалим во Антиохија некои пророци. И еден од нив, по име Агав, претскажа преку Духот дека по целата вселена ќе настане голем глад. И токму таква голема и настана во времето на царот Клавдиј. Тогаш учениците решија, секој, колку што има, да испрати за поткрепа на браќата, што живееја во Јудеја. Тоа го направија, така што го пратија собраното до старешините преку Варнава и Савле.
Дела 11:19-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А оние, кои беа распрснати заради гонењето, по Стефана, поминаа сѐ до Феникија, Кипар и Антиохија, не проповедајќи му го никому Словото, освен на Јудејците. А некои од нив беа Кипарци и Киринејци, кои - кога дојдоа во Антиохија - им зборуваа и на Грците, навестувајќи Го Господа Исуса. И Господовата рака беше со нив и голем број поверува и Му се обрати на Господа. И кога веста за нив дојде до ушите на црквата во Ерусалим, го испратија Варнава во Антиохија. Тој дојде и ја виде Божјата благодат, се зарадува и ги опоменуваше сите да останат во Господа со одлучно срце. Имено, тој беше добар човек, полн со Светиот Дух и со вера; и големо множество се присоедини кон Господа. Тогаш отиде во Тарс да го побара Савла; и кога го најде, го доведе во Антиохија. И така, цела година се собираа во црквата и поучија големо множество. И прво во Антиохија учениците ги нарекоа христијани. Во тие денови пророци од Ерусалим слегоа во Антиохија. И едниот од нив, по име Агав, стана и објави преку Духот, дека ќе биде голем глад по целиот свет; која и беше при Клаудиј. Тогаш учениците одлучија - секој според своите можности да им испрати помош на браќата во Јудеја. Тоа и го направија, испраќајќи им на старешините преку Варнава и Савла.